Студенти, хуманитарни работници, граѓански активисти, интелектуалци, новинари, преведувачи и нивни семејства се меѓу неколкуте стотини бегалци што земјава ќе ги прими од Авганистан, а кои бегаат од своите домови под закана од Талибанците, смируваат од Владата.
За разлика од големите мигрантски бранови со кои се соочи и нашата земја пред неколку години, овојпат не се работи за мигрантска или бегалска криза, туку само за неколку стотини бегалци кои привремено ќе бидат згрижени на македонска територија, велат од Илинденска бр.2.
Овие лица во Македонија треба да пристигнат до крајот на неделава, со повеќе летови, а координацијата и организацијата на нивното пристигнување се врши претежно преку американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ). За нивно спроведување до локациите каде што ќе бидат сместени, задолжени се Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Со одлуката на Владата, сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјава ќе бидат ослободени од од трошоци за издавање визи.
Македонските власти беа меѓу првите кои понудија помош за овие луѓе и нивните семејства, кои се под закана од ликвидација од страна на Талибанците кои завладеаја со Авганистан набргу по повлекувањето на меѓународните мировни сили.
Од Владата потенцираат дека нема да има никакви бегалски кампови, туку дека овие луѓе ќе бидат згрижени во неколку македонски хотели и мотели, а трошоците за нивното сместување и престој целосно ќе бидат покриени од страна на САД и неколку меѓународни организации, сѐ до заминувањето на овие лица до трети земји како нивна крајна дестинација.
Оттаму, од Владата апелираа и да не се шират дезинформации и страв во јавноста за наводни бегалски кампови и илјадници бегалци. Споредувајќи ги со оние од пред неколку години според кои во Македонија требаше да се доселат 5 милиони Африканци, што не се случи, од Владата велат дека и овие дезинформации се класични лаги лиферувани од пропагандата на радикалните десничарски структури во земјава.
„Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации – како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти“, порачаа од Владата.