(ВИДЕО) Просечна плата 1 100 евра, минимална 600 евра – остварливи ли се ветувањата на СДСМ?

Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања во Владата, Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“ објаснува дека проекциите се реално остварливи. Како доказ, вели, служи фактот дека веќе е достигната просечна плата од 40 000 денари, што е повеќе од ветувањето кое го дадоа на изборите во 2020 година

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, тврди дека е неодржливо платата да расте со таа динамика додека БДП-то расте со стапки од околу 1%

Нема откажување од повисок животен стандард за сите. Гарантираме дека во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1 100 евра, а минималната плата 600 евра“.

Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ / Партиска конвенција (принтскрин)

Пред две недели лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, најави дека во фокусот на економските политики на неговата партија ќе биде европска плата. Односно 1 100 евра просечна и 600 евра минимална плата до крајот на мандатот на новата влада во 2028 година. Оттогаш функционерите на СДСМ не испуштаат шанса да го нагласат ова ветување.

„Согласно пресметките на економскиот тим, ова е нешто што е реално остварливо, односно постигнување на таа просечна плата од 1 100 евра“,

рече пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ на гостувањето во емисијата „Топ Тема“.

И ова ветување коешто го даваме за 1 100 евра просечна и 600 евра минимална плата е ветување коешто ќе биде реализирано на задоволство на граѓаните“,

потенцира членот на ЦО на СДСМ, Оливер Спасовски при гостување во Дневникот на Сител.

„Во наредните четири години просечната плата ќе ја зголемиме на рекордни 1 100 евра, а минималната плата на 600 евра“,

изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски на партиска прес-конференција.

Дали ветувањата за платите на СДСМ се реално изводливи или се само политички наддавања во пресрет на изборите?

Просечната нето-плата во државата за јануари годинава изнесува 39 542 денари, или, околу 640 евра. Тоа не е многу споредено со регионот, а особено не со ЕУ. Но, е значително повеќе од просечната нето-плата исплатена во јануари 2023 година, кога изнесувала 33 943 денари, односно 100 евра помалку. Ако, пак, се вратиме пет години назад, просечната плата во јануари 2019 година изнесувала 24 517 денари или 400 евра. Таков раст на платите за пет години, според податоците од Државниот завод за статистика, не е регистриран во последните две децении.

За да се оствари ветувањето на СДСМ – просечната плата да порасне на 1 100 евра до средината на 2028 година, што е околу 67 650 денари, годишно таа треба да расте по околу 6 250 денари, вклучувајќи го и периодот додека трае кампањата, изборите и формирањето влада.

Според потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, проекциите се реално достижни поради повеќе фактори, но најмногу поради планот за раст на продуктивноста. Вели, економскиот тим на СДСМ ги користел истите математики и во 2020 година за ветувањата со кои настапија на тие избори.

Денеска просечната плата во државата, сè уште не е изминат четиригодишниот период, ветувањето беше дадено јули 2020, ние веќе во декември 2023 имаме од 40.000 просечна плата достигнато. Врз база на истите анализи и метрики, истите метрики: зголемување на продуктивност, ефикасно работно место, раст на БДП, системска поддршка од страна на Владата, поддршка којашто доаѓа од различни меѓународни институции, значи е сет од различни места“,

изјави Битиќи.

Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ / фото: „360 степени“

Меѓутоа, ако податоците за растот на платите се вкрстат со податоците за инфлацијата, излегува дека двата периоди со најголем раст на платите во последниве две децении се проследени и со зголемена инфлација. Така било и во периодот 2007–2009, инаку период на големата светска финансиска криза, така било и во последниве две-три години, период на светската постковид и енергетската криза поради војната во Украина.

Па, дали може да се очекува дополнителен голем раст на платите, ако се знае дека инфлацијата се стабилизира?

Не треба да зборуваме за растот и инфлацијата при раст на платите, затоа што во пазарната економија се други параметри коишто едноставно треба да ги земете во предвид ако сакате да задржите работна сила и ако сакате да ја зголемите продуктивноста. Особено во помалку развиените земји платата е еден од факторите за продуктивноста. Во други, многу развиени земји, платата е фактор во продуктивноста, но не е клучна во продуктивноста и тоа не треба да го занемариме. За жал, ние ги гледаме платите како единствен фактор и велиме тоа е за да покриеш одредени трошоци во животот. Ние велиме, да тоа е така, благосостојбата и достоинствена плата за достоинствено работно место е клучното што треба да го обезбедиме како политичари, но притоа да ја зголемиме продуктивноста бидејќи економијата само со зголемена продуктивност може да испорача толкави плати“,

потенцира потпретседателот на СДСМ.

Во насока на пораст на платите, Битиќи упатува и на неискористениот потенцијал кај неактивното женско население.

„Ние имаме т.н. неискористен работен потенцијал во државата, кај жените. Во овој момент, за тоа никој не зборува, ја гледам и опозицијата и другите што се нудат на политичкиот пазар, преку 50% од работоспособното население жени не е искористено. Не се третира воопшто како потенцијална работна сила на пазарот. Тоа е сериозна бројка на луѓе која може сериозно да одговори на предизвиците во наредните четири години“,

дополни Битиќи образложувајќи како неговата партија претендира да дојде до ветените 1 100 евра просечна и 600 евра минимална плата.

За ветувањето на СДСМ, до крајот на мандатот на следната влада просечната плата да биде 1 100, а минималната 600 евра, став побаравме од Трајко Славески, министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2009 година, а сега член на Извршниот комитет на партијата.

Трајко Славески, поранешен министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ / фото: „360 степени“

„Ако се вратиме неколку години наназад, ќе видиме дека ваквото ветување е неодржливо. На пример, неодржливо е она што го имавме минатата година, да имаме раст на просечната плата од 16+% а во исто време БДП да порасне само за 1%. Во такви услови имате инфлација којашто го јаде тој номинален раст на платата. И треба конечно нашиот Завод за статистика или други институции да оперираат со средна плата или медијална плата. Тоа е онаа плата којашто ја зема работникот, 50% земаат помалку, 50% земаат повеќе. Затоа што просеците, како што гледаме, водат до само една илузија и не е реален одраз на животниот стандард. Затоа што голем број на вработени во РМ земаат плати под просекот“,

вели Славески.

Својот став дека иако пораснала платата не пораснал и стандардот, Славески го аргументираше и на социјалните мрежи. Во една пригода, објави и фотографија од купче пари и ролна тоалет хартија како симболика дека џабе СДСМ се фали оти платите се повисоки, ако со нив можат да се купат помалку работи.

Исто така, на социјалните мрежи, Фатмир Битиќи му врати дека дури и со инфлацијата, во последниве години има реален раст и на платите и на стандардот на граѓаните, за разлика од периодот кога Славески бил министер. Тоа не го смени мислењето на ексминистерот.

„Од минатото се гледа дека речиси целокупниот номинален пораст го изеде инфлацијата. Такво нешто може да се случи и во иднина со такви политики, каде што не се нуди еден одржлив модел, каде што, да речеме, ќе се сузбие сивата економија, ќе се сузбие корупцијата и ќе се најде начин на поддршка на она здраво ткиво, извозните сектори во РМ, што ќе доведе до повисока вредност. А секоја активност на зголемувањето на партиципацијата на женското население, се разбира, ќе придонесе за пораст на БДП, што не мора да значи дека ќе биде вработување со високи плати“,

дополни поранешниот министер за финансии.

Во предизборните ветувања има листа која личи на желботека, на двете страни. Ова е првиот коментар на Благица Петрески, извршната директорка на Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, и за ветувањата за платите на власта и за ветувањето за пензиите на опозицијата.

Благица Петрески, извршна директорка на „Фајненс тинк“

Сепак, се фокусиравме на темата на оваа сторија – просечна плата од 1 100 евра и минимална од 600.

До таква плата се стигнува исклучиво со повисока додадена вредност и со јакнење на продуктивноста. На ниво на економија тоа значи дека ќе имаме повисок БДП, не зборуваме за БДП од 1, 2 или 3 проценти, туку зборуваме за стапки на БДП коишто се на многу повисоко ниво. На ниво на една компанија тоа значи дека таа компанија создава, произведува повеќе или ако се занимава во одредена дејност каде што навистина може да има високи профитни маржи, може да има висока додадена вредност или на ниво на индивидуално лице тоа значи дека лицето со сопствените вештини може да се продаде соодветноили, на пример, ќе ги зајакнете вештините на лицата кои работат во нископлатежните дејности и заедно со инвестиции во технологија, вие ќе овозможите таа компанија да создава висока додадена вредност“,

смета Петрески.

Но, вели Петрески, такви предуслови во земјава не постојат. Зајакнувањето на вештините на работниците во нископлатежните дејности се со ограничен обем, а и фирмите се истрошени од кризата за да можат да влезат во инвестиции во технологија која би ја зголемила продуктивноста.

И на крај, доколку ние одлучиме дека сакаме да биде минималната плата 600 евра, да, возможно е. Со легислативно решение ќе направиме промена и минималната плата ќе биде 600 евра. Меѓутоа, на крај она што ќе го платиме, ако не ја создадиме додадената вредност, тоа ќе заврши со негативен исход. Дали е тоа негативен исход по повисок буџетски дефицит затоа што веројатно, бизнис-секторот ќе почне да бара субвенции, тоа ќе треба од некаде да биде платено. Или ќе биде по некоја друга цена, други индикатори. На пример, во изминатите две години ние се соочивме со сериозни стапки на инфлација, каде што, да, беа движени од други фактори, но во 10% од таа инфлација придонесе и порастот на минималната плата од 15 на 18 000 денари“,

заклучи таа.

Извор