(ВИДЕО) Зошто 11 години од почетокот на градбата, патот од Скопје за Сопиште преку Водно служи само за пешаци и моторџии

Од инвеститорот, Јавното претпријатие за државни патишта, ни испратија детална хронологија како во изминативе десетина година морало да се прават измени во текот на градбата поради свлечишта и одрони. Тоа, пак, повлекувало промени во документацијата, што не секогаш и не веднаш било прифаќано од Министерството за транспорт. Во моментов, тече жалбена постапка

Од друга страна, патот преку Припор кон јужната страна на Водно е во очајна состојба, така што квалитетот на врските на главниот град со околната општина е несразмерно низок споредено со се поголемиот број викендаши, но и постојани жители во Сопиште

Во 2013 година владата на чело со Никола Груевски започна проект за изградба на регионален пат кој требаше од Центар, околу планината Водно, да го поврзе градот Скопје со општината Сопиште и најавуваната елитна населба „Сончев град“.

Експресно се изгради, во рок од три години се изгради патот, дури неофицијално беше најавено и пуштање во употреба во 2016 во јуни месец“,

вели градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски.

2016 помина, а како следен рок за пуштање се споменуваше 2017… Власта се смени, патот се изгради, но и неколку години подоцна 4,5-те километри кои ја чинеа државава 7,5 милиони евра, се користат само за да се оди пешки… или евентуално со мотор. Овие барикади се сигнал дека не може да се помине со автомобил.

Зошто патот се уште е само скапа патека за пешаци?

Од инвеститорот, Јавното претпријатие за државни патишта, ни испратија детална хронологија како во изминативе десетина година морало да се прават измени во текот на градбата поради свлечишта и одрони. Тоа, пак, повлекувало промени во документацијата, што не секогаш и не веднаш било прифаќано од Министерството за транспорт.

Кога ЈПДП ја почнува последната постапка за измени во тек на градба, во текот на 2023 година, од Транспорт не се согласиле. Дополнително, Министерството им го одбило и барањето за продолжување на рокот за градба кој во меѓувреме истекол. Па, во моментов, тече жалбена постапка.

ЈПДП, за да може да почне постапка за добивање на одобрение за употреба пред Министерството за транспорт и врски, неопходно е да се продолжи важноста на Одобрението за градење, односно рокот за изградба на регионален пат Р-2138, врска на регионален пат Р-2134, со населба Сончев Град од страна на Министерството за транспорт и врски, па потоа да се спроведе постапка за измени во тек на градба за изградба на регионален пат Р-2138, врска на регионален пат Р-2134, со населба Сончев Град и да добие и решение за измени во тек на градба од Министерството“,

велат од ЈПДП.

Зошто доцни патот, прашавме и во Министерството за транспорт и тоа уште пред две недели. И покрај ургенциите, не добивме никаков одговор.

Општината Сопиште е дом на многумина „викендаши“ кои најчесто доаѓаат да одморат во текот на летните денови и викенди. Но, во општината има и се повеќе постојани жители – скопјани кои решаваат да го заменат градскиот бетон со зеленило, по цена и на подолго патување до Скопје.

Во моментов, од Сопиште до централното подрачје на Скопје се доаѓа по само два пата – обата водат преку населбата Кисела Вода, но едниот прво минува низ населбата Припор, а вториот преку „Тефериќ“.

Токму затоа, отворањето на регионалниот пат беше идеално решение и за кратење на времето за патување, а со тоа и трансформација на Сопиште како добра локација за живеење во Скопје.

Луѓето сакаат да градат домови и да живеат во Сопиште, но капацитетите наши во струја, вода и патишта се ограничени и спрема тоа ние ја водиме нашата урбана политика. Главна артерија ќе биде сообраќајна која ќе го растерети сообраќајот, овој пат претставува поврзување со Центар, го избегнувате Припор и Кисела Вода ако сакате да дојдете до тој дел од градот“,

вели Трпковски.

Градоначалникот Трпковски, како и од ЈПДП, вели дека патот бил изграден за три или четири години, но објаснува и дека на една од делниците се појавил проблем на чија санација се работело дополнителна година.

Ги знаеме информациите што се случувале во тек на градба, да речеме решение за измени во тек на градба, немам информација дали имаат добиено со цел да се поклопи проектот со изведената состојба, исто така имаше проблеми во однос на косините кои не беа обезбедени и свлечиштето кое се реши со овој потпорен ѕид“,

кажа Трпковски.

Обидите на Трпковски да дознае зошто патот не се пушта во употреба досега биле неуспешни. Не успал да стапи во контакт со надлежните Министерството за транспорт и во ЈПДП.

Интерес за ова прашање пројавил и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски. Според него, претходната власт немала слух за барањата на граѓаните за пуштање на патот во употреба. Додава дека патот ќе биде една од приоритетните теми за кои ќе разговара со новиот министер за транспорт и негов сопартиец, Александар Николоски.  

Има, точно, свлечишта на одредени позиции и тоа се потези, не е тоа квантна физика да не може да се решат. 21 век сме, знаеме дека има методи и начини како сите работи да се решат. Знаете како, и во една куќа во која живееме ако дваесет години не влеземе во истата и ја оставиме забот на времето да го јаде, истото ќе го доживее и куќата тоа што го доживеал и патот и некои други проекти што се оставени да ги јаде забот на времето“,

изјави Ѓоргиевски.

Дополнителен притисок за новиот пат преку Водно да проработи е што попушта една од вкупно двете врски за Скопје. Улицата „Мариовска“, на одредени делници е во катастрофална состојба. Во асфалтот буквално има кратери кои се доволно големи да направат штета на возило ако не се внимава.

Таа улица не е во надлежност на ЈПДП или Транспорт, туку на Општина Кисела Вода. Орце Ѓоргиевски објаснува дека проблемот тлее со години поради создавањето на свлечишта од изворите на Водно. Неговите претходници инвестирале во поправки, вели тој, но никој не си ја завршил работата до крај.

Ако не до крајот на оваа година, од следната ќе започнеме со реконструкција на истото, но тоа ќе биде темелна реконструкција, со подземно средување на подземната инфраструктура, на водите прифаќање, соодветна дренажа, реконструкција на тротоарот кој е во многу лоша кондиција и состојба, недозволување одрони да се случат, заштита со мрежа на целиот потег и реконструкција соодветна по прописи на целиот тој потег“,

заклучи Ѓоргиевски.

Или, се на се, општината на која своевремено и се кроеше судбина на идно елитно живеалиште, може да се пофали дека е поврзана со три пата до централното подрачје на Скопје. Само што, едниот е изграден но не е пуштен во употреба, друг пропаѓа поради подземни води и е се понебезбеден за поминување. А последниот? Тој го носи товарот на засега неисполнетите ветувања.

- Реклама -