Владата го скрати финансирањето на политичките партии за повеќе од две третини

Ковид-19 епидемијата во земјава ги удри по џебот и политичките партии. На вчерашната 70-та владина седница, Владата одлучи да го намали финансирањето од буџетот за политичките партии за 2020 година.

Со Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, согласно Законот за финансирање на политичките партии, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се намалуваат и ќе изнесуваат 0.04 проценти наместо 0.15 проценти од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Северна Македонија, соопштија синоќа од Владата.

Ако претходно на партиите требаше да им бидат исплатени 320 милиони денари (околу 5.2 милиони евра), со оваа уредба со законска сила, на партиите во 2020 година треба да им се исплатат вкупно 71.480.556 милион денари, односно околу 4 милиони евра помалку, со што за нив останува нешто повеќе од 1 милион евра, објаснуваат од Министерството за правда.

Ваквото кратење, како што велат од Владата, е со цел спречување на дополнително оптоварување на Буџетот и претставува една од економските мерки кои се преземаат за справување со последиците од коронавирусот КОВИД-19.

Финансирањето на партиите беше зголемено во 2018-та година, кога беше изгласано наместо 1.8 милиони евра да добиваат 4.5 милиони евра од буџетот.

 

- Реклама -