(ВИДЕО) Лице од Албанија го замени македонското знаме со албанско на врвот Голем Кораб

Видеото е објавено од Изет Шулку, на чиј профил пишува дека живее во албанскиот град Пешкопија. На него се гледаат уште две други лица како стојат покрај триаголниот јарбол додека Шулку ги заменува знамињата

ФОТО: Принтскрин од видео објавено на фејсбук-профилот на Изет Шулку

На социјалната мрежа Фејсбук објавено е видео на кое се гледа како едно лице го закачува албанското знаме на јарбол поставен на врвот Голем Кораб и потоа го отстранува македонското знаме кое се вее на врвот на планината.

Видеото е објавено од Изет Шулку, на чиј профил пишува дека живее во албанскиот град Пешкопија. На него се гледаат уште две други лица како стојат покрај триаголниот јарбол додека Шулку ги заменува знамињата.

„Македонското знаме не припаѓа на албанските територии, тука само албанското знаме“,

се вели во описот на видеото.

На крајот од видеото се слуша како тој силно извикува Албанија.

На Кораб тој е со гости кои престојувале во неговиот угостителски објект, меѓу нив и странци, што се слуша од комуникацијата на англиски со друго лице исто така Албанец.

„Драги пријатели, дојдов денеска со група гости и го најдов македонското знаме. Тоа не им припаѓа на албанските територии. Тука само албанско знаме, нема место за македонското. Албанија“,

извикува тој пренесува МИА.

Поставување албанско знаме и отстранување на знамето на МПЦ од манастирот на Попова Шапка имаше во ноември минатата година.

Настанот, во кој две маскирани лица го симнуваат знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставуваат знамето на Албанија, беше снимен од камерите од видео-надзорот на манастирскиот комплекс.

Од Министерствот за внатрешни работи тогаш го уапсија 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица кој беше осомничен дека го сторил делото.

Десетина дена претходно повод за политички препукувања беше 15-метарскиот крст поставен во дворот на манастирскиот комплекс на Попова Шапка откако градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, побара тој да биде отстранет.  

- Реклама -