Продолжува растот на цената на струјата на берзите. Деновиве цената на еден MW на унгарската берза Hupex.com се искачи на над 500 евра. Високите цени на енергенсите, особено на струјата, продолжуваат да прават притисок на цените на чинење на стоките и услугите. Имајќи предвид дека енергијата има голем удел во структурата на трошоци на скоро сите стоки и услуги, растот на цените ќе продолжи.
Како резултат на високата цената на струјата се зголеми и цената на градежните материјали во земјава, но и во соседството. Од почетокот на годинава, цементот се продава со дополнителен варијабилен додаток за електрична енергија, која се пресметува согласно берзанската цена на струјата.
Варијабилниот додаток е транспарентно истакнат, како и начинот за неговото пресметување. За разлика од компаниите од повеќето земји во Европа и во регионот, кои добиваат струја по пониска субвенционирана цена, македонските компании, плаќаат висока, берзанска цена на струјата. Тоа особено важи за градежната индустрија.
За разлика од правилата за водење на бизнис кај нас, во Бугарија, Србија, Турција и на неколку други пазари, компаниите плаќаат 75 до 120 евра за MW. За истата количина на струја македонските компании плаќаат помеѓу 400 и 500 евра, а во слична ситуација се и компаниите од градежниот сектор во Косово и Албанија.
Бугарските производители на цемент плаќаат 13 евра струја по тон, а македонските 40 евра по тон. Ваквата состојба ја загрозува и конкурентноста на македонските компании, кои имаат неколкупати повисоки трошоци на производство од компаниите во регионот.
Стопанската комора на Македонија веќе на неколкупати алармираше дека цената на струјата може да доведе до затворање на многу компании. Комората излезе со конкретни барања за излез од енергетската криза и спас на реалниот сектор, со што се бараат конкретни одлуки за помош на компаниите пред претстојната зима. Меѓу другото бизнис заедницата бара зголемување на домашното производство, олеснување на приклучување на мрежата за фотоволтаични централи и враќање на уредбата целокупното производство од фотоволтаици да биде наменето за бизнис секторот.