Минатата недела, “Катар 365” ја вброи работата на македонската дизајнерката Ирина Тошева во селекцијата за избор на најдобри визуелни уметнички искуства во Доха, од “Меѓународниот фестивал на уметност во Катар” и иницијативата “World Wide Walls”. Во конкуренција на повеќе од 300 уметници од над 60 земји, визијата на Тошева за одржлив моден дизајн вклопена во колекцијата „Сихронија“ инспирирана од бруталистичко Скопје, ги освои Катарците. Оваа млада дизајнерка која во своите дизајни користи рециклирани материјалите како што се парчињата стакло собирани на плажата и по нарачка од нив прави копчиња на јакни, се обидува ( и успева) да и даде на модата нова димензија. Нејзиниот талент заедно со нејзиниот активизам во многу сегменти од општеството, ја ставија нејзината мода во улога на менување на општеството. Модата вели Тошева, ако правилно се усмери може да прави многу големи промени и да помогне на многу луѓе.
Со Ирина разговаравме за импресиите од Катар, за модниот свет и инспирацијата, но и за одржливоста на модата и нејзината улога во креирањето на едно поздраво и поубаво општество.
Минатата година, во ноември месец Тошева ја претстави најновата колекција „Сихронија“, на “Катар Арт фестивал”, кој беше во склоп на културниот сегмент на Експо во 2023 година.
– Бев дел од изложбениот дел на овој настан, но исто така имав и модна ревија. Катарците беа многу возбудени, многу им беше интересна целата приказна со бруталистичко Скопје, претставено во природа, затоа што на некој начин секогаш кога им раскажував детали за колекцијата правев компарација и со сите тие големи градби кои ги имаше во Доха и пустината која ја имаат што излегува на море, таа компарација многу им се допаѓаше. Но, исто беа фасцинирани и од одржливоста во најситните детали, како камчињата кои ги користев во колекцијата – вели Ирина.
На прашањето каде ја наоѓа инспирацијата за секоја наредна колекција, таа едноставно вели, инспирацијата ме наоѓа мене. Во постојаното истражување на светот околу неа, секоја нова колекција израснува во нешто посебно.
– Секогаш си наоѓам некоја тема која ме скокотка и тема што сакам да ја истражувам. Сметам дека живееме во земја која има неисцрпно културно наследство, неисцрпни приказни, најразлични уметници и артисти со кои што со задоволство соработувам и секако занаетчии со кои работам. Се трудам секогаш пред се таа приказна да ми биде интересна и на мене, да биде не само инспиративна, туку и да носи една голема, длабока порака и за јавноста и за моите клиенти – објаснува Ирина.
Ова дизајнерка и уметница нема омилено парче облека. За неа секоја колекција си има некоја своја тежина, независно дали била прикажана надвор од границата на нашата земја, па добила некоја награда, дали била соработка со некој уметник, дизајнер, занаетчија или пак бил некој проект од каде што излегле жени кои потоа започнале свој бизнис.
– Мислам дека на крајот на денот најважно ми е чувството да си легнам среќна и срцето да ми е исполнето и душата да ми е мирна. Дека сум помогнала и дека сум направила нешто убаво за целата земја – вели Ирина.
Она што е интересно за неа е пристапот кон модата од аспект на одржливост. Ирина користи природни памучни материјали пријатни на телото и лесни за одржување.
-Со текот на времето, почнав да дознавам што всушност значи одржливост и да сватам дека целата моја работа и сето она на кое што сум насочена на некој начин е одржливост. И да читам што повеќе за тоа и како концепт да станува се поприфатливо и потемелно застапено. И така секоја колекција, значи покрај приказната, предизвик ми е да најдам некој нов материјал. Тоа за мене е нов материјал со најразлични еколошки сертификати со тоа што ми се гарантира дека секој што ќе го носи, ќе се чувствува убаво, ќе биде лесен за одржување затоа што и боите кои се користени се еколошки, значи нема да има некакви алергии или нешто лошо да се случи на кожата, ќе биде пријатно, а сепак и на некој начин ќе има некоја гаранција дека сите луѓе кои учествувале во правење на тој материјал биле фер платени, затоа што модата за жал е многу експлататорска индустрија – смета Ирина.
Она што е непобиден факт е дека во сиот свој сјај и гламурозност, модата за жал е меѓу топ 5 индустрии кои највеќе загадуваат. Додека се давиме насекаде во ѓубре, често гледаме и стари облеки фрлени во контејнерите или покрај контејнерите низ градот.
-Луѓето мора да станат што повеќе свесни, да вложуваат во парчиња кои се квалитетни, кои ќе бидат подолготрајни, затоа што за жал модата веќе произведува само повеќе, повеќе, и повеќе. Сето тоа е се понеквалитетно за што побрзо да го фрлиме и да си купиме нешто ново. Сега имаме и многу големи промени кои ќе се случуваат во Европската Унија, што значи дека постепено ќе се случуваат и кај нас и ќе мора веќе секој бренд, независно дали работи еколошки, да почне да работи еколошки – објаснува Тошева.
Она што е особено интересно за оваа македонска дизајнерка е што нејзиниот активизам на полето на правата на жените, на маргинализираните заедници, на животните и во многу други сегменти во општеството, е еднакво познат како и нејзините модни парчиња. Ирина Тошева од самите нејзини почетоци се обидува да ја стави модата во улога на креирањето на едно поздраво и поубаво општество.
-Ме нервираше на почетоците кога некој ќе ми кажеше: „ Лесно ти е тебе, си шиеш фустанчиња“, или: „Модата е само убаво фустанче за матура, за свадба, за некоја свеченост“ и мислам дека баш тие зборови па и ме подтурнаа да покажам дека модата може да прави многу големи промени, дека може да помогне на многу луѓе и дека сите треба да делуваме заедно и да покажеме дека може да направиме нешто подобро. Проектите кои ги работам покрај покрај колекциите, обучуваме жени да шијат, да плетат, да го подобрат својот бизнис, да напредуваат, како нивните изработки да се продаваат. Сметам дека ги окуражуваме и исто им помагаме да застанат на свои нозе. Сметам дека секогаш може да се направат големи промени, само треба упорност. Само со еднаш зборување не се прават промени.
Многу ми е драго кога ќе добијам некој убав коментар на социјалните мрежи, како некој ќе ми каже: „Еј благодарение на тебе, фала, ја дознав оваа организација, па донирав кај нив“ или им помогнав некако. Значи многу е важно да зборуваме, да си помагаме едни со други , колку и да звучи како некое клише. Туку баш онаа поддршка, да си подаваме рака и да направиме промени- вели Ирина. По успешата 2023 година таа со дава малку одмор на почекот на годината за да се посвети на магистарските студии по зелена економија и одржлив развој. Потоа вели треба да се договори првично сама со себе на што точно ќе работи и каква ќе биде колекцијата за оваа година. Она што е сигурно дека е дека ќе биде нешто возбудливо.