Во црквата „Св. Софија во Охрид“, вечерва (10 август), со почеток во 21 часот ќе биде одржана „Швајцарска вечер“, во рамките на која ќе настапат пијанистот Алексеј Ботвинов, виолинистот Себастиан Борен и виолончелист Патрик Деменга.
Во рамките на концертот ќе бидат изведени делата на Моцарт, Брамс и Шостакович.
Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Тој настапувал во повеќе од 46 земји низ светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други. Во 2020 Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ која му ја доделува Швајцарската влада…
Борен е виолинист кој внимателно му приоѓа на репертоарот, избирајќи најчесто интерпретации на дела од класичната и романтична ера, дела од ХХ век и нови, современи композиции. Во 2022 Швајцарската фондација на школите за виолина му ја додели наградата „Златно гудало“, а германскиот печат го опишува како „еден од најсериозните, директни музичари на неговата генерација“.
Деменга, (1962) неколку години работи како раководител на Чело-фестивалот „Вива чело“ во Базел, а уметнички раководител е на серијата концерти со име „Четири годишни времиња“ во Блуменштајн, како и на фестивалот во Меиринген. Добитник е на наградата „Златно гудало“ во 2001, а особен афинитет има кон современата музика
На 11 август, пак, во црквата „Св. Софија“, во 21 часот, концерт ќе одржат сопранистката Ванже Жанг (Кина) и пијанистот Дејан Синадиновиќ (Србија).
Тие во рамките на програмата ќе ги изведат делата на Шуман, Жоу, Шанде, Хуанг и Черепнин.
Жанг е истакната кинеска сопранистка, чија вонвременска убавина на нејзиниот глас ги надминува географските граници.
Дејан Синадиновиќ е пијанист и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград. Тој има издадено 3 ЦД-а за шпанската издавачка куќа КНС Класикс и 12 ЦД-а за „Анима рекордс“ во Париз…