Достапноста на интернетот и можноста за коментирање на информативните сајтови овозможија секој кој ја чита веста пред виртуелната јавност да изнесе сопствени впечатоци и мислења за настаните. Така, коментарите на вестите на интернет порталите се вистинска ризница од градежен материјал на еден интересен феномен кој е предмет на интерес на социјалната психологија.
Ако прочитаме вест за сообраќајна несреќа, речиси сигурно е дека ќе се појави мислење како самиот возач е крив за сопствената повреда или смрт, бидејќи возел под дејство на алкохол или над дозволената брзина. Не е невозможно и некој да напише дека и неговите сопатници се делумно одговорни што самите настрадале, бидејќи требало да проценат дали е безбедно да се возат со такво лице.
Постои сличен образец кој е вообичаен и кога се работи за жена што преживеала силување или физичко насилство, особено ако била во блиски односи со насилникот: луѓето ќе претпостават дека таа можела и требало да ја препознае таа особина кај него и да реагира на време, или дека веројатно направила нешто што довело до тој чин. Ако пак, се зборува за некој кој е болен од тешка хронична болест, луѓето често ќе се запрашаат како тој се хранел, дали вежбал и дали е пушач.
Верувањето во праведен свет
Припишувањето на одговорност на возачот за доживеаната несреќа доаѓа од механизам кој социјалните психолози го нарекуваат „верување во праведен свет“. Ова верување се базира на претпоставката дека животот е уреден на логичен начин и дека на немилите настани секогаш може да им се најде „причина“ т.е. причинско-последично логично објаснување.
Со идентификување на причините, луѓето имаат впечаток дека на некој начин ги контролираат таквите настани т.е. ги држат под контрола: веруваат дека ако претходно не направат нешто од постапките кои ги поврзуваат со несреќниот исход, тие немили настани никогаш нема да им се случат. При овој главно одбранбен маневар, целосно се изоставуваат низа ситуации во кои „причината“ и „последицата“ не се поврзани, т.е. оние настани кои не можат да бидат објаснети со тоа дека „некој го заслужил тоа што му се случило“. А такви настани реално постојат, ако не се и најчестите.
Одбранбеноста на ваквата грешка во расудувањето се базира на преовладувачкиот страв од неизвесноста и непредвидливоста на животните ситуации. Ако пристапиме со верувањето дека нешто можеме да предвидиме, стравот и неизвесноста се намалуваат. Меѓутоа, кога тој што верува во праведен свет ќе добие информации што не се поклопуваат со ова верување, почнуваат да работат ирационалните механизми – како што се порекнувањето и рационализацијата, и на тој начин влијаат и тие информации некако да се вклопат во наводната причинско-последична врска, без да го нарушат верувањето дека постои некаков иманентен животен поредок.
Денес, за еден од видовите на овие искривени перцепции е востановен и специјален назив „окривување на жртвата“ (victim blaming). За многумина, ставот со кој се напаѓа и вината се бара во жртвата е комплетно несфатлив, бидејќи знае да дојде и од луѓе што лесно се идентификуваат со жртвата (како на пример, една силувана жена да рече дека друга силувана жена е самата виновна за тоа што ѝ се случило). Сепак, нештата стануваат појасни ако таквиот став се согледа како метод на умот за да се одбрани од стравот и непријатноста што произлегува од фактот дека несреќата би можела да му се случи и нему.
На оваа тема се направени многу истражувања, почнувајќи уште од седумдесеттите години на минатиот век. Со цел подобро разбирање на феноменот, проверувани се и многу корелации, односно што сé е поврзано со тоа некој да биде склон кон вакво објаснување на настаните. Верувањето во вишата правда е заедничко за многу култури, а се сретнува и во форма на народни изреки. Кај нас, можеме да го препознаеме во „што ќе посееш, тоа ќе жнееш“, „си го бараше, си го доби“ и слични.
Иако верувањето во праведен свет е заедничко за многу култури, постојат некои правилности: значајно е почесто во општествата каде постојат големи економски и статусни разлики. На пример, во истражувањето на Фурнам спроведено во неколку земји во 1993-та, највисоки резултати се добиени во Јужноафриканската Република и Индија, а најниски во Велика Британија и Израел.
Истражувањата покажуваат дека припадниците на повисоките слоеви во тие општества се во поголема мера склони да ги обвинуваат сиромашните како виновни за својата финансиска ситуација. Ова е до толку изразено што сé повеќе и почесто читаме совети за тоа како да го „подесиме“ сопствениот мајндсет како кај богат човек, демек само во тоа лежи зајакот – совети што се директно базирани на гореспоменатата предрасуда. Со придавањето на особини како мрзеливост, неиницијативност или неснаодливост на лицата со понизок економски статус, (дел од) богатите на несвесно ниво се борат со товарот на екстремните разлики меѓу нив и сиромашните. Од друга страна, лицата од пониските економски слоеви во многу поголема мера ја воочуваатнепредвидливоста на животните ситуации и признаваат дека постојат бројни фактори на кои не можеме да влијаеме.
Предрасуди
Истражувањата покажуваат дека културолошки разлики по однос на верувањето во праведен свет можат да се најдат и во рамките на населението на една иста држава (САД), ако културите се од различно потекло: испитаниците Азијати покажале помала склоност кон верување во праведен свет, за разлика од оние кои не се од азиско потекло. Овој наод се објаснува со тоа што колективните култури имаат повеќе разбирање за ситуационите фактори, па заради тоа помалку припишуваат индивидуална одговорност за настаните.
Некои автори најдоа поврзаност и меѓи некои особини на личноста и склоноста кон верувањето: заклучокот е дека личностите со десничарски ставови и авторитарна структура го ублажуваат своето доживување на светот како полн со закани – со цврсто уверување дека жртвите на несреќите се самите одговорни за преживеаните настани. Освен тоа, најдени се и позитивни корелации со религиозноста. Овие резултати укажуваат на тоа дека верувањето во праведен свет може да се комбинира и со други ставови и предрасуди, а и да биде засилено од нив.
Една од темите во кои овој начин на мислење е особено истакнат се заразните болести, особено СИДАта. Оболените од сида и заразените со ХИВ често се соочуваат со предрасуди и дискриминаторско однесување на заедницата, каде владее мислењето дека тие самите се одговорни, па и виновни за својата болест. Притоа често се упатени предрасуди околу сексуалната ориентација или болестите на зависност.
Дека предрасудите и верувањето во праведност на светот одат рака под рака, покажаа и реакциите на големите елементарни непогоди, како што беа цунамито во 2004-та година кое зафати неколку азиски земји, или големиот земјотрес на Хаити во 2010 година. Овие настани масовно беа проследени со коментари дека жителите морале подобро да ги обезбедат градените куќи, со оглед на тоа дека живеат на ризично трло. Беа правени и споредби со Јапонија, каде земјотресите наводно се помалку разорни заради феноменалното проектирање на градбите. Во ваквата перцепција се занемаруваат низа фактори, како што е на пример степенот на развиеноста на земјата, додека припишувањето на одговорноста често е проследена со етнички и расни стереотипи.
На крајот, теоретичарите се согласуваат дека верувањето во праведен свет е функционален и здрав механизам на соочување со трауматичните настани. Се покажа дека лицата кои ова верување го применуваат на себе, подобро го поднесуваат стресот и се помалку склони кон депресија. Навистина, неговата одбранбена моќ е неспорна, и во самиот назив го содржи објаснувањето дека е во служба на справување со неизвесноста и непредвидливоста на светот.
АМА, како начин на перцепција на другите, оваа грешка во тумачењето на настаните може да биде кобна по жртвите на трагичните настани. Било да е во прашање широката јавност или одредените професии кои работат со жртвата, многу е важно да се подигне свеста околу погрешната перцепција на причините за насилството или катастрофите, со што реалната правда и навистина би се достигнала.