Вештачката интелигенција ќе нѐ направи подобри луѓе

Аксу на самитот ги предизвика учесниците да размислат за тоа дали сме подготвени за вештачката интелигенција, а во интервју за Трн.мк рече дека тој лично е голем оптимист за новата технологија.

„Новите технологии ни даваат време. Тие се временски машини. А повеќе време значи повеќе време за разговори. Повеќе време значи подобро конференции. Повеќе време значи повеќе квалитетно време со семејството, со пријателите, повеќе време за хоби. Мислам дека нашата цивилизација, нашето општество ќе напредува, бидејќи ќе добиеме повеќе време. Јас сум голем оптимист за вештачката интелигенција. Мислам дека ВИ ќе ни помогне да станеме подобро луѓе и поефикасни луѓе“ рече Аксу.

Осврнувајќи се на тоа како вештачката интелигенција ќе влијае на пазарот на труд, Аксу рече дека технологијата нема да замени работни места, туку ќе преземе дел од нашите обврски на работните места. Според него, со вештачката интелигенција ќе станеме многу поефикасни, што ќе ни ја олесни работата.

Во врска со етичките предизвици кои доаѓаат со развојот на вештачката интелигенција, Аксу истакна дека таа може да биде опасна доколку се најде во рацете на погрешни луѓе.

Прочитајте и:  Мора да инвестираме во образование и регулација за ВИ да не нѐ остави на улица

„Тогаш може да креира лажни вести, може да прави deep fake на социјалните медиуми, може да манипулира берзи, финансиски пазари, може да автоматски да бомбардира, со дронови и други системи и може да прави и други штети“ рече Аксу и додаде дека треба да се стават црвени линии и граници на вештачката интелигенција за да се ограничи.

Тој исто така предложи и формирање на регулаторно тело, слично како телата за контрола за нуклеарни истражувања, со цел да се контрола вештачката интелигенција за таа да не излезе од контрола.

AI Tech Summit се одржа на 3 и 4 октомври во Скопје, кога во земјава дојдоа најпрогресивните умови од светски реномирани компании, кои ги споделија своите увиди за тоа како вештачката интелигенција ги трансформира индустриите и ја обликува иднината.

- Реклама -