(ВИДЕО) Пожар на планината над Шенѓин, постои опасност за објекти во кои престојуваат туристи

Бала вели дека само во текот на денешниот ден во општина Леже, каде се наоѓа и градот Шенѓин, се евидентирани пет пожари, а четири од нив се ставени под контрола

ФОТО: Принтскрин

Пожар во кој гори борова шума се заканува на едно од најпосетуваните летувалишта во Албанија, пристанишниот град Шенѓин. Дел од куќите во кои живеат мештаните, но и во кои престојуваат туристи се во опасност да бидат зафатени од пожарот.

„Пожарот во Шенѓин е со големи размери и работата на пожарникарите е отежната поради тешкиот терен. Пожарникарите се стационирани во близина на домовите за да не бидат загрозени животите на жителите“,

вели албанскиот министер за внатрешни работи Таулант Бала.

Во гаснењето на пожарот, како што може да се види во видеото објавено од Бала на неговиот фејсбук-профил, се гледа дека голем број пожарникари се вклучени во дејствувањето.

Според информациите што ги пренесуваат албанските медиуми, ветрот придонесува за ширење на пожарот и дополнително ја отежнува интервенцијата.

За гаснење, како што се наведува, се ангажирани противпожарни единици и од соседните градови, вработени во шумската служба, полицијата и армијата.

Причините за пожарот сѐ уште не се познати.

Бала вели рече дека само во текот на денешниот ден во општина Леже, каде што се наоѓа и градот Шенѓин, се евидентирани пет пожари, а четири од нив се ставени под контрола.

„Државната полиција досега уапсила лице за кое се сомнева дека е виновно за подметнување пожар. Четири пожари се ставени под контрола, а противпожарната бригада се бори со пламените јазици во Шенѓин“,

вели Бала.

Во Албанија во последното деноноќие регистрирани се 24 пожари, од кои 19 се локализирани или ставени под контрола. 

- Реклама -