Во деликатен момент за мирот и безбедноста на европскиот континент, НАТО одбележува 75 години од постоењето, а Северна Македонија четири години од членството во Северноатлантската алијанса. Отворените денови на Арамијата што се организираат низ градовите во земјава се шанса за граѓаните да се запознаат со дел од опремата и вештините на војската, а за нас да ги прашаме граѓаните – што мислат, вредеше ли и вреди ли зачленувањето во НАТО
На 27 март 2020 година земјва официјално стана 30-та членка на НАТО. Три дена подоцна, пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалниот влез во НАТО, беше подигнато македонското знаме и беше интонирана македонската химна.
Тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, влезот на земјава во алијансата го нарече првиот голем успех на нашата независна и суверена држава.
„Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниот ден го чекавме речиси 30 години“,
изјави тогашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Деновиве се одбележуваат четири години од влезот во НАТО. Проследивме дел од настаните по повод годишнината за да ги прашаме и граѓаните и политичарите и војниците – дали вреди членството во Алијансата?
Улицата „Брегалничка“ до градскиот стадион во Штип во саботата беше зборно место за голем број млади и повозрасни штипјани.
Причина за големата раздвиженост беше отворениот ден на Армијата по повод четири години членство на Северна Македонија во НАТО. Дел од воената опрема беше изложена на улицата, а секој граѓанин имаше можност одблизу да ги види возилата и оружјето, па и да поразговараат со војниците за нивните спецификации. Децата, пак, трчаа од една точка до друга за да „пробаат“ што поголем број возила. А по нив бабите и дедовците, со телефоните во рака.
Дојде и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Додека старешините го водеа во обиколка на опремата, ние поразговаравме со граѓаните – што значи влезот во НАТО за нив и има ли ќар за земјава?
Мислам дека треба од безбедносни причини и е добро за да имаме добра армија, организирана армија. Иначе, ако не е НАТО, кој ќе не чува?
За мене оправдано беше влегувањето во НАТО, мислам дека сепак треба да си во некоја организација каде ќе чувсвтуваш одредена сигурност, и заеднички секојпат е подобро.
Убаво е да сме членки во НАТО, едноставно поради безбедноста на земјата, убаво е.
Но, имаше и луѓе кои на членството во НАТО не гледаат толку позитивно.
Оно е добро од една страна ама лош потег со Бугарите „онајдуваат“ и нашите ги продадоа сите возила и го однесоа во Украина, а сега ни носат американски возила.
За од страна можда, ама за внатре не бива.
И покрај различните ставови за членството, присутните беа согласни дека со влезот во НАТО, Армијата се модернизира и е со далеку подобри услови од оние што, на пример, постарите ги имале во минатото.
Јас што сум бил војник во 1970, после видувањето на оваа техника, тогаш возевме „Џемсови“ и имавме кампањолички, сум воодушевен од ова што го гледам и добро е нека работат, нека се опремуваат за мир да одржуваат, а не за војна.
На мене ми е мило што еве да речеме конкретно имаме млади луѓе во Армијата и тоа е добар показател и мислам дека сме добро опремени.
Каде, каде. Во времето на Југославија, нормално, имавме стари возила или нешто што е застарено. Сега веќе се си е ново и тоа е добро.
Покрај возилата и оружјето, големо внимание кај присутните привлече баталјонот на специјални сили „Волци“ кои одржаа показна вежба на борбените вештини. Интересно, во публиката имаше и лице кое на својата облека имаше залепено амблем со знамето на Руската федерација.
Точно напладне, пристигна и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Со нејзиното доаѓа започна и официјалниот дел на церемонијата.
И додека министерката ја правеше обиколката, на тротоарот зад изложените возила, присутните имаа можност да пробаат војничко гравче и топол чај.
Утредента, карванот на Армијата се пресели на запад, во градот Тетово. За разлика од Штип каде настанот се одвиваше на една од главните улици, зборното место во градот под Шара беше градскиот плоштад. Затворена беше и главната улица која водеше кон плоштадот. Настанот беше помал од оној во Штип, и по изложените парчиња опрема, и по бројот на присутни граѓани, веројатно поради фактот што во штипската касарна има повеќе персонал и опрема од тетовската.
Тука имавме можност да разговараме со Љубомир Панев, пилот и припадник на македонската армија од воздухопловниот Винг. Тој вели дека со влезот на Македонија во НАТО, се интензивирале активностите во обуките со партнерите од алијансата, но и учествата на македонските војници во меѓународните операции.
„Овој сквадрон е дел од иницијативата за НАТО flight training Europe иницијативата за обука на пилоти за Европа која што главна цел има за подобрување на интероперабилноста меѓу членките на НАТО алијансата, намалување на трошоците за обука, споделување на заедничките капацитети“,
изјави Панев.
Според него, да се служи на граѓаните е огромна чест, па затоа вели дека секој млад човек кој би сакал да се обучува да биде воен пилот е добредојден, да стои рамо до рамо со сојузничките армии од најмоќните светски сили.
„Ние сега располагаме со пилоти кои ги опслужуваат моменталните летала и техника која ја имаме на располагање, меѓутоа со зголемување на степенот на модернизација и со набавка на нови платформи секако дека би ни бил потребен млад кадар како од пилотски, така и од технички аспект“,
вели Панев.
Како одминуваше времето, се зголемуваше бројот на граѓани кои доаѓаа на плоштадот. Најголем интерес кај најмладата публика, слично како и во Штип, привлекоа борбените вештини на припадниците на единицата „Волци“. И тогаш, темен облак го покри Тетово и почна силен дожд. Присутните привремено се засолнија, а времето наскоро се стабилизираше.
Нова шанса, особено за децата, да се качат во едно од возилата. А тука ги прашавме и тетовци – кое е нивното мислење за влезот во НАТО?
Пошто опкружувањето не е многу наклонето кон Македонија, со влегувањето во НАТО се чувствуавме побезбедни.
По мене оправдано е влегувањето.
360: На што се темели тоа?
Па на безбедност, на сигурност и на економија.
Ако си под 35 години не можеш да го разбереш значењето на НАТО, сега бенефитот можеби уште не сме го виделе.
360: Сметате дека Македонија е побезбедна откако сме влезени во НАТО?
Па ваљда да, ваљда да, во некои работи да.
Пред 23 години тетовскиот плоштад беше сведок на други сцени и настани, со кои ескалираше конфликтот во земјата. Војската, тогаш, го бранеше уставниот поредок. Па, ги прашавме луѓето, какви чувства имаат за армијата сега, после толку години.
„Немаме проблеми, и пред тоа сме немале проблеми, меѓутоа таква беше ситуацијата“,
„Баш јас бев тогаш на плоштадот пред 20 години, сега ова малку ме потсеќа на тоа време, меѓутоа поминало тоа и завршило“,
Нешто пред пладне, во Тетово пристигнаа министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски по што воениот оркестар повторно, како и во Штип, изведе неколку музички нумери со што го означи почетокот на официјалниот дел на настанот.
По кратката обиколка, министерката Петровска застана пред нашиот објектив. Според неа, земјава со влезот во НАТО добила безбедност и сигурност, а за возврат АРМ започнала да се модернизира. Притоа, земјава ја исполнува обврската дадена пред Алијансата, да троши најмалку 2% од Бруто домашнот производ за одбраната.
„Граѓаните се безбедни, тоа е најважното за нив, а за армијата- го продолжува засилено процесот на модернизација, опремување, подигнување на сопствените капацитети кои пред се служат за нацонални цели меѓутоа преку тие капацитети се разбира придонесуваме и за националната безбедност. Тоа е процес кој нема запирање, може само да се подобрува во иднина и да добива поголем интензитет. На таков начин ја гарантираме одбраната на нашата држава и одбраната на Алијансата“,
вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Карванот на отворените денови со Армијата ќе продолжи и во наредните денови во Прилеп, Охрид и Кичево, а финалето се очекува да се оддржи на 27 март во кругот на Министерството за одбрана во Скопје кога и официјално ќе се навршат четири години како сме членки на НАТО.