(ВИДЕО) На гости кај кандидатите за шеф на државата со најмалку потписи: Тешко оди без партиски машинерии

Можеби со слабо темпо собира потписи за претседателската кандидатура, но изминативе деновиве името на Господин Попоски е меѓу најпопуларните во земјава. „360 степени“ го посети во неговото родно Вевчани, а ги побаравме и останатите претенденти кои имаат помал број собрано потписи. Велат, слабо оди акцијата без поддршка од голема партиска машинерија. Еден од нив, Томе Николоски кој е со нула поддршка, од трката се откажал уште минатата недела. Погледнете го видеото во продолжение

Уште на влезната порта во општината или самопрогласената „Република Вевчани“ ве пречекуваат и официјалното државно и знамиња со 16-кракото сонце. Вевчани, освен по карневалот, изминатиов период е популарно и по жителот кој собира потписи за да влезе во претседателската трка – Господин Попоски. Низ погорните сокаци во селото пристигнавме до неговиот дом, каде што нè пречека лично тој.

На влезот во куќата на Господин Попоски има мермерна плочка уште од 2001, со нацртана карта на Република Македонија, како и стихови од песната „Т’га за југ“. Сонцето од Вергина, пак, доминира секаде.

„Ова е симолот, изработен од стиропор. Пред четири месеци сам го имам изработено.

360֯: Зошто баш овој симбол?

Симболот бидејќи ми лежи во срцето на Република Македонија, во душата.

360֯: Што ви лежи?

Ми лежи во срцето знамево што си го имам сам сработено и увек ми лежи во срцето на Република Македонија, во срцето го носам овој симбол“,

вели Попоски.

Попоски е и земјоделец и градежник. Знаме со 16-кракото сонце има и во дворот, но и на лозјето, спроти куќата.

360֯: Господине Господин Попоски дали сте сериозен во намерата да собирате потписи или ова го правите чисто од забава?

Попоски: Сериозни сме, сто посто.

360֯: Епа зошто толку слабо ви оди, како да не се ангажирате многу на терен?

Попоски: Сеа, одиме на терен, ама немаме средства толку. Не може сеа како другиве, како Бујар Османи што ги собра одма, си има тој со време, си плаќа луѓе све.

360֯: Бевте свесни дека вака ќе оди?

Попоски: Јас не се надевав ни на олку, ама сепак успешен сум. Има уште време, 8 Март е прилично тука, тука може да одлучи Денот на жените, тие да ја прославуваат победата, очекуваме поддршка од жените од цела Македонија за независниот кандидат. Ако соберам 10 000, ќе се залагам името Република Макеоднија да го вратиме и напред после да оди, Рамковниот договор и Преспа да го укинеме и трето прашање за зголемување на платите на работниците.

Господин Попоски

Заклучно со последните податоци од вчера, 6 март, Господин Попоски има 141 потпис. Можеби поддршката е слаба, но собирањето потписи го направи познат, особено со името Господин кое му го дала неговата баба, а во Вевчани го носат вкупно четворица.

„Само во Вевчани има Господин Попоски, нема на друго место, цела Македонија само Вевчани има Гоподин Попоски“,

вели тој.

Не е првпат Попоски да претендира на функција. Се кандидирал и на претходните локални и на претходните претседателски избори. Вевчанци го знаат, што не значи и дека би дале потпис за него.

360֯: Дали го познавате господин Попоски што собира потписи за претседател?

Хахаха, абе деца, остајте ме мене за политика. Го познавам како дете.“

„Го познавам ама не сме многу блиски. Не знам.

360֯: Ќе го поддржите?

Па, и вака и така, не знам точно.“

„Го знаеме, од селото е.

360֯: Како човек е?

Убав си е, добар си е.

360֯: Му дадовте ли потпис?

Не, ме нема побарано, не знам.“

„Го познавам човекот, како да ти кажам, мајстор, работник.

360֯: Какво мислење имате?

Што знам.

360֯: Му дадовте потпис?

Не“,

велат анкетираните граѓани.

Вевчани

И велешанката Зорица Цветковска е претендентка за претседателската функција. Работи како инспекторка во Министерството за труд и социјала, се кандидарала како независна, по што добила поддршка од партијата Десна, чија членка е.

„Мотивот поради којшто се кандидирав беше тоа што во програмите на другите кандидати за претседатели, не видов промакедонска определба и заради тоа што сметам дека граѓаните на Република Македонија заслужуваат да имаат претседател на РМ кој ќе биде претседател на РМ во вистинска смисла на зборот. Со стапувањето на функцијата, им ветувам на граѓаните дека никогаш нема да го употребам зборот Северна. Истотака ветувам дека веднаш ќе потпишам иницијатива за референдум за раскинување на договорите со Грција и со Бугарија“,

вели Цветковска.

Цветковска заклучно со вчера, 6 март, добила 269 потписи.

„Јас не се сомневам дека ќе ги собират потписите за кандидат за претседател и гарантирам дека со моето стапувањето на функцијата претседател, никогаш нема да дозволам некој однадвор да направи притисок на државата Република Македонија и секогаш ќе се трудам да ги заштитувам интересите на македонскиот народ и на сите други етнички и национални заедници коишто живеат во РМ и работат тука и на Македонците во околните држави и во целиот свет“,

вели Цветковска.

Зорица Цветковска

Тешко му оди собирањето потписи и на кандидатот Ѓорѓи Манасков – претседател на Стопанската комора за енергетика како и на Македонско-кинеската комора. Според последните податоци објавени вчера, 6 март, неговата кандидатура е поддржана со 483 потписа.

Со мене се одреден број здруженија и партии, помали партии, затоа и собирањето оди тешко. Оние што се партии многу лесно можат да ги соберат потписите поради тоа што позади нив стои машинерија. Јас сум поединец, немам ни партиска книшка, се борам за доброто нa граѓаните , компаниите и државата, колку се собере –собере. Во секој случај бројот е небитен, голем благодарност и поскаувам доколку излезат до полседен ден да ги дособерам, ќе им бидам благодарен и ќе направм се што може за држават и граѓаните во Република Македонија“,

вели Манасков.

Манасков би се залагал и за поништување на Преспанскиот договор. Во однос на надворешната политика, смета дека државата треба да се ориентира кон Кина.

„Тоа е БРИКС, Кинезите, да го изградиме патот на свилата , т.е. Вардар пловен, тоа е до Дунав, Морава, значи Вардар-Морава-Дунав, поврзување со бродови. Кина да влезе тука, да изградиме логистички центри, да стане економско јако подрачје државата, а веќе тоа се ми е се’ спремно и може веднаш да отпочнеме, да Македонија види сигурно нешто што може да функционира и да оди напред“,

вели тој.

Ѓорѓи Манасков

Претендентот за претседателски кандидат Томе Николовски со денови на листата на Државната изборна комисија e со нула потписи. Тој не сакаше да даде изјава во камера, но уште претходната недела посочи дека се откажал од трката. На неговата фејсбук-страница, објави своерачно напишано писмо со архивско бројче од Државната изборна комисија, со кое на 26 февруари го известил претседателот на ДИК, Александар Даштевски, оти го бојкотира собирањето потписи.

Како еден од можните кандидати за Претседател на државата, поднесов и барање да ги отворите сите општини како можност на граѓаните да го стават својот потпис како бариера од 10 000 потписи за да се учествува на претстојните претседателски избори. Тоа не го направив случајно оти знам дека како независен кандидат, без подршка од партиски војници, тоа е невозможна мисија“,

се вели во писмото на Николовски.

Уште двајца нови кандидати влегоа во трката за потписи пред замиот финиш – извесни Гоце Ристов и Драган Николовски со 4 и со 2 потписа, заклучно со вчерашниот ден.

Собирањето потписи за кандидатура на претстојните претседателски избори трае до утре, 8 март – до полноќ. Оние што ќе ги соберат потребните 10 000 потписи официјално влегуваат во претседателката трка. Првиот круг е на 24 април, а вториот – на 8 мај.

Извор