Министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера ја прими вакцината на „Синофарм“, објави видео од моментот на неговата вакцинација.
Со тоа, тој уште еднаш порачува дека сите вакцини се безбедни и ги повика граѓаните да го сторат истото, бидејќи е неопходно за победа во борбата со пандемијата.
„Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали – има точни индикации односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓании кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите“, подвлече министерот.
Филипче посочи и дека системот на вакцинација добро се спроведува, при што акцент е ставен на сите пријавени на сајтот vakcinacija.mk, со приоритет по возрасна група, а паралелно на тоа, еден помал дел вакцини одат кон вработените во критичната инфраструктура – процес што е започнат уште пред неколку недели.
Според министерството за здравство, интересот за вакцинација се зголемува и се очекува и натаму да продолжи со добра динамика. Досега во државата се вакцинирани вкупно 104.962 граѓани, од кои 20.650 имаат примено и втора доза. Од граѓаните од старосната група над 70 години, 28% имаат примено барем една доза. На веб-платформата vakcinacija.mk пријавени се над 256.346 граѓани.