Планот го спровел дел од претходниот менаџментот на компанијата и дел од функционерите во Владата, со цел земјата да стане зависна од увоз на јаглен, тврди актуелниот директорот за производство на електрична енергија на Електрани на Северна Македонија, Зоран Коњановски, во интервју за „360 степени
Коњановски обвинува дека се спроведувале и мноштво „надуени“ набавки, со што трошоците за производство на мегават-час скокнале од 50, на 136 евра за само четири години. Вели дека веќе е направен план за намалување на трошоците, за чија реализација ќе бидат потребни години
Производната цена на електричната енергија на ниво на Електрани на Северна Македонија изнесува 118 евра/мегават-час, а на ниво најголемиот производител во системот, РЕК Битола, таа цена изнесува 136 евра/мегават-час. Пред само четири години, во 2020-тата, таа цена не надминуваше 50 евра/мегават-час.
Минатата недела, објавивме анализа – како се случи драматично да пораснат трошоците на ЕСМ од околу 200 на 500 милиони евра во последниве три-четири години. Сега имавме шанса да разговараме во детали на темата и со директорот за производство на електрична енергија во компанијата, Зоран Коњановски.
Лукративни интереси
Уште на почетокот на интервјуто го отворивме прашањето, како е можен толку голем голем раст на трошоците за толку кратко време, а со тоа и раст на производствената цена. Коњановски одговори – поради намалувањето на производството на јаглен.
„Причините се во две насоки. Прво, заради лукративното планирање на одредени елементи, дел од Управниот одбор на нашата компанија и дел од луѓето кои по ресори го воделе енергетскиот систем во државата, допринеле со низа постапки да немаме ние доволен ископ на јаглен во нашите рудници. Во последниве пет до шест години се намалувал ископот на јаловина во нашиот рудник, а со тоа се намалувал ископот на јаглен. Според целокупната проектна документација, главниот рударски проект и дополителните рударски проекти, односот на ископ на јаловина и јаглен е 10:1. Значи треба да ископаш 10 тони јаловина, за да ископаш еден тон јаглен. Но, тие биле фокусирани само на јагленот и дојдовме до една ситуација сега, да не можеме да вадиме јаглен“.
А зошто да му се одземе способноста на ЕСМ да вади јаглен? Коњановски тврди дека било со намера.
„Тоа плански веројатно се правело, за да се овозможи на одредени компании да увезуваат јаглен“.
Напумпани трошоци
Значи, увозот на јаглен, кој според Коњановски бил вештачки предизвикан, сериозно ги зголемил производствените трошоци. Но, тоа не бил единствен фактор. Директорот тврди дека биле спроведувани и набавки во кои купените стоки биле неколкукратно поскапи од година во година.
„На пример, не е можно транспортите ленти кои доаѓале од еден производител од Бугарија, една година да чинат околу 350 евра/метар должен, а другата година да чинат 550 евра/метар должен. Не е нормално одредени други делови кои влегувале во нашата електрана со цени од 100, 200 или 300 илјади евра, денес да чинат 500, 600 или 700 илјади евра. Такви примери има премногу. Мислам дека финансиската полиција и другите институции веќе работат и преземаат соодветни мерки и многу бргу ќе излезе на виделина кој, што и зошто правел во нашата компанија“,
вели Коњановски.
Драматично се зголемувале и цените на услугите за ископ на јаглен, тврди Коњановски.
„Цената на ископан тон јаглен од нашите рудници 2022 година изнесувал некаде 11,5 евра/тон, за 2023 година да стигнеме до фантастични 27 евра по ископан тон јаглен. А за оваа година, деветти месец, да имаме производна цена на ископан тон јаглен од 37 евра/тон. Е, тука се гледа лукративноста на сите работи што ни се случуваат во РЕК Битола. Значи, од една страна, ние немаме можност да копаме јаглен, од друга страна зголемени се трошоците за ископ на јаглен во РЕК Битола, а од трета страна увезуваме или јаглен или електрична енергија“.
Ќе расте увозот на јаглен од Грција
Но, тврди Коњановски, веќе е почната постапка на технолошка дисциплина во компанијата која ги дава првите резултати. Драматично била намалена употребата на мазут, што покажува дека јагленот кој сега се користи е со повисок квалитет. Мазутот се користи како дополнително гориво, кога калоричната вредност на јагленот е ниска.
Но, бидејќи е потребно подолго време за рудниците за јаглен да се доведат во состојба за ископ на поголеми количини, Коњановски вели дека ќе продолжи праксата на увоз на јаглен од Грција. И тоа ќе се увезува уште повеќе, бидејќи стратегијата на новото раководство е да се произведува што повеќе струја дома, наместо да се увезува.
Во договор со компаниите од Грција, тврди Коњановски, постигната била и нешто пониска цена за суровината, а бил договорен и подобар квалитет.
„Тенденцијата е со зголемени количини на увозен јаглен од околу 70-80% да го намалиме увозот на електрична енергија на, би рекол, 10-15% од она што увезувавме до сега. Значи, енормно намалување на увозот на електрична енергија со наше производство, но бидејќи јагленот нормално ние го немаме, мораме како ресурс дас го обезбедиме“,
додава Коњановски.
Нема шок за граѓаните, но ќе има стрес-тест за ЕСМ
На секои шест месеци ЕСМ се јавува на тендерот на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“, кој пак им продава електрична енергија на домаќинствата и малите фирми. Со други зборови, од цената која ја нуди ЕСМ директно зависи цената на струјата за домаќинствата.
На последниот тендер, пред летото, ЕСМ понуди цена од 60 евра/мегават-час. Тоа е двојно поевтино од актуелната производствена цена на струјата на компанијата. Па, го поставивме логичното прашање – која цена ќе ја понуди ЕСМ за наредните шест месеци, од јануари до крајот на јуни? Коњановски го повтори она што го кажа и премиерот, меѓу 58 и 62 евра за мегават-час. Тоа ќе значи дека струјата за домаќинствата или нема да поскапи или ќе поскапи минимално. Но, го отвара прашањето – како ќе работи ЕСМ, ако се знае дека владата кажа дека нема да им дава пари?
Коњановски признава дека годинава ќе ја завршат со загуба, а веројатно и следната. Но, објаснува, гледаат на долг рок. Во следните три години прво да ја стабилизираат фирмата, а од 2027 да почнат да работат и со добивка.
„Со домаќинска работа, со коректен пристап, со сакање некои работи да се завршат, со знаење при извршување на тие работи, со професионалност, ние веќе наредната година очекуваме 35% да ја намалиме производната цена, можеби и повеќе, но еве да останеме на таа бројка. А веќе секоја наредна година да ни паѓа производната цена на еден произведен мегават-час енергија. Јас ви напоменав, дека со нашите проекции, некаде од 2027 година ќе мораме да кренеме и домашно производство на јаглен, со тоа ќе се намали и потребата од увоз и би се вратиле пет, шест, десет години наназад, на производството“,
изјави Коњановски.
Целото интервју погледнето го на почеток на текстот или на следниов ЛИНК.