На вчерашната, 143-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил, велат од Владата.
Во соопштението се вели дека двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува, велат од Владата.
На седницата е одлучено и да се прифатат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Поддржан е и предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.
На седницата е одлучено и „решително да се забрза“ работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија околу значајните теми од нашата заедничка историја, како Гоце Делчев, Илинденското востание и други, велат од Владата. Од комисијата се бараат реални резултати до крајот на 2019-та, во однос на содржината на учебниците. Притоа, прифатено е Комисијата, во своето работење, строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот со Бугарија, според кои е неопходен “придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”.