Просечната исплатена нето-плата по вработен во август годинава изнесувала 28.642 денари и е за 4% повисока од истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика. Зголемување се должи, велат, пред сѐ, на повисоката просечната месечна исплатена нето-плата во секторите: Стручни, научни и технички дејности (14.0 %), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13.4 %) и Други услужни дејности (12.6 %).
Од Владата посочуваат дека тоа е зголемување од 1.107 денари во однос на истиот месец минатата година, но и зголемување во однос на јули годинава, кога платата изнесувала 28.540 денари.
„Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите, кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата“, порачаа од Владата, од каде додаваат и дека, согласно последниот податок, во споредба со август 2017 година (кога изнесувала 22.912 денари) просечната плата пораснала за 5.730 денари.
„Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30%, сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“, стои во соопштението од владината прес-служба.
Растот во август, според Државниот завод за статистика, се должи, пред сѐ, на повисоката просечна месечна исплатена нето-плата во секторите: Стручни, научни и технички дејности (14.0 %), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13.4 %) и Други услужни дејности (12.6 %).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство (5.5 %), Уметност, забава и рекреација (3.6 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3.1 %).