Викторија Бекам нема веќе да настапува со „Spice Girls“, а британските медиуми тврдат дека останатите членки се спремаат да се вратат на сцената без неа.
Модната дизајнерка дефитивно го напушти бендот, а нејзините четири колешки Гери Халивел, Мелани Браун, Ема Бантон и Мелани Кришолм, наводно планираат да направат телевизиска емисија во која ќе бараат нејзина замена, тврдат некои таблоиди.
Портпаролот на Бекам потврди дека оваа мајка на четири деца нема повеќе да настапува:
„Викторија никогаш не криеше дека нејзините денови како пејачка се готови, затоа што има големо семејство и успешен приватен бизнис. Уживаше како членка на бендот и сите девојки и посакуваат среќа во што и да одлучи да работи“.
„Spice Girls“ имаа одличен настап на затворањето на Олимписките игри во Лондон.
„Девојките мислат дека може уште многу да остварат и знаат дека постојат голем број обожаватели кои и понатаму сакаат да ги гледаат. Во идеалниот свет Викторија би била дел од тој план, но таа се откажа“, рекол неименуван извор близок на бендот за „Mail Online“.
„Spice Girls“ станаа славни во 1996 година кога нивниот сингл „Wannabe” го зазема првото место на топ-листите во преку 30 земји. Гери го напушти бендот во 1998 година, а останатите членки продолжија да настапуваат до 2000 година. Седум години подоцна сите пет пејачки повторно се собраа и тргнаа на светска турнеја. Меѓутоа, Викторија во меѓувреме стана успешна модна дизајнерка и мајка на четири деца, па нема време за пеење.