“Идиот”, покрај другите дела на Достоевски, се оценува како едно од најбрилијантните достигнувања на руското “златно доба” во литературата. Ликот на кнезот Лав Николаевич Мишкин е еден од најубавите ликови во историјата на литературата, а од белешките на Достоевски дознаваме дека тој е инспириран од ликот и идеалот на Христос.
Овој роман го напишал во странство, надвор од својата обожавана и проколнувана Русија, истовремено соочувајќи се со еден од најтешките периоди во својот живот – изгубил многу пари на рулет (неговата најголема страст) и западнал во големи долгови, но за да биде судбината уште посурова – неговата тримесечна ќерка Софија (Соња) умрела на тримесечна возраст. Можеби токму затоа во овој роман провејува толкав гнев, најмногу преку ликот на Иполит.
Кнезот Мишкин е епилептичар, како што бил и самиот Достоевски, и страда од постојани напади, иако се лекувал во Швајцарија. Него авторот го претставува како бескрајно добар и детски наивен, со што заслужил другите да го нарекуваат идиот. Тој е синтеза на најпозитивните човечки карактеристики, со таквите својства се оцртува како лик спротивставен на револуционерно настроената руска младина.
Во “Идиот” повеќе отколку во сите негови дела, е претставена трагичната и невозможна љубов, која е невозможна само поради тоа што самите ликови прават да биде таква.
Исто како и во другите негови дела, и во овој брилијантен роман Достоевски ја прикажува разновидноста на човековите карактери (добродушни, горди, надмени, површни…), но и судирот на доброто и злото внатре во самиот човек (ова е најдобро претставено преку ликовите на Рогожин и Настасја Филиповна).
Во писмото до својата внука Иванова, објаснувајќи го својот роман, Достоевски напишал: “Главната мисла на мојот роман е – да се наслика позитивниот, прекрасен човек. Нема ништо потешко на светот од тоа. Oсобено денес…Тоа е задача безмерна… Прекрасното е идеал, а идеалот, ниту нашиот, ниту оној на цивилизираната Европа, ни оддалеку не е оформен…”
Ако сакате да почнете со читање на Достоевски, почнете со “Идиот”, потоа едноставно ќе морате да прочитате сè.
Aвтор: Наташа