Вкупните побарувања од арбитражните постапки што се водат против државата се милијарда и 365 милиони евра

Вкупните побарувања од арбитражните постапки што се водат против државата изнесуваат милјарда и 365 милиони евра без затезни камати. Активни се седум постапки од 2017 до 2022 година кои ги води Националното тело за следење на арбитражните постапки, а основот поради кој се покренати е од пред 2017 година. Две од нив се сметаат за успешно завршени, а останатите се во различна фаза на постапување.

Во почетна фаза е спорот со италијанската „INSO sistemi“ со која од страна на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беше потпишан договор за изградба на Клиничкиот центар. Договорот беше еднострано раскинат во 2018 година поради што се бара отштета од 18 милиони 943 илјади американски долари.

Арбитражната постапка е покрената минатата година, но одлуката формално не стигнува до домашните институции. Во овој момент, како што брифираат од Националното координативно тело, се бара смена на нашиот арбитер.

Државата треба да плати отштета и на грчката „Хеленик петролеум“ која бараше 42 милиони долари, а досудено е да се исплатат 21.167 милион долари, односно половина од побарувањата. Требало да следи уште едно тужбено барање 2012-2019 година, но Арбитражниот суд досудил позитивно за државата и одлучува дека „Хеленик петролеум“ веќе не е во можност да поведе арбитражна постапка затоа што нема доволно докази за да поведе ваква постапка.

Ова, според Националното координативно тело, значи дека државата заштедила околу 20 милиони долари кои требало да ги исплати како отштета, а фактот дека се оневозможени да поведат нова постапка значи дека на некој начин се заштедени уште дополнителни 50 милиони евра кои би можеле да бидат побарани.

Најголем и најдолг спор е оној покренат од словенецот Блажо Тасец кој бара отштета од 492 милиони евра за наводна неоснована експропријација на рудникот Саса.

Актуелна постапка е и спорот што го покрена фамилијата Скубенко кои бараат отштета од 77 милиони евра поврзана со концесија за локалитетот „Казандол“. Постапката е покрената по негативниот референдум на кој во 2017 година жителите се изјаснија против отворањето на овој комплекс.

Како прв случај добиен од страна на државата е спорот со „Cunico Resours“ од 21 декември 2017 година, случај за кој е тужена државата по основ дека незаконски спровела стечајна постапка за „Фени“. На државата ѝ се исплатени три милиони долари во 2020 година.

Со позитивен исход се оценува и спорот со „Бинами“ од 3 август 2017 година за концесијата за рудниците во Злетово која во 2020 година ја повлекува тужбата со што Арбитражниот суд одлучува да и се исплатат на државава судски трошоци во висина од 650 илјади евра и 123 илјади за адвокатски такси. Исплатата е во тек.

Во однос на изборот на адвокатските фирми кои се ангажираат во овие постапки и зошто меѓу нив нема македонски адвокатски компании, од Националното координативно тело информираат дека тие се бираат од листата на најдобро рангирани во светот каде нема македонски адвокатски компании.

МИА

- Реклама -