Сепак, вистинската приказна не е така забавна. За разлика од фиктивниот свет на Сунѓерот Боб, на атолот Бикини живееја вистински, неанимирани луѓе. Овој остров е дел од Маршалските Острови, кои имаат свој посебен јазик, култура и општество. Бикинијанците беа дел од ова општество.
Во 1946, САД ги присили луѓето од Бикини „привремено да се преселат“, за да може армијата да почне со нуклеарните тестирања на островите. Им беше кажано дека мораат да заминат „за доброто на човештвото“. Беа пратени на Ронгерик – група ненаселени острови, без адекватни извори на храна и вода, со површина од една шестина од тоа што го зафаќаа Бикини. САД ги истоварија луѓето на брегот со залихи за неколку недели, и заминаа. По само два месеца, Бикинијанците умираа од глад и неухранетост и молеа да бидат вратени дома, немајќи појма за нуклеарната деструкција која се случуваше во меѓувреме. Се разбира, нивните повици беа игнорирани, и тоа траеше цели две години.
Конечно, владата го започна процесот на преселба на Бикинијанците на еден друг остров – Уџеланг. Десетина Бикинијанци беа пратени таму за да ја почнат конструкцијата на нивното ново општество. Но, два месеца подоцна, нивните надежи одново паднаа во вода. Овој пат Американците имаа избрано нова, втора локација за тестирањата. Наместо Бикинијанците, на новоизградениот остров Уџеланг беа пратени луѓето од новата тест-локација – Еневетак.
Во 1948, Бикинијанците конечно беа ослободени од Ронгерик и беа испратени на атолот Кваџалеин, каде што живееја во шатори веднаш до бетонскиот воен аеродром. Шест месеци подоцна повторно беа преместени, на островот Кили, каде што повеќето живеат и денес.
Островот со површина од 93 километри квадратни многу се разликуваше од нивните родни атоли на кои беа навикнати, па нивните методи на риболов и култивација на храна беа безмалку неефективни. Гладот одново стана секојдневен проблем, а луѓето мораа да се потпираат на американското Министерство за агрикултура, кое повремено ќе им дадеше по некој пакет ориз и друга храна во конзерви. Кили е подложен и на поплави, урагани и тајфуни. Набрзо, Бикинијанците го нарекоа Кили – „Островот Затвор“.
Во меѓувреме, нуклеарните тестирања на Бикините продолжија, кулминирајќи во најголемиот тест од 1954-тата, наречен „Castle Bravo“, во кој беше детонирана нуклеарка 1000 пати помоќна од атомската бомба фрлена во Хирошима. Ударот беше посилен отколку што предвидуваше американската влада, па радиоактивниот отпад се прошири низ целите Маршалски Острови, покривајќи ги нивните жители. Последиците по здравјето и денес ги мачат овие луѓе и нивните потомци.
Поминаа декади, а дури во 1969-та американскиот претседател Линдон Џонсон најави дека тогашните 540 Бикинијанци ќе можат да се вратат дома. Американската Атомска енергетска комисија објави извештај во кој се истакнуваше дека нема преостанато речиси никаква радијација на Бикини, и дека не биле најдени никакви загрижувачки ефекти врз растителниот или живиот свет. Бикинијанците поверуваа, па во 1972 се вратија да живеат на родните острови. Но, во 1978-та, тестовите што ги спроведоа американските физичари открија дека нивото на радијација кај 139 од луѓето е многу над дозволеното, па Бикинијанците уште еднаш беа евакуирани.
До ден денес домородните жители на Бикините бараат компензација од владата на САД за уништувањето на нивниот дом, пред сé Америка да го исчисти хаосот што го создаде, за да можат да се вратат дома. Има и поскромни (или можеби пореални), кои бараат само подобра здравствена грижа за своето семејство. Таков е Симон Џамор, меѓу чии најблиски има четворица болни од рак. Освен фиктивните жители на Бикини Ботом во цртаниот филм Сунѓерот Боб, атолите Бикини се речиси целосно ненаселени.