(ВИДЕО) И официјално – Николоски во транспорт, Мисајловски во одбрана, Салиу за интеграција на Ромите

ВМРО-ДПМНЕ добива 12 позиции, додека по едно место е резервирано за три партии од коалицијата која на изборите настапи под слоганот „Твоја Македонија“. Сите четворица потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе раководат владин ресор

Утре Мицкоски ги очекува официјалните предлози и од коалицијата „Вреди“ и партијата ЗНАМ, по што во вторник до Собранието ќе ги достави предлог-составот и програмата за работа на владата

По седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, ги соопшти имињата на кандидатите за министри од коалицијата предводена од неговата партија.

Сите четворица потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ добиваат министерски позиции, и тоа: Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска-Кочоска ќе биде новата министерка за финансии, а Владо Мисајловски – за одбрана.

На чело на Министерството за локална самоуправа ќе застане Златко Перински. Иако се шпекулираше дека кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев е во игра за ова место, тој вчера самиот потврди дека разговарал со мандатарот за повисока позиција, но и дека заеднички одлучиле да остане на градоначалничката функција до локалните избори.

Министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски, а за спорт – ракометарот Борко Ристовски.

Предлог на Мицкоски за министерка во новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, за земјоделство – Цветан Трифуновски, а за култура и туризам – актерот Зоран Љутков.

Мандатарот предлага Панче Тошковски да биде на чело на Министерството за внатрешни работи, додека Весна Јаневска е кандидатка за министерската позиција во образование и наука.

Интересно е што кандидати за вицепремиери се луѓе од помалите коалициски партии – Љупчо Димовски од Социјалистичката партија е предлог за министер без ресор, кој потоа ќе стане вицепремиер одговорен за политичкиот систем, додека Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија е предлог за министер кој ќе раководи со ресорот за односи меѓу заедниците, а во исто време ќе биде и вицепремиер.

Шабан Салиу од Демократски сили на Ромите е предлог за министер без ресор кој, како што кажа Мицкоски, ќе биде задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите.

„При изборот на кадровскиот потенцијал се водев од принципите за чесност и посветеност. Да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. Го немаме луксузот да не се успее ниту, пак, да се прават репризи на минати владеења, каде што ќе се загуби врска со единствениот суверен, народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно нè чека многу работа“,

изјави Мицкоски и додаде дека се надева и на двотретинска поддршка за определени реформски законски решенија.

Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада

Мицкоски очекува утре да ги добие официјалните предлози на идните владини партнери – коалицијата „Вреди“ и партијата ЗНАМ.

Најави дека предлог-составот и програмата на владата ќе ги достави до Собранието во вторник, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет.

ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 пратеници, „Вреди“ 14, а ЗНАМ шест.

- Реклама -