Владата најостро демантира дека биле скратени стихови од химната при пречекот на Петков

Владата најостро ги демантира и ги отфрла како дезинформации објавите на повеќе медиуми и портали според кои наводно намерно биле изоставени делови, односно стихови од државната химна „Денес над Македонија“ за време на официјалниот пречек на бугарскиот премиер Кирил Петков.

„Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија согласно воениот и државен протокол се ангажира при пречек на странските државници на највисоко ниво при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали“, објаснуваат од Владата.

Оттука, велат, дезинформација е дека химната или стихови од химната биле скратени од било кои причини специфично за оваа посета.

„Дезинформација е дека било кој стих од химната бил скратен, бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии. Ова е востановена пракса во протоколите за пречек, како во Северна Македонија, така и во светски рамки. Дека химните во вакви прилики се изведуваат без вокали и само во инструментална кратка верзија може лесно да се утврди при прегледување на снимките на сите претходни пречеци на државници на највисоко ниво кои ја посетувале Република Северна Македонија достапни на Јутјуб каналот на Владата. Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација“, реагираа од Владата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

Од Владата воедно доставуваат примери од други државни настани каде химната е изведена на идентичен начин како денес.

- Реклама -