(ВИДЕО) Тргнавме со стар пасош во Хрватска и Унгарија за да провериме – пуштаат ли во Шенген со Република Македонија?

Од земјава во соседна Србија влеговме со лична карта, бидејќи македонските гранични служби не поучија дека во Србија нема да не пуштат со пасошите со старото уставно име, Република Македонија

Одговорот кој го баравме 500 километри на север беше – дали со стар пасош, со името Република Македонија, може да се помине пред хрватските и унгарските гранични служби. Бидејќи тие се дел од Шенген зоната, влезот во Хрватска или Унгарија со стар пасош значи и слободно патување низ стариот континент со стар пасош

Пред две недели тестиравме дали со документи на кои стои старото име на земјава – Република Македонија може да се помине на граничните премини со Србија и со Косово.

Ќе ме пуштат со стара лична карта? Да, до каде одиш?

360°: Прешево, а што за негде друго нема да ме пуштат?

Со пасош нема да те пуштам ни јас.

360°: Ни вие нема да ме пуштите со стар пасош?

Не.

360°: А со лична карта – да?

Да, само нема да те пуштат ако потоа излегуваш од Србија. Нема да ве пуштат во Хрватска.

360°: А на Косово ако одиме преку Србија ќе не пуштат?

На Косово – да.

Сега целта ни беше поинаква – да тестираме дали со пасош со старото уставно име Република Македонија може да се влезе во Европската Унија и дали е можно  слободно движење во шенген-зоната. Се одлучивме да одиме на мини-турнеја до Хрватска преку Србија, па оттаму, преку Унгарија и Србија, повторно да се вратиме во Македонија.

Тргнавме тројца од Скопје кон граничниот премин Табановце со Србија. Попатно немаше поголема раздвиженост, а таква слика не пречека и пред излезот од земјава.

Се приближуваме до граничниот премин, спреми ги документите, те молам. Пасошите се тука, три. Два се со Северна, едниот е со Македонија. Сообраќајната е со северна, одиме да пробаме дали може да влеземе“,

Иако при претходното тестирање ни беше укажано дека со пасош со Република Македонија не можеме да излеземе од земјава и овој пат на полицискиот службеник му приложивме документи со новото, но и пасош со старото име.

„На македонско-српската граница Табановце на македонскиот полициски службеник му дадовме три патни исправи од кои две беа со новото уставно име, а едно со Република Македонија. Откако ги прегледа пасошите ни го врати пасошот со Република Македонија велејќи дека со таков пасош не може да се излезе од земјава и дека единствено за излез може само со лична карта“,

Наместо пасош со старото уставно име, приложивме лична карта со името Република Македонија, што беше доволно да не пропуштат. Полицаецот на македонска страна ни објасни дека со стар пасош нема да не пуштат ниту во Србија, ниту во Хрватска. Прва шанса за проверка на едно од овие тврдења добивме на само неколку метри подолу.

Да ве прашам – со пасош македонски не може да се влезе со стариот Република Македонија?

Граничар: Не.

360: Не? Само со лична?

Граничар: Лична карта Република Македонија може, а пасоши само со Северна Македонија.

Колегата кој имаше стар пасош влезе во Србија со стара лична карта. Одговорот на нашите останати прашања решивме да го бараме на север, на излез од Србија кон Хрватска. Поранешната југословенска република, а членка на ЕУ од 2013 година, влезе во Шенген-зоната на први јануари минатата година.

Од влезот во Србија кај Прешево до српско-хрватската граница Бајаково- Батровци има околу 510 километри.

Преку Ниш, Белград и Сремска Митровица, по неколкучасовно возење пристигнавме пред портите на Европската унија и на Шенген-зоната. Пред нас на автопатот не пречека огромна колона камиони кои чекаа за влез во Хрватска.

Патничките автомобили, сепак, чекаат во друга колона, па лесно и без проблеми ја поминавме границата од српска страна. Колегата со стари документи излезе од Србија со личната карта со Република Македонија.

На ред дојде моментот на вистината – дали пасошот со старото уставно име ќе помине пред хрватските граничари?

Покрај укажувањата од македонскиот полициски службеник дека во Република Хрватска нема да ни биде дозволен влез со пасош на кој пишува Република Македонија, пред околу десетина минути ја поминавме српско-хрватската граница без притоа да имаме никаков проблем, односно двајца од нас имаат пасоши со новото уставно име, а еден со старото – Република Македонија. Со тоа, можеме слободно да се движиме понатаму во Шенген-зоната во Европската Унија“,

Ова е печатот на кој го пишува името на граничниот премин од хрватска страна „Бајаково“ и датумот на влез на пасошот со старото уставно име на колегата. Тоа значи и дека од тука па натаму, бидејќи во Шенген-зоната нема граници, може да патуваме каде ќе посакаме низ Европската Унија. Со стар пасош, на кој пишува Република Македонија.

Изморени од патувањето, решивме да одмориме и да преспиеме во најголемиот град во регионот Славонија во Хрватска – Осиек. Утредента, рано наутро, повторно тргнавме на пат.

За да не оставиме на случајност дека Хрватска е единствената земја која дозволува влез и излез во Европската Унија со пасош на кој стои Република Македонија, одлучивме да се вратиме преку граничен премин на друга земја членка на Унијата и на Шенген-зоната – Унгарија.

Онаму каде што до минатата година имало граница помеѓу Хрватска и Унгарија сега има остатоци од полициските куќарки, а унгарски полицајци и понатаму прават проверки на камиони кои влегуваат во земјата, но не и на автомобили. Нашите претпоставки беа дека на најголемиот српско-унгарски граничен премин Хоргош ќе има голема раздвиженост, па затоа одлучивме во Србија да влеземе на граничниот премин Томпа-Келебија кај Суботица.

И таму ги приложивме патните исправи со новото и старото уставно име и по неколкуминутно чекање од унгарските полициски службеници, проследено со стандардните полициски контроли и претреси на возилото, ни беше дозволен излез од Унгарија, без никаков проблем.

На ред беше влез во Србија, каде претходно, од граничната контрола на Прешево ни беше кажано дека влез во Србија со пасош со Република Македонија е невозможен. Но, и покрај тоа:

Иако вчера српски полициски службеник на македонско-српската граница ни кажа дека со пасош со името Република Македонија не е возможен влез во Србија, денеска се докажа токму спротивното односно на влез на унгарско-српската граница кај Суботица приложивме три пасоши од кои двата се со новото уставно име, а едниот со Република Македонија и без никаков проблем поминавме и влеговме во Србија“,

Откако ни беше дозволен влез во Србија со пасош со старото име, Република Македонија, со пасоши полни со печати, што од земји-членки на Европската Унија, што од Србија, тргнавме назад кон дома. Од влезот од северот на Србија, до излезот на југот кон Македонија ни претстоеја 583 километри, но и уште еден граничен премин кој требаше да го поминеме за да се вратиме назад во земјава – Табановце.

„За разлика од вчера кога на влез во Србија ни кажа дека со пасош со Република Македонија не можеме да оствариме влез во Србија или пак излез од Македонија денеска кога се враќавме токму на истиот граничен премин Табановце поминавме со пасош на кој пишува Република Македонија без притоа ниту српскиот ниту македонскиот полициски службеник да ни направат некаков проблем“,

Нашиот тест ни покажа дека, барем засега, со старите пасоши слободно може да се патува во Шенген-зоната, се разбира, не преку Грција. Услов за тоа е да ви биде дозволен излез од земјава со лична карта бидејќи со пасош со Република Македонија, тоа не е возможно.

Ова тврдење е точно за влез во Шенген преку Хрватска и Унгарија. Иако има информации дека и други држави членки на ЕУ и на Шенген го дозволуваат тоа, како што соопштија вчера од Делегацијата на ЕУ во земјава, секоја држава поединечно носи одлука дали ги прифаќа пасошите со старото уставно име.

Извор