Премиерот Христијан Мицкоски пред одржувањето на владината седница рече дека лиценците за онлајн казината се незаконски и со нивно одземање ќе се реализира предизборното ветување
Владата на денешната седница донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во Република Северна Македонија, соопштија од владината прес-служба.
„Поради неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување, Владата ја разгледа и усвои информацијата во врска со потребата за престанување на Друштвото за приредување на електронски игри на среќа, Нова Државна видео лотарија НОВО ВЛТ ДОО – Скопје и друштвата за приредување интернет игри на среќа, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – 77 БИТС ДОО Скопје и Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – ВЕЗУВ ДОО Скопје, во кои содружник е АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија и преземање активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа на Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје. Се задолжува Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје да ги преземе потребните активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа од глобалната интернет мрежа, согласно Автентичното толкување на членот 7 ставови (2), (3) и (4) од Законот за игрите на среќа и забавните игри“,
информираа од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски пред одржувањето на владината седница рече дека лиценците за онлајн казината се незаконски и со нивно одземање ќе се реализира предизборното ветување.
„Денеска на седница на Влада се одлуките за онлајн казината, усогласени со закон. Да, тоа што беше предизборно ветување денеска ќе се реализира, тие лиценци кои се незаконски според нас, а и според начелното правно мислење кое го добивме од ресорот, ќе бидат одземени“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Ѓорче Петров.
Одлуката на Владата следи откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.
Според нив, овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.