Истата идеја ја имаше и актуелната власт, но на крај не се одлучија на таков чекор. Имаше неколку ризици. И правни и политички
Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека кога велат распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители мислат на разрешување само на дел од членовите избрани од страна на Собранието. Барем засега, не се размислува на разрешување на другите членови
„Стефан, можеби со тебе ќе ставиме…“
Oва беа воведни зборови на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, со кои го најави настапот на сопартиецот Стефан Андоновски, на претставувањето на „Платформа 1198“ – програмата на најголемата опозициска партија за претстојните избори.
„Во програмата, ние тргнуваме од идејата дека мораме да го распуштиме републичкиот судски совет или Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинителите на Република Македонија“,
изјави Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и дополнителен заменик-министер за информатичко општество во техничката влада на партискиот настан.
Распуштањето на двете тела Андоновски го смести во контекст на реформите кои ВМРО-ДПМНЕ ги најавува во правосудството.
Таква идеја имаше и актуелната влада, ама…
Поточно, го спомна распуштањето како прв чекор, пред да почнат реформите.
Но, распуштањето на Судскиот и на Советот на јавни обвинители е толку комплицирано прашање, што е многу тешко оствараливо или речиси неостварливо. Еве и зошто.
Распуштање на Судскиот совет и тоа пред неполна година, лани во јуни, предложи министерот за правда Кренар Лога. Поводот беа двата последователни пуча во Советот, кога за кратко време беа сменети две претседателки на ова тело. Павлина Црвеновска по оставката и Весна Дамева по разрешувањето обвинија дека нивните заминувања се последица на нечии влијанија и притисоци. На тоа се надоврзаа и оставките на два члена на Советот од редот на судиите.
Набргу, тој јуни, беше најавено дека за предлогот за распуштањето, во Собранието, ќе разговораат власта и опозицијата.
Од идејата не се огради ни премиерот Димитар Ковачевски.
„Треба да се направи ремонт на одредени и институции и процеси, па и закони во делот на правосудството бидејќи сите анализи тоа го покажуваат, сите изјави на странски дипломати тоа го кажуваат“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски на 20 јуни 2023 година.
Но, помина летото, дојде есента, а идејата за распуштање на Судскиот совет се префли во рацете на експертска комисија во Министерството за правда. Паралелно, во Судскиот совет дојде тим експерти од Европската Унија, па потоа се чекаше – што ќе кажат тие на тема распуштање.
„За мене зборувам, нема проблем (да поднесам оставка, н.з.)“,
изјави Сашко Георгиев, тогашниот претседател на Судски совет на 27 ноември 2023 година
Кога тогашниот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев го даде ова интервју за „360 степени“ извештајот на Оценската мисија на ЕУ не беше готов. Па, од идеите за распуштање на Советот, Георгиев се бранеше со овие аргументи.
„Лоша пракса ќе биде тоа (распуштањето на Судски совет, н.з.). Замислете, и во иднина тоа ќе биде еден принцип дека при промена на политичка гарнитура или било каква состојба, по нечиј предлог, тоа ќе оди така елегантно како некаква пракса и тоа мислам дека ќе биде лоша порака за судството во иднина“,
изјави Сашко Георгиев, тогашниот претседател на Судски совет на 27 ноември 2023 година
Извештајот на Оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, конечно, стигна во декември. Во него немаше препорака за распуштање на Судскиот совет.
И политичарите повеќе не ја спомнаа идејата.
Кого се ветува ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го разреши?
Попрецизно, не ја споменуваа се до трибината на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и побаравме одговори од човекот што ја реактуелизираше идејата за тоа како мислат да го спроведат ветувањето?
Во досегашните изјави, од ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за распуштање на целиот Судски совет. Но, во интервју за „360 степени“, меѓународниот секретар и дополнителен заменик-министер за информатичко општество во техничката влада, Стефан Андоновски, рече дека, засега, ветувањето за разрешување не се однесува на мнозинството од 8 члена кои сами си ги бираат судиите, туку пред се на оние пет члена што ги избира Собранието.
Стефан Андоновски: Ние имавме сериозна расправа и дискусија внатре, во рамките на партијата кој би бил правилниот начин. Од екстремот на целосна промена на форматот, на концептот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што би значело и уставна реформа, до палијативни мерки кои што би значеле корекција на постојното работење. Нашето решение и нашиот пристап е да видиме со законски измени да направиме постапка во која што сите ќе имаат верба. Прво, мора да тргнеме од изборот којшто го прави Собранието, затоа што за такви избори ние пледираме. Но, понатаму, секако ќе размислуваме, во рамки на препораките на Европската комисија, на оние институции коишто беа присутни тука на терен и ги истражуваа состојбите, да направиме вистински законски реформи со коишто ќе се гарантира квалитет при изборот.
360: Добро. Само да расчистиме. Вие планирате да ги разрешите само членовите на Судскиот совет коишто ги избира Собранието или планирате да ги разрешите сите членови на Судскиот совет, вклучувајќи ги оние кои судиите си ги избрале и им дале мандат?
Стефан Андоновски: По законските основи коишто сега постојат, ние се фокусираме на оние коишто ги избира Собранието, а ги предлага Претседателот на државата, така што тука ќе биде нашиот примарен фокус.
360: Но тоа ќе создаде преседан, при секоја смена на власта да се одземаат мандати коишто им се дадени на луѓе во нормално гласање, во нормален процес во Собранието, независно и со целосно разбирање на забелешките коишто ги имате?
Стефан Андоновски: Па мислам дека преседан во Македонија во моментов е под 2% доверба во правосудството и тоа никогаш досега ни се нема случено и мислам дека е аларм којшто треба сите да не разбуди и да не притисне да делуваме веднаш.
360: Дури по цена да се предизвика понатаму и домино-ефект?
Стефан Андоновски: Отворањето на постапки за разрешување на други членови на комисии не е нов феномен. И не би кажал дека со доаѓањето на ново парламетарно мнозинство не се правеле промени во поединечни комисии, тела, состави и така натаму коишто, како прерогатив, ги избира Собранието. Но, сепак, постапките секогаш мора да бидат објективни и транспарентни и граѓаните да знаат зошто определена промена се врши.
изјави Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“.
Андоновски најавува попрецизно дефинирање на терминот „истакнат правник“. Тоа е услов за еден кандидат да биде избран за член на Судскиот или Советот на јавни обвинители од страна на Собранието, но и квалификација која по потреба нуди широк простор за слободно толкување.
Потоа, со нови критериуми, би избрале неколку нови членови на советите, на местото на разрешените. Тоа, во комбинација со засилени проверки на имотот на судиите и обвинителите и примена на препораките на ЕУ, сметаат дека ќе даде нов квалитет.
Не оди тоа така, велат од СДСМ
Во делот на реформите во правосудството, слични идеи за одредени прашања имаат и во СДСМ. Но, вели членката на Надзорниот одбор на партијата и заменик-министерка за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, разрешувањето на членовите на советите не може да биде опција. Прво, од политички причини.
„Доколку тоа би се случило, секоја политичка партија, па дали е на четири или осум години, кога ќе дојде на власт, повторно ќе го смени законот со преодни и завршни одредби и ќе го прекине мандатот на се она што било претходно избрано“,
изјави Викторија Аврамовска Мадиќ, членка на Надзорниот одбор на СДСМ и заменичка-министерка за правда
Понатаму, вели Аврамовска Мадиќ, има и законски пречки. Тие излегле на површина по изјавите на министерот Кренар Лога, па и премиерот Димитар Ковачевски, за распуштање на Судскиот совет.
„Во правосудството е многу специфично и не треба да се поведуваме од емоции и брзи реакции. Јас само тоа можам во моментов да го искоментирам во однос на нивните изјави. Зошто го велам тоа? После тие изјави Министерството за правда направи работна група, Комисија за менување на Законот за судски совет, за да може да се изнајде начин. Бидејќи има една аномалија, каде што не е дефинирано, допрецизирано, како членовите од Собранието можат да бидат разрешени. Само има една одредба каде што вика, може да се бара одговорност од страна на Собранието доколку годишниот извештај не им биде усвоен од страна на Собранието. Во тој период, двата годишни извештаи и за 2021 и за 2022 беа усвоени од страна на Собранието. Со тоа Собранието признало дека они функционираат одлично изминатиот период“,
вели Аврамовска Мадиќ.
А разрешување со измена на Законот за судски совет, во делот на преодни и завршни одредби, има повеќе опасности, смета Аврамовска-Мадиќ.
„Со законска одреба, сите експерти кои влегоа во Комисијата за изработка на нов Закон за судскиот совет, констатираат дека тие преодни и завршни одредби коишто беа првично, произлегоа дека во рок од три месеца од донесување на законот му престанува мандатот на Судскиот совет не беше возможно. Зошто? Судите, 8-те, се избрани од редот на самите судии. И тие можат да ги разрешат самите судии дури и сега, со барање за утврдување на одговорност потпишана од страна на 20 судии“,
додава Аврамовска Мадиќ.
Меѓународните партнери воздржани
Прашањето, дали е прифатливо да се распуштат Судскиот и Советот на јавни обвинители, го поставивме и до трите дипломатски мисии во земјава кои инвестираа најмногу енергија и средства во реформи во правосудството.
Од амбасадата на Кралството Холандија ни одговорија:
„Амбасадата не коментира изборни програми на политички партии.“
Од амбасадата на Соединетите Американски држави испратија подолг став:
„Како што партиите почнуваат да ги изложуваат своите изборни програми, ова е идеално време за медиумите и граѓаните да ги разгледаат овие идеи и предлози и да ги прашаат лидерите – како во реалноста може да бидат спроведени. Додека ние, во Амбасадата на САД, внимателно ги проучуваме сите национални планови на партиите, продолжуваме и одблизу да ги следиме постапките, одлуките и активностите во судството, кое е во очајна потреба од вистински реформи. Обликот и брзината на тие реформи се одговорност на владата, независно од политичката партија и коалициските партнери.“
Од Делегацијата на ЕУ, пак, посредно велат – не се за распуштање на Судскиот совет.
„Генерално, не коментираме планови или предлози на политички партии за време на изборен период. Ќе работиме со кој и да е избран да ја води земјата по изборите врз основа на законите и стандардите на ЕУ, вклучувајќи го и исходот од скрининг-процесот, Патоказот за владеење на правото што ќе биде усогласен и препораките на Оценската мисија за Судскиот совет.“
Уставни измени за правосудството?
И да не се создадат услови за разрешување на дел или на сите членови на Судскиот и на Советот на јавни обвинители, се чини дека созрева атмосферата за покрупни резови.
„Ние предлагаме да се смени законот, па ако треба и Уставот и по донесување на тие (измени н.з.) во една јавна и транспарентна постапка, со дебати, анкети, анализа, со вклучување на голем број на стручњаци, па може и бивши членови на Судски совет коишто ќе покажат како претходно функционирал Републички судски совет, па после 2006-та со трансформација, дали овој систем подобар е или претходниот систем е подобар“,
вели Викторија Аврамовска Мадиќ од СДСМ.
„Добра била намерата можеби во моментот кога биле носени уставните измени за реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвнители, но можеби времето поминало и сега е потребно да се направат некои нови промени. Секако нема ова да биде прв приоритет за уставните реформи во овој дел, но ќе отвориме дискусија со сите политички партии во Собранието, да видиме во која насока треба да се движи реформата на судско-обвинителскиот систем затоа што тоа секако од нас ќе го бара и Европската Унија во процесот на преговори“,
вели Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.