Виртуелна прошетка по „Скопје 2014“ за едно евро

Наскоро, на странските туристи ќе им биде овозможено да направат виртуелна прошетка низ „новото“ Скопје, за цена од само едно евро.


Туристите ќе имаат можност за влез во сите музеи, хотели, цркви, џамии, ресторани, клубови, галерии и другите туристички објекти. Покрај визуелниот приказ, тие ќе можат да прочитаат дел од историјата – се наведува во денешното издание на “Вест“.

Обиколката на културните објекти ќе биде придружена од аудио водич, а пред секој објект ќе има каса на која туристот ќе треба да плати од едно до пет евра, во зависност од големината на објекотот кој сака да го посети.

Оваа можност се нуди по комплетирањето на проектот „Скопје 3Д“ изработен од фирмата „4Д Феникс Визија“. Културното и природното богатство на Скопје и неговата околина ќе биде достапно на повеќе јазици на веб страната www.skopje-3d.mk. Страницата веќе е достапна на македонски јазик и е бесплатна за сите граѓани.

„Идејата не е да не доаѓаат туристи во Скопје, туку да видат за што треба да го посетат градот. Проектот е направен и за луѓе кои живеат тука, а не се доволно запознаени и информирани за историјата на градот и неговата околина. Сега ги промовираме само објектите во централното градско подрачје, а планираме во иднина да ги презентираме сите делови од Скопје каде има локалитети кои вредат да се посетат”, вели Васил Петровски, директор на „4Д Феникс Визија“.

- Реклама -