(ВИДЕО) Чуму катни гаражи, прашува Општина Тетово, ако полицијата остава секој да паркира каде сака

Општинската власт, која најавуваше изградба на катни гаражи до крајот на 2023 година, на почетокот на 2024 година тврди дека не гледаат поента во изградба на такви објекти кога полицијата, инаку контролирана од централната власт, толерира хаос во паркирањето

Од СВР Тетово имат спротивен став од оној на општината – тековно се казнувале непрописно паркираните возила. Дел од граѓаните пак, велат дека вина има кај двете страни, но и кај возачите

Поминаа една година и три-четири месеци откако градоначалникот на Тетово, Билал Касами, го даде ова ветување пред камерата на „360 степени“.

Билаљ Касами-градоначалник на општина Тетово

Во однос на катните гаражи, веруваме дека до крајот на годината ќе го избереме приватниот партнер со кого ќе се изврши изградбата на овие гаражи во текот на 2023 година, а се надеваме дека во најбрз можен период во 2023 година тие ќе бидат во функција за граѓаните“.

рече Касами.

Но, на крајот на 2023 година, наместо да ги пушти во употреба ветените катни гаражи, градоначалникот Касами, во изјава за медиумите, рече дека катни гаражи ќе има, но под еден услов.

„Катни гаражи ќе има кога полицијата ќе ги санкционира граѓаните кои паркираат на улица.Ниту општината, ниту приватниот сектор можат да градат катна гаража, бидејќи имаме паркинг зад нас кој не се користи“.

вели Касами.

Дојде и 2024 година, па излеговме на тетовските улици за да провериме – дали ваквата изјава на Касами сменила нешто?

На прв поглед, ништо ново. Во Тетово се паркира и на втора лента на булевар. Ем се блокира тој што паркирал до тротоарот, ем се блокираат тие што улицата ја користат за нејзината оригинална намена – да се движат по неа.

Виновна е полицијата, велат од Општина Тетово.

Бесар Дурмиши-Претседател на општинскиот совет Тетово

„Тоа е нивна ниска дневна политика. Ние повикувавме, уште еднаш повторувам, да соработуваат со Општина Тетово, СВР, но за жал од централната власт или СВР не го гледаат интересот на заедницата и на граѓаните. Ние не се занимаваме со ниска дневна политика бидејќи ние сме тука да ги решаваме маките и проблемите на граѓаните и на секоја работа вака пристапуваме“.

вели Дурмиши.

Претседателот на општинскиот совет вели дека за 2 години колку што се на власт успеале да го зголемат бројот на паркиралишта и дека трендот на зголемување на бројот на паркинг места ќе продолжи.

Во моментот кога зборуваме, во градот Тетово има 1092 паркинг-места кои се функционални. Во моментот кога ја презедовме Општина Тетово имаше 752 паркинг-места, односно додадени се 340 нови паркинг-места. Вреди да се истакне фактот дека секоја улица што ја отворивме ја правевме и со зонски паркинзи, односно за две години го зголемивме бројот на нови паркинзи, а ќе продолжиме и понатаму“.

додаде Дурмиши.

Или, со други зборови, локалната власт која ја предводи партијата Беса, ја обвинува централната власт предводена од СДСМ, ДУИ и Алијанса, дека ги саботира нивните напори за решавање на сообраќајните проблеми во Тетово.

До таму што, тврдат од Општината, се блокираат предизборните ветувања на Касами.

360°:Ќе го исполните ли ветувањето за катни гаражи?

Една иницијатива веќе покренавме.На две-три други места во кои има имотно-правни проблеми, каде странките се во судска постапка. Штом ќе завршат тие постапки, веднаш ќе започнеме со иницијативата за останатите катни гаражи. Но, повторувам дека ни треба соработка со СВР. Овие паркинзи што ги имаме 1092 треба да бидат функционални, а не празни. Исто и тие да бидат на терен и да одржуваат ред во градот“.

рече Дурмиши.

За време на нашиот престој во Тетово, сепак, не наидовме на празни обележани паркинг места во центарот на градот. Напротив, беа полни и тие и плус имаше возила паркирани во втора лента, на тротоари, па дури на кружен тек.

Забележавме и два одвоени случаи каде пoлицајци казнија возачи кои очигледно ги прекршиле сообраќајните правила. Но, имајќи го предвид фактот дека секој прави што сака, се чини, тој ангажман е само повремен.

Не мислат така во СВР-Тетово. Велат дека се преземаат мерки и активности за поголем ред и безбедност во сообраќајот, особено во централното подрачје на градот.

Марјан Јосифовски-портпарол на СВР-Тетово

„Како илустрација дека е тоа така ќе наведам неколку бројки и показатели кои претставуваат потврда за активностите на СВР Тетово гледано минатата година. Лани на пример СВР Тетово во содејство односно во соработка со тетовската локална самоуправа вкупно подигнале 3.964 погрешно односно непрописно паркирани возила или изрекле вкупно 6.226 мерки кои се однесувале на непрописно паркирање најмногу во т.н. двојни редови и особено на најфрекфентните тетовски улици. “

вели Јосифовски.

Но, го прашавме Јосифовски, зошто тогаш и понатаму има по два реда паркирани возила и тоа токму во централното градско подрачје, на најпрометните улици.

Прво, да кажам дека тоа не се толерира туку се санкционира и први на удар, ако така можам да речам, се возачите односно сопствениците на возила кои ги паркираат во т.н. двојни редови и со тоа го попречуваат нормалното движење на другите учесници во сообраќајот. Посебно под лупа на полициските службеници на СВР Тетово се возилата кои најнепосредно и сериозно го попречуваат движењето на другите учесници во сообраќајот, односно возилата што се паркирани во зони на крстосници, на тротоари, во зеленило или на други јавни површини кои не се предвидени за таа намена”.

рече Јосифовски.

Бидејќи институциите не покажуваат чувство на вина на состојбата, одговори побаравме и од оние кои најмногу ги засега сообраќајниот хаос – тетовци. На дилемата – дали слабо работи Општината или полицијата, тие додадоа уште еден фактор – однесувањето на возачите.

„Сообраќајот треба да има повеќе паркинзи, подземни или надземни, во некоја зграда, како на други места“.

360°: Дали полицијата си ја врши работата како што треба во сообраќајот?

„Не до токлу, се трудат, но не доволно, бидејќи и возачите треба малку повеќе да внимаваат“.

вели еден граѓанин.

„Ако нема пат, нема ни паркинзи, овде пат нема, Тетово е блокирано“.

рече друг граѓанин.

„Што да мислам, ги зафатија сите места со градење објекти“.

360°: Дали мислите дека треба да има повеќе паркинзи?

„Да, нормално е да има паркинг за секоја кола, но гледај – нема паркинг“.

360°: Дали мислите дека полицијата си ја врши работата во однос на сообраќајот?

„Полицијата не си ја врши работата како што треба“.

вели друг граѓанин.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Тетово се регистрирани околу 40 000 автомобили. За споредба, Општината има околу 1 100 обележани паркинг места.

Бројките сугерираат дека катните гаражи можат само да ја ублажат состојбата. Решението повеќе не е можно ако не сменат и навиките – да се пали кола за сешто и за до секаде.

Извор