(ВИДЕО) САД го запленија авионот на претседателот на Венецуела

Американските власти рекоа дека авионот е венецуелски еквивалент на Air Force One и дека Мадуро го користел за државни посети во минатото

Соединетите Држави во Доминиканската Република го запленија авионот на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако утврдија дека американските санкции биле прекршени при купувањето на авионот. Според двајца американски официјални лица, претставници на американските власти денеска полетале со авионот за Флорида.

Американските власти рекоа дека авионот е венецуелски еквивалент на Air Force One и дека Мадуро го користел за државни посети во минатото.

„Ова испраќа порака до врвот. Тоа испраќа јасна порака дека никој не е над законот, дека никој не е над дофатот на американските санкции“,

изјави еден американски функционер за Си-ен-ен.

Авионот Dassault Falcon 900, вреден околу 13 милиони долари, се наоѓа во Доминиканската Република последните неколку месеци. Американските власти тесно соработуваа со Доминиканската Република, која ја извести Венецуела за заплената.

Претходно оваа година, САД повторно воведоа санкции за секторот за нафта и гас во Венецуела, откако владата на Мадуро одби да дозволи одржување на конкурентни претседателски избори. Откако Мадуро повторно победи на 28 јули, Венецуела ги прекина комерцијалните летови до и од Доминиканската Република.

Во март 2020 година, американското Министерство за правда ги обвини Мадуро и 14 сегашни и поранешни венецуелски функционери за наркотероризам, трговија со дрога и корупција.

- Реклама -