(ВИДЕО) Буџетските пари на голема врата се враќаат во приватните медиуми

Реклами на телевизиите, радијата, весниците, порталите. Предизборно, партиите ќе потрошат 10,6 милиони евра буџетски пари во приватните медиуми. Во онлајн-просторот близу 250 портали се пријавија за да добијат парче од рекламниот колач за изборите. Не помина иницијативата за укинување на финансирањето на предизборните реклами со буџетски средства. Дополнително, власта и опозицијата го вратија редовното државно рекламирање во радиодифузерите. Државните субвенции за весниците, пак, наместо преку програма, ќе се делат со закон

На прагот на двојните избори, очигледна е намерата на политичарите да си обезбедат релаксирани односи со медиуми. Погледнете го видеото

Новинарот Гоце Трпковски од БИРН детално го прочешла списокот од 249 портали кои се пријавиле во Државната изборна комисија за да објавуваат реклами во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Сето тоа во земја која нема ниту јасна дефиниција што е онлајн-медиум.

„Има лимит колку пари може да земат сајтовите, најмногу 15 илјади евра од еден учесник на изборите, и затоа една фирма пријавува 2,3,5 до 9 портали на исто име за да може да зема повеќе пари и имаме еден куриозитет кадешто иста фирма ги има пријавено различните јазични верзии, македонски, албанска и англиска како различни внесови, за да може за сите три да зема пари, а она што дефинитивно е најголем проблем е што сè уште се дозволува исплата на сајтови коишто не се на мк домеин, чие сопствеништво не е проверливо, кои што нема импресум, значи ние не можеме да знаеме кој стои зад таа редакција итн. и тие може да земат пари“,

вели Трпковски.

Веб-портал што ќе земе државни пари, може и да згасне по избори, а ни Државната изборна комисија нема механизам за да спречи евентуално испумпување пари.

„Сите решиле да си ја пробаат среќата, меѓутоа ќе добијат тие портали, други медиуми што ќе склучат договори подоцна со учесниците во избирачкиот процес.

А, може ли учесниците да направат злоупотреби во таа насока, да ги дадат средствата на веб-портали кои работат надвор од државата?

Јас не верувам, меѓутоа сега ги проверуваме, минутите или ги уклопуваме, дали давале или не давале“,

кажа претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски в гостување на Сител телевизија.

Според пресметките на ДИК, од вкупниот рекламен колач од 10,6 милиони евра за двојните избори, за порталите и 11-те весници се предвидени 2,7 милиони. Кандидатите и партиите сами ќе одлучат каде сакаат да се рекламираат, но еден учесник можe да потроши најмногу 15 илјади евра кај еден портал.

„Кога завршија локалните избори направивме исто анализа, која покажа дека во интернет-сферата има најмногу еднострано рекламирање, односно на еден портал само една партија се рекламира, на друг само друга, и тоа исто така имаше дека една фирма со четири портали за сите четири земала максимални суми, немаше некој јасен критериум зошто таму решиле да се плати, наместо на друго место, имаше партиски активисти, коишто земале пари, така што тука се отвора голем сомнеж, иако ова не се големи пари кога се во прашање вкупниот буџет за рекламирање за избори, меѓутоа се отвора сомнеж дека на овој начин, дел пари се испумпуваат за потоа можеби да се вратат, дали во партијата, дали да отидат на друго место, бидејќи инаку, зошто некој би се рекламирал на сајт којшто речиси никој не го знае“,

потсетува новинарот Трпковски.

Кај големите партии не помина иницијативата од работната група во Правда – да се укине плаќањето на предизборните реклами од државниот буџет.

„Ние не велиме дека треба се забрани кампањата туку постои една недоумица туку само велиме дека потребно е да се направи модел кој што ќе им даде простор на оние кандидати што се кандидираат без разлика дали за парламентарни, локални или претседателски избори меѓутоа тој модел да овозможи бесплатно нивна промоција на јавниот сервис, а додека на приватните медиуми самите треба да бидат настроени кон нив да ги привлечат да бидат поканети да учествуват како говорници, како некој што ќе даде придонес во јавниот дискурс зошто би требало да бидат поддржани од страна на самите граѓани наспроти тоа да снимаат би рекол ефтини филмови или клипови кој што потоа ќе бидат со платени пари од граѓаните дистрибуирани од страна на овие медиуми“,

вели Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

По доаѓањето на власт на СДСМ во 2017 година, Владата ги укина државните реклами во приватните медиуми и објави дека владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2008 до 2015 година потрошиле 38 милиони евра буџетски пари за кампањи, главно на најголемите приватни телевизии.

„Ги прекинавме владините реклами кои беа назначени од домашните и меѓународните фактори како извор на притисоци и контрола врз медиумите“,

кажа Заев од позицијата премиер на РСМ во 2017 година.

Зоран Заев се повлече, но СДСМ сè уште е на власт. Кон крајот на минатиот месец, Собранието ги изгласаа измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги вратија државните реклами во приватните медиуми. Директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, кој е дел Македонската медиумска асоцијација, вели дека власта сама барала враќање на државните реклами, додека на приватните телевизии приоритетно им било прашањето за пиратеријата и за регулирање на односите со кабелските оператори. Сепак, не се против да добијат државни пари.

Можеме да гледаме малку и обратно, не се тоа државни пари, тоа се наши пари, колку се на државата, толку се и мои и твои. И сега самите кога видоа дека има потреба од овие т.н. државни реклами, самите инсистираа да бидат ставени. И тука ние немаме никаков проблем. Тие се како секој огласувач на Канал 5, сакаш да се емитуваш, ќе си платиш, со тоа што воспостави сериозни критериуми за начинот на поделба и дистрибуција на тие средства. И сега самите кога видоа дека има потреба од овие т.н. државни реклами, самите инсистираа да бидат ставени. И тука ние немаме никаков проблем. Тие се како секој огласувач на Канал 5, сакаш да се емитуваш, ќе си платиш, со тоа што воспостави сериозни критериуми за начинот на поделба и дистрибуција на тие средства“,

вели тој.

Мирчевски тврди дека вакво рекламирање постои во мнозинството земји членки на ЕУ. Тој оди и чекор понатаму, па вели дека со државните кампањи, на пример, би се спасиле повеќе животи во ковид-пандемијата.

„Зарем не мислиш можеби дека со тие кампањи – носете маска, држете дистанца, мијте ги рацете, вакцинирајте се особено, можеби од тие 9 300 коишто за жал починаа, како последица на Ковид, можеби еден човек немаше да се спаси? Јас ќе бев пресреќен, доколку еден се спасеше, но тоа не ни беше овозоможено токму поради тие ЗНМ, тие луѓе коишто еве денеска истотака се бунат за измените за враќањето на т.н. државни кампањи во медиумите.

360֯: Па го имавме министерот за здравство секој ден на прес-конференции за истото.

Една работа е да го имаш министерот за здравство, друго е да имаш кампања. Види, ако тоа е така како што ти викам дека сме го имале зошто тогаш 23 од 27 европски членки ги имаат државните реклами? Зарем мислиш дека се лепрозни, дека се удрени во главата? Не. Сфатиле дека најдобриот начин на комуникација со јавност кога сакаат да пласират, па не е само ковидот, замисли ние од 2021 да почневме кампања, луѓе внимавајте, менувајте ги личните документи. Зошто да не? Но, морате да им се заблагодарите на ЗНМ и на другите здруженија заедно со дел од апаратчикот на оваа сегашна номенклатура владејачка, која работеше упорно тоа да не се случи“,

вели Мирчевски.

За државните реклами на приватните радиодифузери – телевизии и радија, државата ќе троши 0,1 отсто од приходите од даноци во буџетот, а Владата ќе спроведе најмалку една кампања годишно. Ако се земе предвид буџетот за 2022, тоа значи дека за лани медиумите би добиле 2,3 милиони евра. А, годишните сметки покажуваат дека тие не работат непрофитабилно.

„Со ваквите измени се создава легализиран финансиски механизам за поткуп на приватни медиуми. Наместо парите да се трошат за продукција на програми, на содржини или за подддршка на независно новинарство, сега ќе се трошат за пораки за т.н. кампањи од јавен интерес кои одговараат на централаната и на локалната власт, а во самиот предлог нема никакво обрaзложение зошто е тоа од јавен интерес и кој би биле придобивките на граѓаните, освен тоа што се вели дека ќе се постигне правна сигурност во поглед на државното рекламирање и дека ќе се постигнува државната свест. Ништо не знаеме за тоа каков вид пораки ќе се шират, какви кампањи, како ќе се дефинираат тие кампањи, се разбира стои и дека некакво ад-хок тело при Собранието, односно пак политичарите ќе одлучуваат што е кампања од јавен интерес“,

алармира Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС.

Трпевска беше дел од групата експерти кои работеа на сеопфатни медиумски реформи и изработија решенија за измени на законите за АВМУ и за медиуми кои не биле земени предвид. Таа појаснува дека државните кампањи се различни од јавните.

„Ако станува збор за јавни кампањи ние тоа го кажавме во првото формално мислење, тогаш тие треба да одат бесплатно, а не со државни пари и медиумите, кога станува збор за ситуации кога станува збор за ситуации како што беше епидемијата со ковид или други вонредни ситуации, медиумите треба бесплатно треба да ги поддржат тие јавни кампањи. Овде не збор за јавни кампањи и дефиниција што е внатре во законот, се однесува на државното рекламирање. Тука има голема конфузија што е она државно рекламирање и што се јавни кампањи. Ќе следиме и ќе видиме што ќе се случува“,

вели Трпевска.

Весниците, пак, со години добиваат државни субвенции за печатење и дистрибуција. Според податоците од Владата, годинава, за трошоците од лани, вкупно пет весници добиле речиси 10 милиони денари или 160 илјади евра.

Но, ако се погледнат завршните сметки на весниците, ќе се види дека нема загубари и дека добивките се движат од 6 до 360 илјади евра годишно.

„Зависи кога се земаат тие податоци, за која година. Тоа не е пракса која постои 17 години, земете ги претходните години, тоа не е случај. И не може да се земе само еден медиум како репер за тоа, треба да се земат сите. Има многу околности кои што кажуваат дека таа ситуација е општа во земјите на цела Европа. Значи не сме ние по тоа исклучок. И тоа не мора да значи дека секоја компанија којашто прима некаква субвенција од државата е во негативен биланс. Земете ги вие во нашата држава, имате и компании кои што се најпрофитабилни кои што земаат финансиска помош од државата во различни области. Но, мислам дека кога ќе ја земете општата слика, таа ситуација, навистина медиумите се загрозени, печатените медиуми“,

вели Лирим Дулови од Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми.

Сега, со интервенција во Законот за медиуми, субвенциите за весниците добиваат трајно решение – па, наместо секоја година да аплицираа на програми за поддршка, добиваат механизам чие спроведување нема да зависи од волјата на владејачката гарнитура, која и да е. Но, експертите повторно укажуваат на нетранспарентен процес.

„Јас не мислам дека е проблем тоа што се внесуваат одредби во Законот за медиуми, затоа што субвенциите досега повеќе години назад се делеа врз основа на програма на Владата за поддршка на печатените медиумите иако и тој документ е легитимен и секоја година се одредуваше колку средства од буџетот би се одвоиле за печатените медиуми, подобро решение е таквите субвенции да бидат ставени во законски одредби, меѓутоа имам проблем со начинот на кој тоа се прави и со постапката. Сум против носење на закони на парче, ад-хок, на нетранспарентен начин и без јавна расправа. Никој од нас не знае и јас не сум информирана, кое е образложението сега, зошто се прави тоа токму сега, зошто се прави само за овие одредби, а не и за другите и те како важни прашања што треба да се регулираат со Законот за медиумите, меѓу другото да го споменам и прашањето на заштита на прашањето за работничките права на новинарите“,

вели Трпевска.

На прагот на двојните избори, очигледна е намерата на политичарите да си обезбедат релаксирани односи со медиуми. Цехот ќе го платат граѓаните.

„Со овие последни измени кои не се случија во Изборниот закон и со измените на Законот за АВМУ сметаме дека се оддалечуваме од добрите практики на ЕУ и на еден начин, неминовно ќе биде кога ова ќе биде укажано во наредните изештаи кои ја следат слободата на медиумите.  Македонија за жал, цениме дека оваа добра позиција што сега ја има, 38 место од 180 на Репортери без граници ќе ја изгуби наредната година, бидејќи политиките кои се носат во овој сектор, пред се во квалитетот на регулативата, бележат регрес“,

вели Секуловски од ЗНМ.

Извор