(ВИДЕО) Напад на фестивал во германскиот град Солинген, има загинати и повредени

Локалниот весник „Солингер тагеблат“ објави дека најмалку три лица се убиени, а три се сериозно повредени. Според неидентификувани полициски извори се верува дека оружјето со кое е извршен нападот е нож и дека сè уште никој не е уапсен

Итната помош на терен по нападот на фестивалот / фото: EPA-EFE/CHRISTOPHER NEUNDORF

Има загинати и повредени во напад што се случил вечерва на фестивал во градот Солинген во Западна Германија, јави новинската агенција ДПА, пренесе Асошиејтед прес. Сè уште нема точни информации колкав е бројот на жртви.

Локалниот весник „Солингер тагеблат“ објави дека најмалку три лица се убиени, а три се сериозно повредени. Според истиот медиум, властите ги повикале луѓето да го напуштат центарот на градот и дека еден од организаторите на фестивалот, Филип Милер, на сцената рекол дека работниците за итна помош се борат за животите на девет лица.

Германскиот весник „Билд“ објави дека маж, кој според очевидци имал „арапски изглед“, по случаен избор избодел минувачи за време на фестивал во центарот на градот. Се верува дека напаѓачот побегнал од местото на настанот, а полицијата започнала потера. Забележливи се полициски хеликоптери на небото над градот, а настанот се случил околу 21:45 часот.

Во извештајот на ДПА се цитираат неидентификувани полициски извори дека се верува дека оружјето со кое е извршен нападот е нож и дека сè уште никој не е уапсен. Нападот се случил на централниот плоштад, Фронхоф.

Фестивалот по повод 650-годишнината на градот започна вечерва и требаше да трае до недела. Солинген има околу 160 000 жители и се наоѓа во близина на поголемите германски градови Келн и Дизелдорф.

- Реклама -