Вистинските социјалдемократи никогаш нема да ги прифатат повиците на лажните патриоти на ЗНАМ, велат од СДСМ

„Срамно е и жално да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ, како министри и послушници во влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешните пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат“, велат од СДСМ

Вистинските социјалдемократи кои се борат со срце и со душа за остварување на социјалдемократксите вредности никогаш нема да ги прифатат повиците на лажните патриоти од ЗНАМ. Максим Димитриевски за неколку фотелји и градоначалничка функција стана слуга и продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

Ова е реакцијата од СДСМ на вчерашната порака од портпаролот Никола Мемов на Движењето ЗНАМ – За нашата Македонија, кој честитајќи го изборот на Венко Филипче за нов лидер на СДСМ, посочи дека партијата го отвара вратите за нови членови од СДСМ, каде, според него, членуваат многу чесни луѓе, кои ја сакаат Македонија.

„Срамно е и жално да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ, како министри и послушници во влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешните пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат“,

велат од СДСМ.

Тие се единствената вистинска опозиција, како што се вели во соопштението, која се бори да се спречат штетните политики на владата на Мицкоски и неговиот сателит ЗНАМ.

Портпаролот на ЗНАМ, Мемов, рече дека му го честитаат изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.

Тој рече дека директорот на фондацијата „Заев“ и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.

„Од вкупно 80 000 члена на СДСМ, за гласање се регистрирале околу 23 000, а на гласање излегле околу 12 000 члена. Со 9 000 гласа за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател Ковачевски беше избран со околу 40 000 гласа. Самата постапка на регистрација, каде што системот за евиденција ненадејно крахира на неколку часа и одзивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерство и безидејност“,

рече Мемов.

Мемов рече дека ЗНАМ со своето учество во Владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите нема да бидат исти во Македонија.

- Реклама -