Британски капиталист им се дере на текстилни работнички во фабрика во Романија

„Британски“ шеф на текстилна фабрика во Паулести, Романија, е тајно снимен додека им се дере на работничките и ги нарекува „животни“, „ѓубриња“ и „селани“.

Се работи за Елефтериос Ванелис, за кој се смета дека има двојно, кипарско-британско државјанство. Сценава се случува откако Ванелис ги информира вработените дека платата им е во процес на подготовка, но дека ќе доцни. На реакциите на дел од вработените, Ванелис инстантно реагира со „Заќутете! Не сум заинтересиран да го слушам вашето срање!“ и „Можете веднаш да си заминете без плата, или да чекате како цивилизирана личност!“. Оттаму само се влошува: „Да ви кажам нешто! Преку глава сте ми! Начинот на кој се однесувавте вчера… Вие сте ебени животни!“; па продолжува во „ОДВРАТНИ СТЕ! ЕЈ! ЕЈ! ОДЈЕБИ! ОДЈЕБИ! АКО НЕ ТИ СЕ ДОПАЃА, МОЖЕШ ДА ОДЈЕБЕШ!“.

Во останатиот дел од тирадата, Ванелис им се заканува со откази на тие „со големи усти“, а ги потсетува останатите работнички дека во другите фабрики е многу полошо. „Таму уште ги чекаат платите од Божиќ“, поентално истакнува Ванелис, и ги прашува „како не им е срам вака да му прават за плата што доцни само еден ден“. Додуша, кога првично им соопштува дека ќе треба да ја чекаат платата, во видеото, Ванелис никаде не спомнува дека се работи за еден ден. А и тоа што „вчера се однесувале како животни“ алудира дека проблемот не трае баш еден ден.

Како и да е, тирадата продолжува со: „ЗНАЕТЕ ЛИ ШТО, ВИЕ ЕБЕНИ ИДИОТИ? ТРОШАМ 10.000 ЕБЕНИ ФУНТИ МЕСЕЧНО! ЗОШТО? ЗАРАДИ ВАШАТА ПОСРАНА РАБОТА! СИТЕ ВИЕ СТЕ ЕБЕНИ ИДИОТИ! НИКОЈ ОД ВАС НЕ Е БЛАГОДАРЕН!

Ситуацијава се расчу откако видеото беше споделено на Reddit. Во меѓувреме му се закачија неколку светски медиуми, а очекувано, и романски. Работата стигна до Територијалниот инспекторат за труд во Прахова, кој моментално го истражува случајот. Социјалните мрежи, пак, се полни со мемиња и карикатури од Ванелис со „Хитлер“ бркови.

- Реклама -