(ВИДЕО) Наместо на плодна земја, да се охрабри поставување фотоволтаици врз напуштени рудници

Предлогот доаѓа од невладината „Еко-свест“, која изработила студија со помош и на експерти од МАНУ. Нивните проценки велат дека ако со фотоволтаици се покријат веќе експлоатираните пет најголеми површински рудници во земјава, ќе се добијат централи со инсталирана моќност слична на онаа на РЕК Битола

Но, за да биде возможна ваква транзиција на посочените локации, потребни се измени во неколку закони

Овие брановидни структури на површината не се од друга планета. Не станува збор ниту за формации во друга држава. Така изгледа земјата во радиус од 3-4 километри од поранешното село Врањевци, а сега средиште на Рударско-енергетскиот комбинат Битола, познат по кратенката РЕК. Под снежната покривка е јаловина од ископаната руда. Девет квадратни километри неупотреблива земја, ако не се спроведе ремедијација.

Јаловина од ископана руда во рудникот „Суводол“

Локацијата ја посетивме заедно со Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на невладината организација „Еко-свест“.

Во Македонија има многу деградирано земјиште кое не може буквално да се користи за никаква друга намена, како на пример рудниците за јаглен кои се затвораат или треба да се затворат“,

кажа Ана Чоловиќ-Лешоска.

Единствената намена за која може да се користи земјата откако од неа е исцрпен јагленот за РЕК Битола, смета Ана Чоловиќ Лешоска, е истата – за производство на електрична енергија. Разликата е што сега на местото на рудникот, би се поставиле фотонапонски централи.

РЕК Битола

На овој начин, велат од „Еко-свест“, ќе се заштити и земјоделското плодно земјиште кое се дава на инвеститори за поставување фотоволтаици со што се уништува. Дополнително, ова е шанса да се направи и ремедијација на контаминираното земјиште.

Зошто се фокусиравме конкретно на деградирани земјишта беше токму заради тоа што сакаме во државата да имаме земјоделско земјиште кое е добро, квалитетно и се користи за производство на храна затоа што тоа носи придобивка за нашето население, доколку искрено тоа земјиште е распродадено и послано со фотоволтаици, никој нема да има придобивка од таа цел освен инвеститорите кои поставиле, произведуваат струја и прават пари од тоа“,

вели Ана Чоловиќ-Лешоска.

Ана Чоловиќ-Лешоска

Предлогот, кој е изработен во соработка со МАНУ, вклучува уште четири други големи локации, слични на рудникот „Суводол“ кај Битола. За сите е заедничко што се блиску до патна и електродистрибутивна инфраструктура, а се и на погодни локации за да ја жнеат сончевата енергија.

Со нашата идеја да се идентификуваат најдобрите можни рудници, во првата фаза дојдовме до една бројка од пет рудници – Тоа се „Дамјан“, „Саса“ , „Пискупштина“, „Брод Гнеотино“ и „Суводол“ како рудници кои се во државна сопственост, не се користат и ќе бидат во фаза на напуштање и кои се добри кандидати за вкупно 650 мегавати инсталирана моќност на фотоволтаични ветерни централи“,

рече Ана Чоловиќ-Лешоска.

Само за споредба, инсталираната моќност на РЕК Битола е 700 мегавати. Тоа значи дека поставувањето на фотоволтаици на местата на споменатите пет рудници и тоа само на деловите кои веќе се експлоатирани, во теорија може да генерира слична количина енергија. Велиме во теорија, бидејќи јагленот за загревање на водата во котлите на РЕК Битола може да се додаде по потреба, додека климатската состојба и сонцето се вон човечка контрола.

Професорот во пензија од Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Трајче Стафилов, кој е и експерт во областа на загадување на животната средина со тешки метали, оди чекор понатаму. Вели – покрај старите рудници, добро би било производни капацитети од обновливи извори да се постават и на простори каде долги години бил депониран рударски отпад, како и на депониите за пепел од термоелектраните.

Депониите се огромен простор, зборуваме за простор со радиус од 5 до 10 километри, тоа се огромни простори кои со соодветна подготовка, санирање, ремедирање и подготовка за поставување на ваква инсталација станува збор за голем потенцијал. Електростопанство најавува пример 200 мегавати или 300, а тоа е голема инсталациона моќ“,

вели професорот Трајче Стафилов.

Професорот вели дека во Македонија има неколку „жешки точки“ на депонии или поранешни ископи. Некои од нив се екстремно опасни по здравјето на луѓето и потребно е државата што побрзо да ги дислоцира. Но, ако се започне ремедијација, тие би можеле да се искористат за енергетската транзиција. Една од овие точки се наоѓа во самиот град Пробиштип каде со години, на само неколку метри од постојни живеалишта, била депонирана токсична јаловина.

Рудникот и самата флотација во самиот град Пробиштип била во функција, и сега е во функција. Но, тогаш била државна фирма и се депонирала јаловина во огромни количества. Станува збор за дваесетина милиони тони кој што простор е покриен со таква јаловина која емитира, ветерот носи прашина и целиот тој простор воздухот е загаден со честички кои што имаат тешки метали и ние тоа го утврдивме со голем број наши испитувања“,

изјави Стафилов.

Актуелните законски решенија ги обврзуваат концесионерите, кои и да се, откако ќе завршат со експлоатацијата, да извршат ремедијација на земјиштето. Повеќе од очигледно е дека надлежните имаат кренато раце од спроведување на оваа мерка.

Аргумент плус дека ова решение е одржливо и корисно е тоа што во земјава веќе има еден ваков пример. Станува збор за инвестицијата на државната ЕСМ во Осломеј, каде во 2022 година, врз старите рудници за јаглен, беше изградена првата фотонапонска електрана во земјава со моќност од 10 мегават-часа.

Од правен аспект, потребни се измени на Законот за минерални суровини. Клучно е да се сменат одредбите кои пропишуваат задолжителна рехабилитација и рекултивација на експлоатирана локација.

Во студијата на „Еко-свест“ се предлага да се воведе исклучок. Рекултивацијата да не биде задолжителна ако на таа локација се гради објект од јавен интерес. А изградбата на фотонапонски централи да биде дефинирано како јавен интерес.

Измени се потребни и во Законот за урбанистичко планирање. Според анализата на „Еко-свест“, законот треба да препознае дека фотоволтаиците во случајот не би деградирале земјиштето, со што ќе се скратат потребните документи, а со тоа и инвестициските процедури. За ова е потребен и нов национален просторен план, со што ќе се обезбеди правна сигурност во постапката на донесување просторни и урбанистички планови на хиерархиско пониско ниво.

Дали надлежните ќе продолжат по зацртаниот пат кон зелената транзиција или пак барањата ќе останат декларативни и во периодот кој претстои. Во време кога развиениот свет се откажува од „застарениот“ начин на производство на електрична енергија и се повеќе инвестира во нови обновливи извори, би било штета Македонија која изобилува со сончеви денови да не го искористи потенцијалот, без притоа да се уништува плодното земјиште во држава која е и земјоделска.

Извор