Нема грешка во логото по повод 30 години од независноста на државата кое беше презентирано денеска, демантираат од Владата, откако на социјалните мрежи и во дел од медиумите се појавија бројни коментари дека е погрешно прикажано знамето, односно бројот на краците на знамето.
Од Владата објаснуваат дека на „МК30“ логото воопшто не е претставено знамето, потсетувајќи дека користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон.
„Логото за јубилејот ’30 години независност’ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон!“, се вели во демантот.
Претходно од Владата соопштија дека дизајнот на логото е инспириран „од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој“, како и дека „на традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност“, стоеше во соопштението.