(ВИДЕО) Демек забранетиот за увоз „снус“ всушност имал отворена рампа за влез во земјава

Иако Државниот инспекторат за земјоделство уште од април 2023 година тврдеше дека не се издаваат дозволи за увоз на никотински кесички или популарно наречени „снус“, „360 степени“ го најде тој производ во легална продажба со датум на производство далеку по датумот на наводната забрана. Како е можно производот за кој речиси една година државата тврди дека не е дозволен за увоз, сепак, да ја поминува државната граница?

Главниот проблем во приказната не се самите никотински кесички, бидејќи се продаваат и во други држави, туку тоа што не се законски регулирани и лесно им се достапни на малолетници

На едно од пакувањата со никотински кесички купено во Скопје пишува дека датумот на производство е октомври 2023 година. Тоа е шест месеци подоцна од моментот кога, според Државниот инспекторат за земјоделство, е повлечена дозволата за увоз на тој производ. И не само тоа, инспекторатот тогаш ни соопшти дека отвориле внатрешна истрага како воопшто бил дозволен увоз на „снус“.

Кутија никотински кесички со датум на производство 21.10.2023г. / фото: „360 степени“

„Во Државниот инспекторат за земјоделство е започната интерна постапка за утврдување одговорност во врска со одобрување на пратка од никотински кесички од страна на оператори кои работат на EXIM-системот и надлежен инспектор за земјоделство“,

вели Државениот инспекторат за земјоделство (29.10.2023г.).

Запирањето на увозот на „снус“ и почетокот на интерната постапка за утврдување одговорност се случија лани во април. Тогаш Инспекторатот заклучил дека е дадена дозвола за увоз согласно Законот за тутун и покрај тоа што производот не е опфатен со законските одредби бидејќи „снус“-от содржи никотин, но не и тутун. Откако ја увиделе грешката, од Инспекторатот ја известил Царинската управа за тоа.

Но, со теренско истражување, „360 степени“ покажа дека и покрај ваквите околности, „снус“ има на полиците, дури и неодамна произведен.

Никотинска кесичка / фото: „360 степени“

Како е можно производ за кој, според Државниот инспекторат за земјоделство, повеќе не се издава дозвола за увоз, сепак да биде во малопродажба? И како на продажно место најдовме никотински кесички произведени пред неполни четири месеци?

По најновите сознанија, повторно побаравме одговори и од Инспекторатот и од Царинската управа. Државниот инспекторат за земјоделство не ни одговори на прашањата. Од Царината, пак, добивме детално објаснување. Признаа дека никотинските кесички во земјава сега се увезуваат без пречки и ограничувања и без потреба од каква било дозвола.     

„Од април до октомври 2023 година има само еден увоз на никотински вреќички што не содржат тутун и истиот е со издадена дозвола од Државниот инспекторат за земјоделство. Од 31 октомври досега има четири увози на никотински вреќички што не содржат тутун и тоа откако е добиено официјално известување од Државниот инспекторат за земјоделство дека производот не е регулиран со Законот за тутун и тутунски производи и за истиот не е потребно да се бара дозвола“,

велат од Царинската управа.

Од Царината дополнуваат дека во услови кога согласно законите не се бара дозвола за увоз, Царинската управа нема основа да бара нешто што не е пропишано.

Сепак, за ваквата состојба Царина известила повеќе институции.

„На иницијатива на Царинската управа со официјален допис е побарано произнесување од сите надлежните институции и е нагласена потребата за итно преземање активности за законско регулирање на увозот на овој производ, со цел заштита на здравјето на граѓаните“,

додаваат од Царина.

Меѓу адресите до кои бил испратен дописот се Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство, но повратен одговор досега не стигнал.

Со оглед на тоа што, првично, Државниот инспекторат за земјоделство ги сметал никотинските кесички за тутунски производ опфатен со Законот за тутун, решивме за ова да го прашаме министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Го најдовме на настан во Светиниколско. Откако му објаснивме како стојат работите, вети дека ќе иницира да се најде решение.  

Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

„Секако дека како член на Влада еве ќе се заинтересирам повторно за да видиме кое е можното решение на оваа проблематика, како е во другите европски земји и како треба да го решиме и ние.“

360°: Да знаете, на некој следен настан ќе ве најдам повторно и истово ќе ве прашам. Се надевам ќе имате повеќе информации.

„Еве ќе го иницираме, но тоа не зависи само од мене. Ние најмалку имаме тука придонес затоа што не е тематика што ја регулираат наши закони меѓутоа како вие, исто и јас и било кој друг, сите заедно треба да се поангажираме и да се најде соодветното решение и да најдеме начин како тоа и кај нас да биде регулирано зависно како е регулирано во останатите европски земји“,

рече Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Причината поради која редакцијата на „360 степени“ почна да истражува на темата „снус“ беше алармот од родители со поплаки дека децата без проблеми доаѓаат до производот кој содржи високи количини никотин. За да се увериме во таквите тврдења, излеговме на терен со деветтооделенец на 14 години, со дозвола на неговите родители. Во сите трафики во кои побара, му продадоа „снус“ и покрај тоа што на кутијата пишува дека е за лица над 18 години.

Продажба на никотински кесички на малолетник / фото: „360 степени“

Направивме и анонимна анкета меѓу средношколци која потврди масовна злоупотреба на овој производ.

Дел од средношколците со кои поразговаравме / фото: „360 степени“

Никотинските кесички го вкучија алармот и во училиштата. Во скопската гимназија „Орце Николов“ на почетокот на второто полугодие на учениците и родителите им беше поделен материјал со информации за штетните последици по здравјето на младите што може да ги предизвика злоупотребата на „снус“.

„Родителите прво искажаа задоволство за нашата иницијатива меѓутоа и едно сознание дека некои од нив и виделе такви кутивчиња дома итн. Имавме препорака родителите да зборуваат со учениците, да се советуваат што значи тоа, кои ефекти ги има и кои би биле последиците затоа што верувам дека дел од учениците и не се запознаени за последиците кои секако можат да им го нарушат и здравјето и да ги попречат во секојдневните активности“,

смета Ана Попризова – психолог во гимназија „Орце Николов“ – Скопје.

Професорот и клинички токсиколог Андон Чибишев објасни дека тоа е производ кој во некои земји се користи за одвикнување од цигари, но секако е штетен за непушачи.

Д-р Андон Чибишев – универзитетки професор, Клиника за токсикологија / фото: „360 степени“

„Луѓе што го употребуваат за да се одвикнат, тие се веќе зависни од никотин и го користат за да се ослободат од дел од зависноста. А тоа што вие го кажувате дека го користат млади луѓе од 12 до 16 години, тие практично со употребата стануваат зависници“,

вели Андон Чибишев – универзитетки професор, Клиника за токсикологија.

„Снус“-от се употребува така што кесичката, која содржи никотин како во неколку обични цигари, се става меѓу усната и непцето и ослободува никотин кој посредно навлегува во крвотокот.

Во некои европски земји никотинските кесички се забранети, во некои се дозволени, додека во трети се води дебата дали да се дозволи продажба која секако би била законски регулирана. Една од овие опции ќе треба да избере и Македонија. А дотогаш?

Извор