Внимателното разгледување на хронологијата на настаните покажува дека претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, зборува дека „партнерите“ работат на решение со кое граѓаните ќе можат да изберат дали ќе гласаат само на едниот или на двата изборна процеса на 8 мај при идентификацијата со отпечаток од прст, еден месец пред да се потпише договор за такво нешто
ДКСК отвори предмет и за првичната набавка на системот за идентификација на гласачи со отпечаток од прст уште во 2021 година кој заврши со иницијатива за кривичен прогон до Обвинителството. Но, пред четири месеци случајот бил затворен бидејќи Обвинителството не нашло докази за сторено кривично дело
Една од работите кои го одбележаа 8 мај е што прв пат се гласаше на двојни избори на кои граѓаните се идентификуваа со отпечаток од прст. Тоа, пак, донесе потреба од промени во системот кој првпат беше воведен за локалните избори во 2021 година.
Кога Државната изборна комисија го купи пред три години од германски „Дермалог“ за 11,2 милиони евра тој дојде без можноста гласачот да се регистрира посебно за различни избори, ако во ист ден се гласа на два процеси.
И, проблемот се надмина. ДИК плати 450 000 евра преку договор во четири очи, а германската фирма инсталираше надграден софтвер. Но, еден анономен допис до нашата редакција не поттикна одблиску да ја погледнеме целата постапка.
Прво оп, па скок
Хронологијата на настани покажува дека политичкиот договор за двојни избори се случи на 4 декември 2023 година. Но, набавката на потребната надградба не е вметната ниту во првичниот, ниту во изменетиот годишен план за јавни набавки на Државната изборна комисија за 2024-та.
Понатаму, во гостување на ТВ Сител на 16 февруари, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, изјавува дека фирмата „Дермалог“ веќе работи на решение на проблемот.
„Тоа се промени, нели, надградба на систем, односно софтвер. И поради тоа потребно е време. Не може веднаш, јас и тогаш мислам дека спомнав дека ни кажаа партнерите дека се потребни 60 дена, односно два месеци… така што, од тогаш не се поминати уште месец дена. И они работат на тоа решение. Кога ќе биде готово, ќе дојдат и ќе ни го презентираат и тоа ќе биде завршено, јас тогаш реков дека – има решение и дека е едноставно решението. Така што нема да биде проблем. А тоа е многу важно за овие членовите на избирачки одбори и општинските изборни комисии кои ќе имаат обуки како да се спроведува тоа, меѓутоа лесна е постапката“,
изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на гостувањето на ТВ Сител на 16 февруари 2024 година.
Проблемот се јавува во хронологијата. Имено, Даштевски говори дека се работи на решение уште на 16 февруари, а договорот за работите е потпишан речиси еден месец подоцна – на 12 март 2024 година.
Како „Дермалог“ работел на решение, ако претходно немало договор – и за работата што треба да се заврши и за цената?
Консултации и итна набавка
Овие дилеми ги адресиравме прво до Државната изборна комисија. На прашањето – како се работело на решение без претходно да се склучи договор, го добивме следниот одговор, во кој се вели дека се консултирани експерти, но не се спомнува „Дермалог“.
„ДИК одговорно уште пред формално распишување на изборите започна да превзема активност за стручни консултации со ИТ-инжинери и професори за да се добијат мислења за начинот и можностите за прилагодување и функционирање на биометрискиот систем и негово адаптирање согласно одлуката за одржување на различни избори во ист ден. Целта беше да се задоволат сите законски услови и процедури за наједноставно спроведување на гласањето и да се овозможи и гарантира прегледност на податоците како и да се гарантира правото и можноста на граѓаните согласно својата волја слободно да се изјаснат на изборите. После направените стручни припреми, ДИК имаше законска обврска да пристапи кон отпочнување постапка за овозможување законска и наменска употреба на системот, а истата е спроведена транспарентно по распишување на изборите согласно сите законски процедури пред надлежни институции“,
ни одговорија од Државната изборна комисија.
Иако, како што велат од ДИК, почнале со подготовки и пред време, на прашањето зошто набавката не е дел од годишниот план за јавни набавки, одговараат дека на крај постапката е спроведена како итна. Во таков случај, планот за јавни набавки не мора да се менува.
„Постапката се спроведе под услови на итност и согласно член 6 став (2) од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки истата не треба да се внесе во годишниот план за јавни набавки, а ова дотолку повеќе што отпочнувањето на постапката се наложи по носење на Годишниот план за јавни набавки по програма 21 со спроведување на истата по итност“,
соопштија од ДИК за „360 степени“.
Дополнително, велат од ДИК, обезбедиле транспарентност со тоа што одлуката за избор ја објавиле во делот од страницата на Бирото за јавни набавки наречен „Известување за доброволна транспарентност“, па засегнатите трети страни можеле да се жалат.
Следната адреса на која се обративме беше Државната комисија за спречување на корупцијата. Ни одговорија дека веќе имаат случај.
„Државната комисија за спречување на корупцијата има оформено предмет по доставена пријава за јавна набавка на Државната изборна комисија и склучен договор со фирмата ‘Дермалог’. Постапувањето по предметот е во тек“,
ни одговорија од ДКСК.
Преплатени батерии?
Подетален коментар за начинот на кој е надграден системот во ДИК побаравме и од експерти за антикорупција. Во Транспаренси интернешнл разговаравме со претседателот Благоја Пандовски. Тој смета дека е логично прво да има договор, па потоа да се испорача услугата или доброто.
„Секако, значи пред финализација на оваа соработка која треба да следи по еден формален документ, договор за испорачување на овие услуги, точно е дека се остава еден одреден сомнеж бидејќи настапува на некој начин да речам сомнеж за прејудицирање на изборот на овој орган, значи пред официјалното потпишување на договорот“,
изјави Благоја Пандовски, претседтел на Транспаренси интернешнл
Но, Пандовски го разгледал договорот и од содржински, а не само од формален аспект. Една од ставките е набавка на 500 батерии за уредите за биометриска идентификација. Тој ги побарал и успеал да ја најде спецификацијата за тоа каква батерија користи уредот SVT5008.
„Е сега, доколку малку се прочепка, односно се види со што се занимава компанијата „Дермалог“ ќе се види дека тие не ги произведуваат овие батерии. Значи, најверојатно батериите се производ на некој друга фирма. Така што, се поставува прашањето, зошто овие батерии се набавени од Дермалог, односно се дел од оваа набавка? Инаку, чинам дека станува збор за околу 2 милиони, 2 милиони и 500 илјади денари кои доколку се поделат со еден уред, од овие 500 уреди коишто се набавени, произлегува дека некаде вредноста на еден уред е околу 79 евра. Ако се прогугла на интернет и се побара на оние официјални страници Амазон и така натаму, колку би чинела една ваква батерија, па може да се дојде до цена од 5 евра нагоре, па докај 15-20. Меѓутоа, сепак, оваа цена која е платена е доста висока. Е сега јас не прејудицирам нели дека тука има некои недостатоци, за тоа треба да се погрижат официјалните органи“,
вели Пандовски.
Батериите не се единствениот трошок кој е тешко да се процени колку е оправдан. На пример, ставката 1 која е наречена „Прилагодување на имплементираниот интегриран систем за биометриска идентификација со негова надградба“, а од што може само да се претпостави дека е самото софтверско решение, чини 8 888 999 денари, или околу 145 000 евра.
А цената за инсталација на софтверот во уредите за биометриска идентификација кои се на самите гласачки места е околу 60 евра по апарат, или вкупно 240 000 евра. Прашавме во ДИК колку време било потребно за надградба на софтверот на еден апарат. Не ни одговорија децидно.
„Подготовката на уредите за биометриска идентификација за користење на денот на изборите, претставува процес со поголем број редоследни активности на имплементација и контрола каде се вклучени повеќе лица од ДИК, а согласно претходно изготвен План за реализација. Комплетниот процес на подготовка на УБИГ апаратите завршува за максимум 10 дена за сите уреди“,
одговорија од Државната изборна комисија.
Или, немаше ниту збор колку време трошеле експертите на „Дермалог“ за еден апарат. На прашањето, пак, дали за активностите биле ангажирани подизведувачи, од ДИК ни одговорија дека „Дермалог“ не ги известил дека ќе ангажира други компании.
Обвинителството не најде криминал во првиот тендер
Ова не е првпат државните органи да се занимаваат со набавките на ДИК од „Дермалог“. Претходниот состав на Антикорупциска поведе постапка по првиот тендер за набавка на фингерпринт-уредите од 2021 година вреден 11,2 милиони евра. Процесот заврши со иницијатива за кривично гонење и извештај во кој, меѓу другото, е заклучено дека:
– не е спроведен вистински тест за прифаќање и квалитативен и квантитативен прием, без што не смеела да се исплати сумата на набавката од околу 11 милиони евра;
– една од фирмите подизведувачи почнала да бара контакти за набавка на фингерпринт уште пред да се објави првиот тендер за такво нешто;
– домашните подизведувачи имаат сомнителни трансакции кон правни и физички лица по завршувањето на тендерот и друго.
И „360 степени“ истражуваше на оваа тема. Откривме дека локалните подизведувачи оствариле неверојатни финансиски резултати во годината на набавката. На пример, профитот на фирмата „Симболико“ скокнал од 20 000 на 380 000 евра во таа 2021 година, за веќе следната, првата година по тендерот, да се врати „по старо“ на 18 000 евра.
Другиот подизведувач, „Алфазет-М“ од Горно Седларце, во годината кога го добиле и реализирале тендерот, има приходи од 1,3 милиони евра, од кои на крајот на годината како профит ѝ останале речиси 1 милион (960 000 евра)! Веќе следната година, вкупниот приход на оваа компанија паѓа на само 56 000 евра.
Каква е судбината на предметот во обвинителството, по сите овие наоди, не ни беше познато се до вчера, кога од Државната комисија за спречување на корупцијата ни пренесоа дека предметот е затворен.
„На 21.2.2024 година доставена е информација дека во рамки на предметот биле преземени предистражни дејствија при што произлегло дека за истиот кривично-правен настан веќе е оформен друг предмет поради што двата предмети се споени и дека на 14.2.2024 година е донесена резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција“,
ни одговорија од ДКСК.
Подоцна, потврда добивме и од обвинителството. Ја прибрале целата документација, работеле и со Управата за финансиска полиција и со Управата за финансиско разузнавање.
„По анализа на севкупната прибрана документација произлегува дека ДИК спровела постапка за јавна набавка на Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите согласно Законот за јавни набавки и по склучување на договорот помеѓу договорните страни истиот бил целосно реализиран, така што на ниту една од договорните страни не била причинета штета, ниту пак била прибавена корист“,
соопштија од Јавното обвинителство.
На нашата покана за изјава се одѕва поранешната претседателка на ДКСК, под чија капа беше завршен предметот за „Дермалог“. Не го криеше своето разочарување.
„Навистина ми е жал. Досега, од целокупната наша работа единствено што излезе еден посилен предмет беше за спортските ваучери. Од толку многу иницијативи, жално е што ова се случува. Што да кажам, секој си има своја одговорност, тоа е одговорност на обвинителството“,
вели Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК.
За изјавите на претседателот на ДИК дека се работеле на решение пред воопшто да се склучи договор за јавна набавка, смета дека треба да се проверат.
„Изјавата што ја дава претседателот на Државната изборна комисија е вербален исказ којшто во случајот треба да се потврди со поткрепувачка документација. Дали тој мисли дека ќе се подготвува или се подготвува, дали глаголот го згрешил, времето и така натаму, тоа не е основа за обвинение, меѓутоа е црвено знаменце и остава простор за сомнеж, кој повторувам, ќе треба да се поткрепи со соодветна документација. Дали има работни налози и други документи кои ќе укажат, дали се работело пред да се склучи договорот“,
вели Ивановска.
И сега и за набавката од „Дермалог“ од 2021 година, Државната изборна комисија и претседателот Александар Даштевски го бранат ставот дека се е направено согласно закон.
Претходниот состав на ДКСК јавно образложи зошто смета дека не се согласува со тоа, а актуелниот допрва треба да се изјасни за новата набавка.