ВИДЕО: Започна имунизацијата во Македонија, први се вакцинираа најстариот инфектолог и главната сестра на Инфективна

Денеска, во 10 часот, во модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, и официјално започна имунизацијата против ковид-19 во земјава. Вакцинацијата, како што е предвидено со националниот план, започна со здравствените работници.

Првата вакцина од производителот „Фајзер“, од оние кои ни ги отстапи Србија, ја прими најстариот инфектолог на Инфективната клиника – 60-годишната примариус д-р Добринка Наунова Јовановска. Веднаш по неа, вакцина доби и главната сестра на Инфективна, Габриела Темелковска. Аплицирањето на првите вакцини беше пренесувано и во живо, на официјалните профили на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче:

„Ја примив вакцината. Се чувствувам одлично. Самото аплицирање на вакцината е безболно. Препорачувам секој од нас да прими вакцина, по сопствен избор, независно од кој производител, зашто тоа е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција со која се бориме последнава година, со која цел свет се бори, а и ние богами добро се истрениравме“, изјави Наунова Јовановска, која во борбата со пандемијата интензивно работи на комуникација со матичните лекари, како и на лекување на пациенти со други инфективни заболувања сместени на други клиники.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи дека втората доза ќе ја прими за 21 ден и дека иако главно варира од човек до човек, очекува за две до три недели да развие антитела. Додаде и дека примањето на втората доза ќе претставува големо олеснување за неа, од аспект на тоа дека ќе биде посигурна дека многу полесно ќе се справи со инфекцијата доколку случајно дојде во контакт со некој заболен.

„Тоа што сум примила вакцина за мене ќе биде една голема сигурност и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина. Индивидуално е кај секого кој колку ќе развие антитела и кој колку и каков тип на имунитет ќе створи, со колкав интензитет, меѓутоа, главно 95% е заштитната моќ на оваа вакцина и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95% заштитени“, истакна Наунова Јовановска.

„Јас ја примив вакцината и се чувствувам одлично. Ги поканувам сите да се пријават да се вакцинираат“, изјави и главната сестра Темелковска. Одговарајќи на новинарско прашање, таа истакна дека вакцината ќе значи и сигурност од аспект на тоа дека ќе се намали бројот на новозаболени и полека ќе почнеме да се враќаме во нормален живот.

Пунктот во модуларната болница има шест вакцинални позиции и ќе работи во две смени од 8 до 20 часот. Денес се очекува да се вакцинираат 260 здравствени работници.

Како што најави министерот Филипче, согласно планот, по медицинскиот персонал на Инфективна, на ред се вработените од сите ковид-центри, почнувајќи од оние во Скопје – ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле и Интерните клиники, а потоа и болниците ширум државата и приватните болници.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

За почеток, ќе се вакцинираат по 300-350 здравствени работници од вкупниот капацитет на пунктот во модуларната болница, кој изнесува 500 вакцинации дневно. До пристигнување на следните количини вакцини, кога ќе се распределуваат и во другите градови, вакцинацијата ќе се одвива само во Скопје, меѓу другото и затоа што персоналот овде е веќе обучен.

Сепак, и со ова темпо Филипче очекува за многу брзо да бидат вакцинирани сите здравствени работници, со оглед дека, како што посочи, од „Фајзер“ му било најавено дека преостанатите околу 4.000 вакцини од Србија ќе пристигнат следната недела. Тој и денеска го повтори очекувањето што го изрази во вчерашното интервју за „Сител“ – дека за 7 до 10 дена ќе се вакцинирани сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти во државата и Македонија ќе стане една од ретките во Европа од овој аспект.

За медиумите, министерот за здравство потенцираше дека е направена добра огранизација со цел кога еднаш ќе започне, вакцинацијата веќе да не запре.

„Системот добро функционира. Започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ре-вакцинацијата после три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени, после што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Ова е еден систем којшто исто така беше дел од тренингот. Посакувам успешна имунизација, направивме организација – еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација“, рече Филипче, најавувајќи и кампањата за зголемување на свеста:

„Ние ќе ја започнеме и кампањата за подигнување на свесноста за вакцинација. Многу е важно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни, без разлика од кој производител доаѓаат, дека се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин да ние ја смениме сликата на пандемијата, не само ние туку сите земји во светот“, додаде министерот.

Досега, како што информира Министерството за здравство, над 70 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање, од кои околу 50 илјади преку онлајн апликацијата, а 23.808 преку матичните лекари и системот „Мој термин“. Од пријавените, околу 4.000 се здравствени работници.

 

- Реклама -