(ВИДЕО) Кампања пред кампањата – без санкции и етика

Се посилно се загрева изборната атмосфера пред двојното изјаснување што ни претстои – и за шеф на државата и за нов состав на парламентот. Дел од оваа констатација е заснована и на билбордите и на видеата на социјалните мрежи со политички пораки. Кампањата сè уште не е почната, па дали е законски и ако не е противзаконски, дали е етички да се води кампања пред кампања? Погледнете го видеото

Скопје е преплавено со билборди, а изминативе неколку недели  доминираат политички пораки. На билборд во близина на трговскиот центар „Мавровка“ пишува дека во изминативе шест години секој втор Македонец сакал трајно да се исели од земјава, проследено со QR-код. Откако го скениравме, кодот нѐ однесе на јутјуб каналот „Твоја Македонија“, каде се појави ова видео.

Билборд на ВМРО-ДПМНЕ пред ТЦ „Мавровка“

За да дознаете кој стои зад пораката, треба значително да се приближите до билбордот. На него, близу долниот лев агол, пишува дека нарачател е ВМРО-ДПМНЕ.

Истата политичка партија има билборди и на други локации. Доминантни се пораките за сиромаштија, за застој во издавањето на пасошите и слично. QR-кодот од сите билборди води до истото видео на Јутјуб, кое досега има околу осумстотини прегледи.

СДСМ, пак, со ударни бели букви потенцира дека стои зад црвените билборди, на кои се промовираат владини политики. Содржината главно е потсетник за месечната парична поддршка за учениците и за студентите, за покачувањата на пензиите и за субвенциите за компаниите…

Билборд на СДСМ во центарот на Скопје, спроти Собранието

Прашавме и во двете партии – зошто се води кампања пред официјалната изборна кампања и колку е тоа етички. Владејачкиот СДСМ одбра да ги одмолчи нашите прашања. До ВМРО-ДПМНЕ, пак, имавме и дополнително прашање – зошто со минијатурни букви се потпишуваат како нарачател на билбордите. Одговорот го пренесуваме интегрално:

„Зошто да не е етички? Прашањето е дали е законски. Сметаме дека секако е етички затоа што природно е политичка партија да е во постојана кампања.А тоа што ВМРО-ДПМНЕ е со мали букви е прашање на дизајн и вкус. Исто како што тоа што СДСМ е со огромни букви и нема никаква естетика, на страна што нивните билборди се чиста измама. За разлика од нив, ние користиме податоци од релевантни извори како Светска Банка, Транспаренси интернешнл, Завод за статистика и многу други“,

кажаа оттаму.

Партиите знаат дека не го кршат Изборниот законик и затоа периодот пред официјалната изборна кампања повторно го користат во своја полза, вели поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски.

„Според законот, кога не се потврдени листите, не може да бидат санкционирани за почнување на изборна кампања согласно Изборниот законик и тоа вешто го користат. Но, сега, ако знаеме дека сите тие, ги знаеме учесниците, нема да има измени, освен виша сила некоја, и тиe тоа го користат, дури и нарачател си ставаат долу кој е, но викаат тоа е во склоп на редовните активности, мене не може да ме уверат и не го прифаќам, затоа што од искуството коe го имам во другите земји, иако не е уредено со закон, тие го почитуваат, затоа што таму, многу е битно дека кампањата е толку и толку дена. Зашто ние иначе би имале 20 дена кампања?

360֯ : Но, господине Новаковски, ако ги погледнете билбордите, без разлика дали се потврдени или непотврдени кандидатите, партиите не ги истакнуваат нив на билбордите, туку се пренесуваат општи пораки, се напаѓаат на политичко-партиска линија, не е кандидат контра кандидат. Дали е ова оправдано?

Да, е сеа видете, тука ќе се извадат на тоа прашање. Ако преземат нешто надлежните, а не верувам дека ќе преземат, ќе кажат дека не е кандидатот, ова се билборди во склоп на редовното работење на партиите. Кај гледате билборд на кандидатот за претседател? Ама ние знаеме кој од која партија е кандидат“,

вели тој.

Александар Новаковски – поранешен претседател на Државна изборна комисија

На терен се видливи сите елементи на предвремена кампања, само нема санкции, вели Новаковски.

„Имам искуство во Државната изборна комисија, кога исто ваков беше Изборниот законик – ДИК го толкуваше. Тогаш имаше учесници и судии од Врховниот суд во највисокиот изборен орган и ние сме имале ситуации кога се предупредувале партиите дека сите овие активности имаат елементи на предвремена кампања, а тоа дека не можеме да ве санкционираме, ние праќавме опомени со тоа што ќе кажевме дека ова се коси со Етичкиот кодекс. Тие сега и Кодексот не го донеле, па и на тоа ќе се правдаат. Јас не сакам да кажам дека ДИК треба да реагира, но ние доста користевме член од надлежностите ‘ДИК се грижи за законитоста на изборниот процес’, а изборниот процес е од распишувањето – до конечните резултати на изборите“,

додава Новаковски.

Државната изборна комисија засега официјално ги утврди кандидатите за шеф на државата и спроведе ждрепка со која ги распореди локациите за нивните рекламните паноа и билборди.

Ако се погледнат ценовниците на некои од понудувачите, може да се види дека една реклама во центарот на Скопје, на цел ѕид, на пример, кај Црвен крст, од 4 април до 6 мај, со попуст, чини и до 7 000 евра. Како што локалцијата се оддалечува од Центар, цените паѓаат.

За официјалната кампања партиите ќе добијат пари од државната каса, но актуелните промотивни пораки на терен, а и на социјалните мрежи, се на нивен трошок.

Дополнително, и виртуелно се случуваат црни кампањи на кои не им се знае нарачателот, иако не е тешко да се претпостави.

Комуникологот Сеад Џигал вели дека моментално се води насочувачка кампања.

„Не е спорно дека се работи за ПР-трикови коишто се на граница на етичноста во смисла дека се избегнува транспарентност во комуникација со јавноста, особено за така важен општествен процес како што се изборите. Значи, од стручната фела секој ќе ви индицира дека навистина е многу важно луѓето кои поставуваат јавни пораки во склад или пред самата кампања, транспарентно да го посочат своето авторство, за да знаеме кој е тој. Значи, ако вие како некој фактор се обидувате да влијаете врз јавноста во дневните политички одлуки во очи на изборите треба транспарентно да го посочите тоа. Би ги нарекол ПР-трејлери за кампањите кои ќе ги видиме. Вакви прикриени предкампањи сме виделе, но тоа е непотребно“,

смета тој.

Сеад Џигал – комуниколог

Негативни кампањи има и во многу поразвиени демократии, вели Џигал, но тоа е меч со две острици.

„Крајната негативна последица е што неопределените гласачи се демотивираат, се прекинува еден отворен демократски процес, кадешто сите ќе го искажат својот став на избори, овој вид на доминација на негативна и црна кампања, практично ги демотивира неопределените гласачи, да спадне излезноста, мотивираноста на луѓето коишто не се партиски поврзани, да ги искажат своите ставови и својот избор на изборите коишто следуваат. Во таа смисла тие се лоши за демократијaта и за демократските стандарди во земјата.“

Изборната кампања пред првиот круг на претседателските избори ќе трае од 4 до 22 април. За парламентарните, пак, ќе почне на 18 април и ќе тече заклучно со 6 мај. Со оглед на тоа што роковите се само на хартија, ова во превод би значело дека додека не настапи изборниот молк на 7 мај, континуирано, со различни техники, ќе продолжи пропагандното партиско „бомбардирање“ кое веќе на големо е започнато.

Извор