Делегацијата на ЕУ во Скопје за „360 степени“ вели дека техничката спецификација за амбулантните возила кои тие неодамна ги купија и ги подарија на земјава, ја добиле од Министерството за здравство. Во документите имало и проценка дека едно амбулантно возило, со бараната опрема, на пазарот чини отприлика онолку за колку Делегацијата на крај и ги купила на тендер – околу 63 000 по парче
Само неколку месеци подоцна, кога истото Министерство за здравство планирало набавка на амбулантни возила со незначително повеќе опрема, но сега од државниот буџет, проценката за пазарната цена на едно возило „нараснала“ за 40% – на 90 000 евра по парче. Како што веќе објавивме, фирмата која на тендерот понуди околу 70 000 евра по возило е дисквалификувана, а во игра е само преостанатиот втор понудувач со цена – 90 000 евра по возило
Овие фотографии се од 7 февруари, денот кога Делегацијата на Европската Унија во земјава предаде седум амбулантни возила на скопската Итна помош.
„Денеска е само уште еден практичен пример како Европската Унија дава придонес во Северна Македонија, обезбедувајќи поддршка која ќе влијае на квалитетот на животот за многумина. А за некои, ќе биде прашање на живот или смрт“,
изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во земјава на 7 февурари 2024 г.
Донацијата можеби реши дел од проблемите на Итната помош во Скопје, но отвори многу прашања за Министерството за здравство. Еве и зошто.
На тендерот на кој ЕУ ги купи возилата кои потоа ги донираа се пријавија седум фирми, а најевтината и на крај победничка понуда, беше онаа на домашната компанија „Еуроимпекс“, од 63 400 евра за возило.
Неколку месеци по ЕУ, тендер за речиси идентични возила и тоа 22 на број, распиша Министерството за здравство. Но, им се пријавија само две фирми. Едната понуда, и тоа токму на фирмата што победи на тендерот на ЕУ ја дискфалификуваа, па им остана да ја изберат преостанатата, според која, едно возило ќе чини 90 000 евра.
Или, безмалку исти возила, ЕУ ги купи за 63 400 евра, а Здравство избра понуда од драматично повисоки 90 000 евра по возило.
Кој им ја правел тендерската документација, беше едно од неколкуте прашања на кои баравме одговор од Делегацијата на ЕУ во земјава. Едноставно, сакавме да дознаеме, како ЕУ направила конкуретна постапка која довела до толку поголема конкуренција, а потоа и пониска цена од онаа што ја избра Министерството за здравство.
Од Делегацијата на ЕУ одговорија дека тендерската документација си ја направиле сами. Но, техничкита спецификација за возилата ја добиле од „националните власти“, бидејќи предметот на набавка треба да одговара на потребите на земјата на која се донира. Но, клучниот параграф во одоговорот од ЕУ гласи:
„Врз основана на претходни тендери за набавка на амбулатни возила или друга медицинска опрема и појаснувањата кои беа направени за време на постапката, Делегацијата на ЕУ малку ги измени дел од техничките барања, со цел да се дозволи поголема конкуренција“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ на прашањата на „360 степени“.
Резултатот од ваквиот пристап на ЕУ веќе е познат. Возилата се купени по околу 64 000 евра без ДДВ затоа што ЕУ малку ги сменила спецификациите и обезбедила конкуренција, за разлика од тендерот што го спроведе Министерството за здравство.
Какви се тие мали разлики? На пример, и на тендерот на ЕУ и на тендерот на Здравство се барало возилата да имаат исто меѓуосовинско растојание од 3450 милиметри. Но, во тендерот на ЕУ има неколку сантиметри поголема толеранција кога е во прашање должината, ширината и висината на возилото.
Со одговорот на нашето следно прашање – кој државен орган помогнал за техничката спецификација, работите добиваат скандалозен тек.
„Нацрт-техничката спецификација ни ја обезбеди Министерството за здравство. Министерството за здравство, исто така, ни испрати истражување на пазарот со опсег на цени, кои беа близу до цената на возилата во договорот“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ на прашањата на „360 степени“.
Ова значи дека Министерството за здравство, пред Делегацијата на ЕУ, декларирало дека знае дека амбулантно возило со вградена опрема која е потребна за домашни услови треба да чини околу 63 000 евра.
Но, само неколку месеци подоцна, кога Министерството за здравство, во тој момент предводено од министерот Фатмир Меџити, побарало од Владата да набави нови 22 возила со незначително повеќе опрема како во возилата кои ги купи ЕУ, направило проценка дека тендерот ќе чини околу 1 984 000 евра, односно околу 90 000 по возило.
Како за Министерството толку брзо пораснала цената на едно амбулантно возило од 63 на 90 илјади евра, не е познато. Но, позната е следната коинциденција:
Вкупната понуда на дисквалификуваната Еуроимпекс за тендерот на Министерството за здравство изнесувала 95 480 000 денари или 1 552 500 евра. Понудата на единствената друга пријавена фирма на тендерот, Аутомобиле СК, изнесувала 122 026 146 денари или 1 984 165 евра. Тоа е речиси идентично со проценетата вредност која ја одредиле од Министерството за здравство – 122 033 898 денари, или 1 984 291 евра.
Како што известивме и во претходните стории, тендерот на Министерството за здравство ја издржа управната контрола, но и жалбата на дисквалификуваниот Еуроимпекс пред второстепената комисија.
Сепак, досега нема известување до Бирото за јавни набавки дека е потпишан договор, на кој параф треба да стави актуелниот министер за здравство, Илир Демири. Од Здравство минатата недела потврдија дека не е ставен потпис и дека:
„Дополнително ќе бидете информирани за чекорите кои ќе бидат преземени согласно позитивната законска регулатива“,
одговорија од Министерството за здравство на 14 март 2024 година.
Одговорот остави впечаток дека во Министерството за здравство можеби има колебања дали треба да се потпише договорот. Особено што оттогаш не сме информирани за чекорите, како што ветија.
Тендерот за набавка на 22 амбулантни возила, конечно, го привлече вниманието и на Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Денеска, на оддржаниот колегиум, оформивме два предмети кои се однесуваат на постапките на јавна набавка на медицинските возила преку Министерството за здравства и постапка за јавна набавка на хеликоптерите преку Министерство за одбрана. По обезбедување на фактичка состојба и докази, соодветно ќе донесеме одлука“,
изјави претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, во интервју за МРТ објавено на 18 март 2024 година.
Велиме конечно, затоа што ДКСК ни ја пренесе одлуката за отворање на предмет во понеделникот, на 18-ти март, а истиот ден претседателката Татјана Димитровска го имаше овој јавен настап, прв по изборот на новиот состав на Антикорупциска.
Ние прашањата ги поставивме на 12 март, односно 6 дена претходно. Случајно или не, одговорот дојде откако испративме дополнителни прашања за тоа – има ли институцијата портпарол и кого новинарите треба да бараат за брзо да добијат информација?
Тука оваа приказна малку се оддалечува од темата со која почна. Но, сметавме дека е битмо да се укаже, колку е важна соработката на ДКСК со медиумите во заедничката цел – борбата против корупцијата и јакнењето на свеста против неа.
„360 степени“ не се единствениот медиум кој забележа проблем во комуникацијата со институцијата, која од 8 февруари е во нов состав. И не само тоа, овој состав на Антикорупциска нема одржано ниту една седница, освен конститутивната, пред месец и кусур.
Неубедлив старт, вели главната и одговорна уредничка на БИРН, Ана Петрушева, кој буди лоши спомени за некои поранешни состави на комисијата кои работеа далеку од очите на јавноста.
„Бидејќи се работи за само неколку недели од почетокот на мандатот, можеби е само спор почеток, можеби им треба време за организирање, за екипирање и се надеваме дека е тоа така, а не се работи за етаблирање на некакви пракси коишто би воделе кон Комисија која би била затворена за јавноста и затворена за медиумите“,
вели Ана Петрушева, главна и одговорна уредничка на „БИРН“ Македонија.
Минималниот стандард, вели Петрушева, веќе постои.
„Она што е важно дека претходниот состав на Комисијата драматично ги подигна стандардите во однос на јавноста. И во таа смисла, без оглед на персоналните решенија, јавноста очекува однесување од членовите и од претседателката на Комисијата најмалку еднакво на нивните претходници“,
додава Петрушева.
Речиси идентичен е ставот и на Миомир Серафиновиќ, дел од тимот на ТВ Телма и емисијата „Код“. Таквото мислење го поткрепува со факти за досегашната комуникација со новиот состав на ДКСК.
„Претходно правевме некоја си проверка и анализа. Од 5 упатени мејлови кои биле наменети нели за дневно информирање, значи за дневни потреби на телевизијата, сме имале одговор само на едно и тоа не беше веднаш туку после заминување на викендот, бидејќи беше пратено четврток или петок а одговорот дојде после викендот“,
вели Миомир Серафиновиќ, новинар во ТВ Телма и истражувачката емисија „Код“.
Недастатокот на транспаретност прави проблеми во работата на медиумите, вели Серафиновиќ. Но, додава, има и потешки последици.
„Би ја искорстил оваа шанса за да укажам дека она што го претходниот состав го направи, тие би требало да го продолжат и да го продлабочат. Не да го укинуваат. Значи, што поскоро излегуваат во јавноста, ќе биде подобро и за нив, но пред се граѓаните на државата затоа што ќе имаат доверба дека продолжува таа битка против корупцијата“,
додава Серафиновиќ.
Како се сложени коцките за Министерството за здравство да купува амбулантни возила за 90 000 евра по парче, кога речиси идентични такви возила Делегацијата на ЕУ ги купила за 64 000 евра, се разбира не е прашање само за Антикорупциската комисија.
Особено по одговорот од Делегацијата на ЕУ дека истото Министерство за здравство им дало проценка дека возилата за потребите на домашните итни служби треба да чинат приближно колку што ЕУ на крај и ги платила, а не 40 насто поскапо.