Верувале или не: Скопје се кандидирал за „Зелена престолнина на Европа 2021“

21 град од 14 европски земји ќе се натпреваруваат за признанијата European Green Capital 2021 и European Green Leaf Awards 2020. Интересот меѓу европските градови бил голем, а тоа го потврдува фактот што меѓу градовите апликанти дури 13 се дебитанти.

Целта на натпреварот и признанијата е да се препознаат и наградат пионерските достигнувања и напори на градовите во обид да ја подобрат локалната животна средина и квалитетот на воздухот.

И сега доаѓаме до смешниот дел, што не значи дека е шега: Скопје е еден од деветте града што се кандидати за Европска зелена престолнина, т.е. European Green Capital за 2021 година, заедно со Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вастерас (Шведска).

Финалистите ќе ги избира панел од 12 независни, меѓународно признати експерти, кои ќе прават техничка оценка на секоја од апликациите. Апликациите ќе се оценуваат по 12 критериуми тесно поврзани со животната средина (или ако сакате, според 12 индикатори кои укажуваат на квалитетот на истата). Тоа се:

• намалување/ублажување на климатските промени
• адаптација на климатските промени
• одржлива урбана мобилност
• одржливо користење на почвата
• природа и биодиверзитет
квалитет на воздух (!!!)
• бучава
• отпад
• вода
• зелен раст и еко-иновација
• енергетски перформанси
• управување

Прочитајте и:  Рекордна загаденост на воздухот во Њу Делхи - 60 пати над максималниот праг

За наградата „Европски зелен лист 2020“, пак, ќе се натпреваруваат: Авињон (Франција), Капосвар (Унгарија), Лапенранта (Финска), Лимерик (Ирска), Маирена дел Алкор (Шпанија), Мекелен (Белгија), Оливеира до Хоспитал (Португалија), Свиштов (Бугарија), Сентеш (Унгарија), Валмиера (Летонија), Виана до Кастело (Португалија) и Врање (Србија).

Апликациите за оваа награда експертскиот панел ќе ги оценува врз основа на шест полиња тесно поврзани со животната средина:

• климатски промени и енергетски перформанс
• одржлива урбана мобилност
• природа, биодиверзитет и одржливо користење на почва
• квалитет на воздух и бучава
• отпад и циркуларна економија
• вода

Финалистите за двете награди ќе бидат соопштени во април 2019-та, и потоа секој од нив ќе го презентира својот случај пред меѓународно жири. Жирито ќе ги оценува според три општи критериуми:

• посветеноста на одржлив (зелен) урбан развој,
• капацитетот да се биде пример за другите градови,
• и стратегијата за комуникација и вклучување на сопствените граѓани

Победниците ќе бидат соопштени на официјална церемонија во јуни во Осло – градот избран за „Европска зелена престолнина 2019“.

- Реклама -