(ВИДЕО) Скинато македонското знаме на прославата на албанското, СДСМ го осуди инцидентот

Според Кривичниот законик, во членот 238, за „тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Северна Македонија, нејзиното знаме, грб или химна“, предвидена е парична казна или затвор до една година

За време на вечерашната прослава на Денот на албанското знаме, низ улиците во дел од Скопје, било скинато македонското знаме, според видеа што се појавија на социјалните мрежи.

Откако неколку улици во делови од Скопје вечерва беа блокирани од колони возила, од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар на еден автомобил може да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла настрана.

Во коментарите под видеото револтирани граѓани бараат одговорност и санкции за уништувањето на македонското знаме. 

Според Кривичниот законик, во членот 238, за „тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Северна Македонија, нејзиното знаме, грб или химна“, предвидена е парична казна или затвор до една година.

За ваквиот однос кон македонското знаме вечерва ведаш пристигна писмена реакција од СДСМ. Оттаму најостро ги осудуваат инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.

„Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности“,

велат од СДСМ.

Од опозициската СДСМ бараат од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.

„Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани. СДСМ повикува на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации“,

се додава во партиското соопштение.

Вечерва по повод Денот на албанското знаме колони возила направија метеж во делови од Скопје

Свирежи, рафални пукотници и колони возила можеше да се видат и слушнат вечерва во делови од Скопје каде се славеше Денот на албанското знаме. 

Од возилата кои се движеа полека по скопските улици можеше да се видат граѓани кои излезени од прозорците или качени на покривите виорат албански знамиња.

Во центарот на градот забележително беше засилено полициско присуство.

Денот на албанското знаме денеска беше одбележан и во други градови каде мнозинството граѓани се етнички Албанци. 

- Реклама -