Весна Вуловиќ – стјуардесата што падна од 10.000 метри, и преживеа

Неверојатната приказна на Весна Вуловиќ почнува на 26 јануари 1972 година со планираното застанување во Копенхаген, во улога на 22-годишна стјуардеса на летот на југословенската авиокомпанија ЈАТ од Стокхолм до Белград. Не требало да биде таму, се сеќава таа. Имала кратко работно искуство од само 8 месеци, а на списокот се нашла по грешка, на местото на друга стјуардеса која исто така се викала Весна.

Таа мала грешка тотално ќе и го смени животот…

Како што подоцна во ретроспектива ќе раскаже, сé во хотелот како да мирисало на несреќа, и сите нејзини колеги и колешки како да претчувствувале дека ќе се случи нешто лошо, освен таа. Таа била млада и радосна – првпат била во Копенхаген. Тогаш сé ѝ се чинело убаво.

Но подоцна исто така ќе се сети и на доручекот со еден од своите колеги – Ратко Михиќ, кој тогаш нонстоп зборувал за своите син и ќерка, „како само тој да има деца на светов“. „Како да чувствуваше дека веќе нема да ги види“, ќе рече во ретроспектива Вуловиќ.

Несреќата

По еден час од полетувањето од Копенхаген, авионот тип Douglas DC-9 експлодирал над чешкото село Српска Каменица, последица на подметната бомба, наводно (двајца новинари во 2009-та тврдеа дека авионот бил по грешка соборен од чешките воздухопловни сили). Се смета дека бомбата била подметната токму во Копенхаген, но никогаш ништо не се докажа и никој не беше уапсен.

Како и да е, како последица на експлозијата, останатите 27 патници биле „исшмукани“ од внатрешноста на авионот. Сите до еден загинале. Весна, меѓутоа, завршила заглавена од количка за послужување во опашката на авионот, која продолжила да паѓа од висина од 10.000 метри, во услови на температури солидно под нулата.

Опашката паднала во близина на селото, на стрмна падина со многу дрва и покриена со дебел слој од снег. Дрвата го забавиле лизгањето по стрмнината, а снегот послужил да го ублажи финалниот пад. Да не биле такви околностите, денес немаше да пишуваме за стјуардеса што преживеала.

Но ете, Весна била најдена од шумарот Бруно Хонке – Германец и поранешен воен доктор, кој знаел како да ѝ го третира крварењето. Потоа во најбрзо време била пренесена во болница.

Во болница поминала 10 дена во кома. Имала фрактуриран череп, два скршени прешлени, скршена карлица, скршени ребра, и двете нозе. Била привремено парализирана од половината надоле.

Подеднакво неверојатно како и досегашниот дел од приказната, по релативно кратко време Весна успеала целосно да се опорави, па дури и да се врати на работа во истата авиокомпанија истата таа 1972 година, и тоа со барање повторно да биде вратена на истата позиција – стјуардеса. Страв од летање немала – резултат на тоа што ја изгубила сета меморија околу несреќата.

„Првото нешто на кое се сеќавам е кога ги видов моите родители во болницата. Зборував со нив и ги прашував зошто ме донеле во Словенија (мислев дека сум во Словенија бидејќи пред Копенхаген ја посетив Љубљана)“, раскажува таа во едно интервју од 2002-ра година.

ЈАТ, меѓутоа, одбиле да ја вратат на старата позиција, со образложение дека сé уште не е доволно опоравена за такво нешто. Вуловиќ, пак, смета дека се плашеле да не привлечат дополнително внимание кон инцидентот, па затоа решиле да ја чуваат „во сенка“. На крајот завршила на канцелариска позиција, но продолжила периодично да лета во текот на животот, како патник.

Во 1985 година, Вуловиќ влезе во Гинисовата книга на рекорди, за преживеан највисок пад без падобран. Во Србија ја славеа како национален херој, а почести доби дури и од Тито. Пејачот Мирослав Илиќ ѝ посвети и песна – „Весна стјуардеса“.

Вуловиќ била родена на 3-ти јануари 1950-та година во Белград. Решила да стане стјуардеса кога видела своја пријателка облечена во униформа на ЈАТ. Си помислила: Зошто не и јас?

18 години по сите тие премрежија, авиокомпанијата ја присилила да се пензионира затоа што ги убедувала своите соработници да не гласаат за Слободан Милошевиќ. Да, Вуловиќ ја користела својата популарност во демонстрациите против Милошевиќ, кој умре во затвор додека му се судеше за воени злосторства и злосторства против човештвото.

За животот и „среќата“

До крајот на својот живот Вуловиќ живееше разведена, со мала пензија, во мал стан во Белград, со своите три мачки. Почина на 23 декември 2016-та, на возраст од 66 години. Мртвото тело ѝ го нашле соседите откако ја скршиле вратата, бидејќи Весна не одговарала на повиците…

За луѓето што не ја познаваа, Весна важеше за неверојатен среќник. Титулата Гинисов рекордер во преживеан пад од најголема висина дефинитивно придонесува во тоа. Но Вуловиќ не се согласуваше дека среќата имала било каков удел во нејзиното преживување на падот од 10.000 метри.

„Ако имав среќа, никогаш немаше да ми се случи таа несреќа, а мајка ми и татко ми уште ќе беа живи“, изјави во едно интервју. „Несреќата ги уништи и нивните животи подеднакво. Можеби само сум родена на погрешно место. Можеби на лошо место“.

 

- Реклама -