(ВИДЕО) Фондација „Борис Трајковски“ – ем корпа овошје за здраво тело и дух, ем помош за лицата со оштетен слух

Еден месец пред несреќата кај Мостар, во посета кај претседателот Борис Трајковски биле претставници на Сојузот на глуви и наглуви. Му барале помош. Бидејќи прераната смрт го спречила во тоа, семејството, преку фондацијата „Борис Трајковски“, решило да го продолжи делото на претседателот

„Пет на ден“. Вака е насловен проектот на кој работат Васко Марков и Тихо Русовски. Со него тие сакаат да поттикнат почесто консумирање овошје. Секој вторник им започнува со избор квалитетни банани, портокали, киви, јаболка, круши.

Тие се глуви и меѓусебно комуницираат на знаковен јазик. Сепак, тоа не ги спречува во исполнувањето на целта.

Васко Марков и Тихо Русовски

„Зошто сите наутро да пијат кафе, да јадат сендвичи или бурек? Сето тоа не е здраво за нас. Има многу маснотии. Или, на пример, јадат месо (кебапи) наутро. Сето тоа не е здраво. Најдобро е од сабајле да се јаде овошје – банани, јаболка, грозје, портокал. Сето тоа има многу витамини и допринесува за добро здравје“,

смета Тихо Русовски – „Пет на ден“.

Васко и Тихо се дел од поброен тим поддржан од фондацијата „Борис Трајковски“ во чии простории го подготвуваат овошјето.  

Прво ги избираат најубавите парчиња од најмалку пет различни овошја. Како што велат, тоа е наша и ваша цел – да се јадат пет различни овошја секој ден. Потоа ги редат во специјално изработени корпи во различни големини. Оваа собра околу пет килограми. Потоа корпата оди во машина за вакумирање. Сега е подготвена за достава.

Идејата потекнала од сличен проект во Норвешка.

„Беше малку тешко затоа што во Македонија не одговара, не е актуелен. Овошјето е здраво, меѓутоа друг е менталитетот тука. Тука сите сакаат да јадат месо цело време што не е здраво. Сите треба повеќе да јадеме овошје. Во Норвешка тоа одлично функционира, овде не многу“,

вели Васко Марков – „Пет на ден“.

„Пет на ден“ имаат интернет-страница овошен.мк на која фирми може да нарачаат корпа полна со овошје за своите вработени. Па, наместо да се пијат многу кафиња и да се јаде брза храна, ќе им биде достапно овошје, на кое ретко кој се сеќава додека на работното место.

„Целиот процес на Пет на ден е поврзан со фирмите. На емаил добиваме нарачка – која кошничка ја сакаат и од колку килограми. Со нарачката одиме во продавница. И со оглед каква кошница нарачале, тоа и обезбедуваме. Различни големини на кошници има – од четири, пет и шест килограми“,

вели Васко Марков – „Пет на ден“.

Време е за достава. Васко и Тихо ги товарат корпите во ова возило што им врши одлична работа. Денеска треба да однесат овошје во компанија во центарот на Скопје што е на неколку минути возење од фондацијата.

„Целта на ова е сите што слушаат да се соочат со нас глувите, да се соочат на еден начин со знаковниот јазик. Првата причина е што им носиме здравје, а втората е што ние глувите лица го работиме тоа“,

смета Тихо Русовски – „Пет на ден“.

Во компанијата во која го очекуваат овошјето работат канцелариска работа – вработените долго време поминуваат пред компјутер. Пет овошја на ден и тоа како им се добредојдени за освежување и добро здравје или, како што велат Васко и Тихо – ние доставуваме, а вие уживате.

„Кога доставувам овошје во фирмите, сите тие се многу пристојни и се задоволни од нас. Тоа им е интересно, што се во комуникација со нас глувите. Toa e многу лесно, само им го давам листот за примање нарачка каде што се потпишуваат и потоа љубезно се поздравуваме и ни се заблагодаруваат. Тие веќе нè познаваат, немаат никаков проблем со нас и се многу културни и имаме добар однос. Mногу се лојални и фер. Постојано нарачуваат од нас. Тоа ми претставува радост. Иако две фирми се малку, треба многу повеќе да се шириме, но сепак сум благодарен“

смета Васко Марков – „Пет на ден“.

Од меѓународната фондација „Борис Трајковски“ велат дека целта на нејзиното формирање и постоење е да се продолжи незавршеното дело на претседателот.

„Се случи во 2004 година кога делегација на глувите лица, еден месец пред неговото загинување, да го посетат и да побараат помош од него. За жал тој не можеше лично да им помогне но затоа ни остави аманет нам, како фондација, понатака да продолжиме. Од 2004 година до денеска ние континуирано работиме со глувите лица и помагаме во однос на тој аманет што ни го остави претседателот Трајковски“,

вели Роберт Милчев – извршен директор на меѓународна фондација „Борис Трајковски“.

Како фондација учествувале во лобирањето за донесување Закон за употреба на знаковниот јазик, како и изработка на македонски интернет-речник на знаковен јазик.

Средствата што ги собираат со продажба на овошните корпи ги користат за збогатување на интернет-страницата знаковен.мк.

„Веб страната знаковен.мк сите можат да ја отворат на интернет и да погледнат. Таму има 2 800 поими. Сакаме да продолжиме со снимање уште, меѓутоа финансиите се проблем. Немаме доволно финансии. Ако се продолжи со повеќе продажба на кошниците пет на ден, можеме да додадеме плус поими на страната. Исто како што вие што слушате си комуницирате, така и ние глувите можеме така што ќе се додадат нови фрази, реченици, поими, знаци. Тоа е многу важно“,

вели Васко Марков – „Пет на ден“.

Консумирањето свежо овошје од корпата на „Пет на ден“ е добра можност да се инвестира во сопственото здравје и во одржувањето на сеќавањата на претседателот Трајковски. А и во продолжување на неговото дело – да се поддржат оние на кои им е потребно тоа.

Извор