(ВИДЕО) За што се би сакала новата влада да го менува Уставот?

Новата извршна власт засега е децидна дека нема намера да го отвора Уставот заради внесување на Бугарите, но ако внимателно се чита програмата за работа на Владата, Уставот ќе се отвора за неколку други прашања. На пример, за да се намали бројот на пратеници на 90. Повеќе во видеото

Со 77 гласа „за“ Собранието минатиот викенд ја изгласа новата влада. А министрите треба да работат согласно програмата, која претходно, заедно со предлогот до владата, ги достави мандатарот Христијан Мицкоски.

Меѓу најсериозните ветувања во владината програма, за кои патем малку или воопшто не се зборуваше ниту во Собранието ниту во јавноста, се оние за уставни измени. За што ќе се отвора Уставот и дали има согласност од сите коалициски партнери?

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ сега е министер за дигитална трансформација. Во предизборниот период, пак, работеше на предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, чија содржина, во најголем дел, се најде и во владината програма. А во новата владина програма „наголемо“ е отворена врата за измени на највисокиот правен акт на државава.

Измените наведени на страница 27 се однесуваат на веќе најавените реформи во судството:

Од програмата на Владата 2024 – 2028

А малку подолу во програмата се предвидени и серија други измени.

„Владината програма, можам да кажам, има два дела – едниот дел кој произлегува од ингеренциите на владата, а кој ќе значи една реформа за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и таму имаме преодно решение коешто е во еден измеѓу период и имаме едно крајно решение, кон коешто ќе целиме како влада, а тоа е да имаме промена на Уставот во делот на начинот на избор на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и вториот елемент за којшто се задржуваме во владината програма е тоа дека владата ќе иницира сеопфатна дискусија, и јавна дебата и експертска дебата, но и сериозна дебата во Собранието за заложбите коишто ние ги имавме како политичка партија, а сега се преточени во владината програма, а тоа е, на пример, Собрание коешто би имало 90 пратеници, намалување на прагот за избор на претседател во вториот круг од 40 проценти или да се избрише како праг или да биде некој многу понизок праг, воведување на изборен систем во којшто Македонија ќе биде една изборна единица со соодветен праг којшто наликува на праговите во државите во соседството или државите од Европската Унија, и сето тоа би било процес којшто ќе трае во Собранието и во кој ќе го поканиме Собранието да го води тој процес“,

вели Андоновски за „360 степени“.

Стефан Андоновски – ВМРО-ДПМНЕ

Дел од овие измени на Уставот кои ги немаше во предизборните партиски програми, веќе беа предмет на анализа во „360 степени“. Во минатата емисија, во соработка со Центарот за управување со промени, констатиравме дека ако во програмата за работа на владата влегоа ветувања поврзани со Уставот кои ги немаше во предизборието, во неа ги нема дел од предизборните ветувања на коалицијата „Вреди“. На пример, за редефинирање на Северна Македонија како земја на две мнозински заедници, македонската и албанската, формирање албанска банка и формирање албанска Академија за науките и уметностите. А, го нема и клучното – промена на Уставот како дел од пристапниот процес кон Европската Унија, чекор за кој „Вреди“ тврдеше дека ќе бидат гаранти во новата влада.

„Претпоставувам дека некој процес во однос на отворање на Уставот ќе ни претстои и од оваа влада, но не го гледаме конкретно дека ќе се однесува на барањата за внесување на Бугарите во Уставот. Дополнително, во програмата на ВЛЕН стоеше дека уште во првата година ќе бидат направени овие измени и тоа токму со цел членство во ЕУ, тоа како таква конкретна мерка не гледаме сега“,

кажа Белчева-Ристевска, програмска координаторка во ЦУП.

Па, како власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ планира да протурка уставни измени за судството, за Собранието и други прашања, без да го исполни клучното барање на ВЛЕН, барем декларативно?

360: Зарем мислите дека тие би поддржале вакви измени без да се вклучи и тој дел?

АНДОНОВСКИ: Наша заложба е да успееме во евроинтеграциите и тој процес да го водиме врз основа на рамноправна и реципрочна основа, нешто за што се залагаме и во владината програма и тоа ќе значи наоѓање алтернативи и решенија, коишто ќе значат задржување на достоинството на македонскиот национален идентитет и гарантирање дека процесот нема да биде дополнително условуван.

360: Еве може и да цитираме, владата силно ќе се залага за изнаоѓање на решенија во прилог на придвижување на процесот, без притоа да прифати диктат на трети држави. Како го замислувате ова?

АНДОНОВСКИ: Околу прашањето за коалиционите партнери, секоја уставна реформа предвидува барање на широка поддршка, не сметаме како влада дека можеме сите промени да ги направиме одеднаш и да ги направиме 100 проценти по угледот на тоа што се нашите заложби и размислувања, но стоиме отворени да започнеме дискусија и да видиме кон што таа дискусија ќе конвергира.

„360 степени“ во неколку наврати се обиде да добие изјава од претставник на Коалицијата „Вреди“ за овие прашања. Откако не успеавме со двајцата портпароли, се обративме до владин функционер, како и до пратеник. Функционерот немаше време, а пратеникот не беше подготвен оти за дел од заложбите во владината програма слушна првпат од нас, иако во неделата гласаше за новата влада.

Минатата недела, пак, од коалицијата „Вреди“ ни рекоа дека не сметаат оти нивните барања „извисиле“. Велат, успеале да обезбедат силно динамизирање на евроинтеграциите, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, како и економски реформи. За други прашања, отвориле дебата и чекаат развој.

„Сите сме свесни дека македонската страна има свои грижи и бара дополнителни гаранции, а во исто време, сите сме свесни дека без ВМРО-ДПМНЕ уставните промени не можат да се случат. Затоа, нема да се однесуваме наивно и како нашата политичка конкуренција да продаваме демагогија, туку сме јасни и прецизни. Во разумен рок очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да го соопшти планот под кои услови ќе се спроведат уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ им вети на своите гласачи дека ќе се обиде да обезбеди дополнителни гаранции оти уставните измени се последниот услов за суштинско отворање на преговорите за конкретните поглавја“,

кажаа од Коалицијата „Вреди“.

360: Разговаравме и со дел од пратениците од коалицијата „Вреди“ и тие се изненадени за некои од работите коишто се наведени во владината програма – првпат од нас слушнаа, на пример, за намалување на бројот на пратеници.

AНДОНОВСКИ: Јас ја почитувам многу посветеноста на новинарите да ја читаат и анализираат програмата со истата посветеност, голем број новинари и новинарски медиумски…

360: Но, очигледно не сите пратеници ја прочитале.

AНДОНОВСКИ: Мислам дека задача на пратениците е да бидат попосветени во анализа и на програмите и на законите во Собранието и вистински да ги анализираат, критикуваат, бранат во Собранието, да ги анализираат.

360: Беа консултирани „Вреди“ за програмата?

AНДОНОВСКИ: Беа консултирани за програмата, секако. И политичката партија ЗНАМ и Коалицијата ВЛЕН од повеќе политички партии.

Владата допрва ќе треба да носи и годишни програми по кои ќе реферира и во кои ќе мора да предвиди конкретни средства и рокови. Останува отворено прашањето дали во четиригодишниот мандат ќе се случат уставни измени. И какви.

- Реклама -