(ВИДЕО) Балансерот влезе во предизборната кампања – некој сака да го укине, некој да го реформира

Иако кампањата за парламентарните избори ќе почне за една недела, претендентите за столче во Собранието веќе ја надминаа фазата на загревање. Едно од прашањата кои се ставени на маса е балансерот – алатка која одредува од која етничка припадност треба да биде одреден службеник кога некоја јавна институција распишува оглас за вработување. Го меревме пулсот на партиите на оваа тема, која – и практично и вредносно – засега многумина во државата

Балансер е името на алатката која одредува каква етничка припадност треба да имаат административците, кога јавните институции вработуваат нов кадар. И додека со тоа се обезбедува правична застапеност на етничките заедници, моделот често е и предмет на критика. Сега стана жешка тема во предизборието.

Од ТВ-дуелот на Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски на Канал 5 / фото: принтскрин

„Не е тоа наше барање. Тоа е заклучок од извештајот на скрининг процесот каде што самата Европска Унија вели дека треба да се напушти бидејќи ја исполнил својата функција. Не велиме ние како ВМРО-ДПМНЕ.“

– Вие споменавте дека ќе го поставите како услов за коалиција.

„Точно. Да го почитуваме тоа што во извештајот го бараат европските официјални лица“,

рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ

„Во делот на балансерот веќе е подготвен реформскиот план врз основа на скрининг процесот во кој се предвидува комплетна ревизија на балансерот. Зошто? Бидејќи се злоупотребува и бидејќи не ги дава резултатите кои се однесуваат на врвна професионализација на јавната администрација“,

рече Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ.

Дали треба да се очекува укинување на балансерот, како што најавува ВМРО-ДПМНЕ, или негово ревидирање – како што велат од СДСМ?

Соодветната и правична застапеност на сите етнички заедници во јавниот сектор е уставна темелна вредност од 2001 година наваму и таа придонесе за интегрирање на албанската и на другите немнозински заедници во државните институции на централно и локално ниво. Но, алатката што се користи за нејзино спроведување – наречена балансер, се почесто е мета на критики поради злоупотребите.

Медиумите со години известуваат за примери на изигрувања и нелогичности поврзани со балансерот. Меѓу најновите е огласот на Национални шуми за вработување на 12 дрвосечачи Албанци во Берово – општина во која според пописот има само еден Албанец. Можат да се најдат и десетици, ако не и стотици текстови, за тоа како кандидатите ја менуваат етничка припадност според барањата на огласот. Па, има случаи кога едно лице се јавува за повеќе позиции во исто време, секаде со различна етничка припадност.

Но, освен од дома, критики за балансерот стигнаа и од надвор. Во извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“ што Европската комисија го објави во август 2023 година, пишува дека:

„Балансерот… повеќе не ги исполнува целите, бидејќи процентите во формулата не ги одразуваат податоците за резидентно население на последниот попис“,

стои во Извештајот на ЕК од скринингот за Кластер 1.

Извадок од извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“

Дополнително, се вели во извештајот, паралелните постапки за регрутирање го поткопуваат и системот на правична застапеност и т.н. систем на заслуги. Во извештајот не пишува, но еден од механизмите за вработување што го користат институциите е преземање на вработени, кога се трампаат „наши“ за „ваши“ партиски кадри.

Најдециден став за ова прашање во својата изборна програма има ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека балансерот треба да се укине. Се повикуваат на извештајот од скринингот за Кластер 1 на Европската комисија.  

„Искористувањето на балансерот и неговата злоупотреба целосно го разрушува принципот на стручноста и компетентноста што е основен принцип за вработување и ангажман во јавната администрација што значи дека граѓаните прво избираат која националност се, а потоа се сметаат и мерат нивните квалитети, образование, биографија, претходно искуство, знаења, компeтенции итн. Тоа значи дека алатката го донесе до апсурд процесот на вработување во јавната администрација и затоа ние сметаме дека треба да се напушти, секако, со почитување на темелната вредност на Уставот која што значи правична и соодветна застапеност“,

вели Стефан Андоновски – ВМРО-ДПМНЕ.

Стефан Андоновски – ВМРО-ДПМНЕ / фото: „360 степени“

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат зад таквиот став да застанат и потенцијалните коалициски партнери за формирање влада по изборите.

„Овие постулати што ги имаме како заложба во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за овие избори ќе бидат и дел од програмата за преговори. Оние партии што ќе бидат подготвени да се согласат со нашите ставови, со нашите проекти, политики и замисли ќе бидат добредојдени да ни се приклучат во владата и заедно да ја формираме. Секако во процесот на преговори и другите страни ќе имаат свои побарувања, ќе дискутираме за нив и ќе видиме каде ќе можеме да се најдеме односно што е прифатливо“,

додава Андоновски.

Со оглед дека од ВМРО-ДПМНЕ јавно се против коалиција со ДУИ, нивен потенцијален коалициски партнер, во случај да формираат влада, е коалицијата „Вреди“. Го прашавме претседателот на Беса, Биљал Касами, дали би прифатил укинување на балансерот како услов за влез во идна влада. Не беше дециден.

„Ако се мисли дека сите немакедонци по дефиниција се неквалификувани за државна администрација, тоа е неприфатливо. Ако се бара во делот за застапеноста покрај тоа да биде и квалитетот на луѓето кои ќе бидат вработени, ние сме подготвени да разговараме, значи да најдеме решение што ќе ја има предвид и меритократијата во делот на вработувањето во државната администрација“,

вели Биљал Касами – претседател на Движење БЕСА.

360°: Значи укинување не доаѓа предвид за вас?

„Тоа сме го кажале. За сè сме подготвени да разговараме. Ајде да најдеме друг механизам што е сличен на балансерот во кој и етничката припадност и мерит системот ќе бидат предвидени“,

вели Арбен Таравари – кандидат за претседател од коалицијата „Вреди“

Африм Гаши, Арбен Таравари и Биљал Касами / фото: „360 степени“

Од Демократската унија за интеграција се против укинување на балансерот. Но, како и нивниот сегашен коалициски партнер СДСМ, се согласуваат дека е потребна реформа. Свесни се дека има злоупотреби на алатката, но сметаат дека нејзино напуштање би значело чекор назад.

Таа идеја, за нив, води кон дестабилизација.

„Ние мислиме дека треба да се надгради за да се превенираат било какви злоупотреби, туку навистина да служи како алатка која ќе биде за следење на правичната застапеност. Мислиме дека овие изјави не се нови, не се изненадување за нас, бидејќи вакви изјави, во кои се бара и укинување на Бадентер, балансер и некои други одредби кои се предвидени и во Уставот и во законите сме ги слушале и порано. Тоа е дел од таа агенда на Русија за поголема поларизација на нашето општество, за креирање тензии и за целосна дестабилизација“,

смета Арбр Адеми – ДУИ.

Арбр Адеми – ДУИ / фото: „360 степени“

Од владејачкиот СДСМ во неколку наврати побаравме интервју во кое би објасниле – како предлагаат да се реформира балансерот. Но, од партијата не дадоа изјава.

Тоа не значи дека немаат идеја како да се ревидира балансерот. Како што не значи и дека ова нема повторно да стане жешка тема во пресметките меѓу двете најголеми партии и нивните лидери. На крајот на краиштата, балансерот е дел од патоказот за реформа на јавната администрација – чие прифаќање од Брисел е еден од предусловите за отворање на првиот кластер, кога ќе продолжат преговорите на земјава со ЕУ.

Извор