Вино – модерна трагедија

wine-walk-slide

Рајан Опаз е инсајдер во винската индустрија. Се има сретнато и познава некои од најголемите имиња во денешниот свет на вината, со дел од нив има соработувано, има одржувано конференции, има судено на вински натпревари, има кроено маркетинг стратегии за винарии, блогира за вино повеќе од 10 години и секојдневно пие вина што ни ние, ниту тој, не можеме да си дозволиме.

Виното е супер. Не само што ги подмачкува разговорите, туку содржи и некоја посебна мистика. Луѓето сакаат да го познаваат виното – ги прави да изгледаат покултивирани. Рестораните го играат истото оро – му доделуваат повисок статус дури и од храната што ја служат, а неспоредливо повисок од коктелите и пивата. На виното се гледа како на нешто што треба да се научи, да се осознае.

Ама постои една реалност што индустријата не сака многу многу да ја експонира: нема нешто многу што треба да се научи. Во модерно време, еден од главните фокуси на винариите, кога започнуваат со производство на ново вино, е да му помогнат на неедуцираниот потрошувач да пронајде подобро вино, да го најде правото вино за него. Со други зборови, винската индустрија сака да го натера обичниот човек да се потресува околу совршеното вино, истовремено верувајќи во својата лага дека на обичниот човек тоа му е навистина важно…

Рајан има куп пријатели што не се дел од винската индустрија. Пијат вино секој ден, и им се допаѓа. Не секогаш знаат што вино пијат, речиси никогаш не знаат каква приказна се крие зад истото и постојано ги мешаат називите на типовите грозје за називи на вински региони. Сеедно, пијат вино, се смеат и си поминуваат убаво.

Кога ќе се појави Рајан на забавата, одеднаш ситуацијата е поинаква. Го прашуваат: „Рајан, добро ли е виново?“ и чекаат негова потврда за нивниот произволен избор. Токму тоа е моментот кога Рајан се срами од индустријата од која е дел. Луѓето што кога тој не е во собата уживаат во било кое вино, одеднаш паничат кога во собата ќе влезе експерт, плашејќи се да не бидат критикувани за својот избор. Тие, обичните луѓе, се научени дека постои точен одговор на прашањето: „Добро ли е виново?“. Винската индустрија ги има научено дека постои точен одговор. Има научено цела една генерација дека постои можност да уживаш во погрешно вино и дека правото е тешко да се најде.

Рајан дава добра аналогија: „Сакам автомобили. Не знам ништо за автомобилите. Не знам да поправам ниту еден дефект, освен можеби дамка на седиштето или дупната гума. А сепак, сакам автомобили. Не можам да речам дека знам некоја марка или модел. Не можам да ти кажам кој од моите пријатели вози каков бренд. Немам појма околу внатрешното функционирање на автомобилската индустрија. А пак сакам да возам, особено во живописни предели. Погоди што! Кога ќе наиде некој што знае многу за автомобили, никогаш не го прашувам дали ми се допаднал правиот автомобил. Никогаш не ги прашувам дали навистина уживам во оној што го возам или дали сум згрешил при изборот. Не ми е гајле. Едноставно уживам во возењето и тоа е тоа“.

Вистината за виното е: и јас и ти сме како Рајан и автомобилите. Сакаме да пиеме нешто свежо и нешто да не расположи додека сме во станче кај другарка или во дворче кај пријатели. Кој треба да се замара околу тоа што пиеме? Само јас и ти.

„Локај, лигави го ако сакаш. Ако сакаш сркај со лажица или пиј со цевка. Мешај го со Фанта, не ми е гајле. Се смееш додека го правиш тоа? Се смеат твоите пријатели заедно со тебе? Супер. Значи си го направил како што треба“, советува Рајан.

„ …А ако си од оние типови што сакаат приказни, факти и бројки и сакаш да откриеш нешто ново, прави го тоа колку ти душа сака. Расправај за нивото на киселост и винските рејтинзи. Пиј според датумот на производство и забавувај се. Оди и на курсеви, зошто да не. Вклучи се, посвети се…

…Од тебе барам само едно нешто: Те молам, не препоставувај дека твоето новопронајдено знаење е на било каков начин апсолутно. Не претпоставувај дека твојот школуван палатум е подобар од непцето на другите. Дефинитивно не претпоставувај дека твоето идеално вино е идеално и за другите. Не е. Сите имаме различни непца и вкусови, културни истории, детски спомени и омилени оброци и пијалоци. Не сме исти. Нема совршено вино. Нема ‘право вино’“.

На целава работа, Рајан гледа вака: колку повеќе консумери се убедени дека го избрале погрешното вино, толку помалку продадени вина – генерално. Фактот е дека вкусот и преференците на потрошувачите се нормата, а не нешто што допрва треба да се научи или нешто што може да се згреши. На винските фанови не им требаат нови вина за пронаоѓање; на винариите им треба да пронајдат нови потрошувачи. Наместо тоа, наместо да ги признаат своите грешки во маркетирањето, винариите успејаа да го убедат мнозинството дека прави нешто погрешно (скоро) секогаш кога купува вино. Поголема трагедија во светот на виното – тешко.

- Реклама -