Под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“, Владата од денеска преку информативно-едукативни активности „ќе ги мотивира граѓаните да штедат струја“, односно, како што велат од „Илинденска“, ќе презентираат корисни информации како граѓаните поефикасно да ја користат електричната енергија и на тој начин да штедат.
„Енергетски ефикасните сијалици заштедуваат и до 90 проценти електрична енергија. Одржувањето на температурата на 22 степена, наместо на 25 степени, заштедува до 10 проценти електрична енергија. Краткото туширање заштедува вода, струја и пари на вашата сметка“, истакна портпаролот на Владата – Душко Арсовски, наведувајќи примери со кои преку едукативните активности планираат да поттикнат штедење струја.
Според некои експертски анализи, наведе Арсовски, доколку се почитуваат овие и други препораки, може да се заштеди струја и до 50 проценти.
Порака за штедење упати и Виктор Андонов, соработник на Владата за енергетика, истакнувајќи дека во овој процес се многу важни граѓаните, институциите и компаниите и дека секој треба да направи мала промена во домот или на работното место кое ќе значи многу за енергетскиот систем.
Енергетскиот биланс за производството на струја од ЕСМ покажува дека вчера потребите на домаќинствата и на малите потрошувачи се задоволени со домашно производство од 10.786 мегават часови и набавена струја во износ од 3.110 мегават часови. Во термоелектраните се произведени 7.834 мегават часови, а од обновливи извори на енергија 2.952 мегават часови струја.
Владата донесе План за штедење со конкретни насоки за сите органи на државната управа, а заштедата на државните институции што почнаа да го применуваат планот од 1 септември, како што беше објавено, изнесува 20 проценти.
Извор: МИА