Владата на Република Северна Македонија остро ги демантира наводите дека на централниот настан организиран во Куманово по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, наместо државната химна е пуштена партиска химна, се наведува во денешната реакција од Владата.
– Оваа манипулација на јавноста со невистини, е срамно однесување и сквернавење на државниот празник, и покажува основно непочитување на државата, институциите и државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ која и на таков голем ден за државата, наместо достоинствена почит кон празникот, одбира да шири невистини и да ја доведува јавноста во заблуда, се подвлекува во соопштението од владината прес-служба.
Настанот по повод чествувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, посочуваат од Владата, беше јавен, отворен за граѓаните, беше пренесуван во живо на Националната радио телевизија, и на настанот беа присутни голем број медиумски екипи но и граѓани кои го проследија во целост.
– Видео материјалите од преносот во живо, во нивната интегрална форма, се достапни на каналите за комуникација на Владата на Република Северна Македонија и на истите е многу е јасно видливо дека со интонирањето на државната химна на настанот е означен почетокот на свеченоста во Куманово, на која обраќање имаше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Воедно, јасно е видлива целосната културно-уметничка програма, настапот на сите културни уметници, како и изведуваните музички нумери, се вели во соопштението.
Целосниот настан кој се состоеше од положување свежо цвеќе од страна на присутните делегации, како и свеченоста по повод државниот празник, пренесуван во живо, можете да го проследите на следниот линк: https://www.youtube.com/live/_uuet_MiunU?si=ENIDa1C01tJYlypv
– Од приложеното, јасна е фактичката состојба дека изнесените наводи од страна на ВМРО ДПМНЕ се лажни и единствено имаат за цел да го нарушат угледот и достоинството на институциите и носителите на јавни функции на Владата на Република Северна Македонија. Токму затоа, бараме повлекување на информацијата од сите медиуми кои ја имаат објавено, а со цел вистинито, прецизно, јасно и точно информирање на јавноста, стои во реакцијата од Владата.
Оваа Влада, како што се наведува во соопштението, пристапува кон организација на државните празници со огромна почит и токму затоа и големиот државен празник, 11 Октомври – Денот на народното востание, беше одбележан со пригодни свечености и богата културно-уметничка програма во организација на Владата, а под мотото „Непокор и слобода“. Како и сите чествувања од 2017 година досега, се посочува во соопштението, и ова чествување на големиот празник беше државничко и достоинствено.
Централната манифестација по повод државниот празник 11 Октомври беше одржана во Куманово, со положување на свежо цвеќе од страна на Владината делегација, како и со пригодна, свечена програма на која свое обраќање имаше претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Дополнително, во Скопје владина делегација положи свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, како и на споменикот „Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата. Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, во Прилеп владина делегација положи свежо цвеќе и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, како и пред Могилата на Непобедените.
– Инсистираме јавноста да се информира преку факти, а не со лаги и манипулации чија единствена цел е собирање ситни, дневнополитички поени и нарушување на угледот на институциите кој оваа Влада макотрпно веќе 6-та година активно работи да ја возобнови и развива. Потсетуваме дека до 2016-та, во времето на 11 години владеење на ВМРО ДПМНЕ, институциите во државата беа означени како заробени институции, во хибриден режим, без никаква медиумска слобода за професионално и слободно известување и финално комуникација со јавноста преку партиските тела и канали, се вели во соопштението од владината прес-служба.
„Старите практики на манипулација и непочитување на институциите од страна на ВМРО ДПМНЕ очигледно продолжуваат, и токму затоа апелираме до медиумските работници, за сите прецизни и точни информации, врзани со работата на институциите и одбележувањето на државните празници, да се обратат директно во институциите или пак во Владата на Република Северна Македонија“, стои во соопштението.