Oдлуката за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат. Цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто, велат денеска од Владата.
Од владината прес-служба посочуваат дека корекција на цените се прави од денеска, а ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување, како што велат, се очекува кај маслото за јадење – и до 10 отсто, кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука.
„Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните. Заклучно со 30 септември 2022 година за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало“, се наведува во владиното соопштение.
Од Владата потенцираат и дека во периодот кој следи интензивно ќе продолжат контролите за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите соодветно да се санкционираат. Владата и во иднина ќе ја следи состојбата и доколку условите на пазарот тоа го налагаат, ќе се разгледа можноста одлуката да се продолжи за до крајот на 2022 година, порачуваат од „Илинденска“ бр. 2.